Уметност со истражувачки дух и особен уметнички вкус

Кон концертот на пијанистката Елена Костовска
 
Нашата пијанистка Елена Костовска, оваа година го бележи 25 годишниот јубилеј од остварената концертна и уметничка дејност. Средбата со публиката по овој повод беше реализираниот  рецитал,  одржан на 2 октомври во инспиративната концертна сала на Пијано Центар, под покровителство на Министерството за култура на Р.С.Македонија.

Уметничка дејност започната со стекнатото образование во нашата средина – средното музичко училиште „Илија Николовски-Луј“ во пијано класата на проф. Драгољуб Апостолов и Факултетот за музичка уметност во класата на проф. Тодор Светиев, а потоа надградена со завршени постдипломски студии на Високата школа за музика во Есен – Диузбург, Германија во класата на проф. Бернард Вамбах, учеството на натпревари во нашата земја, Бугарија и Италија, како и учества на бројни мајсторски школи кај познати странски педагози и пијанисти Владимир Крпан, Евгениј Корољов, Арбо Валдма, Жени Захариева и Питер Фојхтвенгер  со кои остварува плодна соработка, Елена Костовска во текот на изминатите 25 години успешно ја гради и со континуирана концертна активност и реализирани низа концерти на нашата музичка сцена и на концетните подиуми во повеќе европски земји со одржани концерти во Германија, Солун, Софија, Пловдив и Лондон. Во овој пeриод пијанистката Елена Костовска го издаде своето прво ЦД, а од 2019 година е почесен член на Фондацијата „Томислав Зографски“, исторемено остварувајќи посветена педагошка дејност во ДМБУЦ „Илија Николовски-Луј“, Скопје.

Претставената програмска концепција на овој концерт упатуваше на многу внимателна подготовка и истенчен истражувачки сенс кон создавањето и интерпретацијата на концертната програма. Оваа карактеристика е дел од творечката личност на пијанистката Елена Костовска, континуирано во текот на нејзиното дејствување.

Ги проследивме композициите „Песна на цвеќето“ од Г. Ланге, Соната оп.7 во е - мол од Е. Григ. Сегментот кој секако претставува позитивно изненадување во одбраната програма  меѓу останатите дела е изборот  и изведбите и на поемата „Кон пламенот“ со која Елена Костовска ги одбележи 150-те години од раѓањето на композиторот А. Скрјабин, како и  композициите „Мазурка глисандо“ од кубанскиот композитор Е. Лекуона ( 1895-1963), „Лебедова песна“ од британскиот композитор Х. Фаржеон  (1878-1948) и свитата „Книгата на Инчи“ од турскиот композитор А.А. Сајгун (1907-1991). Овие творби,  на концертот со изведбата на Елена Костовска беа премиерно изведени во Скопје.

Сето ова, свечениот момент го обележи со невообичаен печат и изведба на досега непретставени пијанистички дела во нашиот град, што особено соодветствуваше со одбележувањето на  јубилејот – 25 години концертна дејност и интенцијата на пијанистката Елена Костовска кон истражувањето на пијанистичката литература и постојано сериозно професионално надградување. Тематската иновативност и определеност на програмата го потврди  ерудитивниот пристап на пијанистката во нејзината изведба.
Од различното преплетување на музичките елементи, во изведбата на делата пијанистката Елена Костовска создаде единечна врска помеѓу композиторовите записи и публиката, воведувајќи ги во музичкиот израз на делата, постепено градејќи убави уметнички целини во кои оствари пристап со  посебност кон изведбата на музички дела, ликови, приказни, игри, сонови... со разни тонско - колоритни впечатоци.

Во нивната изведба Елена Костовска успеа да претстави  посебно доживување во кое впечатокот и концентрираноста ги насочи кон опсежна поетско – уметничка студија за балансиран пијанистички звук и музичко доживување во потполност задлабочено во секоја поединечна музичка приказна на делата, водејќи ја публиката низ доживеаните сензации за музичките мазурки, лебедова песна, приспивните песни и песни за цвеќето, приказните, игрите и патувањата кон сложената и обемна сонорност и остварената музичка мисловност на Скрјабиновата поема „Кон пламенот“  и јасното тонско и фактурно толкување на Сонатата оп.7 од Е. Григ.

Во целина концептот кон романтично програмска определеност на претставените композиции, Елена Костовска ги изведе со интензивна музичко-поетска интенција во која техниката, динамиката, темпата, паузите и другите елементи беа подредени кон изразено музикално и суптилно обликување на делата.
Всушност, изведбите на делата и според програмската подреденост и според импресивните представи на содржината на делата, пијанистката Елена Костовска во текот на концертот од почетокот до крајот на изведената програма ги градеше мошне инспиративно со постепено акумулирање на емотивната комплексност и раст на емоционалниот израз.

Рециталот по повод 25 години концертна дејност, претствуваше заокружена, продлабочена и интересна интерпретација која пијанистката Елена Костовска ја исполни со единствена концепција и особен уметнички вкус.
 
Мирјана Павловска Шулајковска

 

Галерија