Рецитал на пијанистот Арсениј Ангелески на „Златна лира“

На годинешново шеснаесетто издание на фестивалот „Златна лира“-2022 гостин на Подиумот на млади уметници беше пијанистот Арсениј Ангелески, добитник на прва награда во Це-категорија, пијано, на престижниот меѓународен натпревар „Охридски бисери“, што се одржа во јуни во Охрид. Особено е важно што во програмскиот концепт на фестивалот една од концертните вечери е посветена на најдобро пласираните млади македонски музички уметници на „Охридски бисери“ што секако претставува важен придонес во афирмацијата на нивните концертни кариери. Седумнаесетгодишниот пијанист Арсениј Ангелески од Прилеп, инаку ученик во Државното музичко училиште во Битола, во класата по пијано на проф. Татјана Божиновска со освојувањето на првата награда во својата категорија, беше единствен македонски учесник во финалниот концерт на победниците на натпреварот „Охридски бисери“ и добитник на наградата на СМУМ, а неговиот успешен настап беше особено високо оценет и од стручната комисија и од публиката во црквата Св. Софија во Охрид. Покрај оваа, во својата биографија, Арсениј Ангелески веќе има забележителен број награди од меѓународни натпревари, учества на мастер класи со реномирани професори и многу концертни настапи.

Програмата за рециталот на „Златна лира“-2022 ни го претставува како уметник со афинитет кон пиеси со нагласено романтичарска содржина и сензибилитет: Шопеновата втора Балада оп. 8 во Еф-дур, Етидите оп. 2 бр. 1 и оп. 8 бр. 12 од Александер Скрајабин, Листовата „Унгарска рапсодија“ бр. 11 во а-мол, а во таа стилистика секако се вклопува и Бетовеновата „Патетична“ Соната оп. 13 во це-мол. Настапот на Арсениј Ангелески во Музејот на македонската борба, беше одличен приказ и спој на особено талентиран млад уметник во чија изведба несомнено е вградена внимателно водена професионална едукација од страна на неговиот педагог по пијано, проф. Татјана Божиновска. Младиот пијанист покажа прецизно промислена изведувачка концепција што соодветствува со стилските специфики на делата од Бетовен, Шопен, Скрјабин и Лист. Иако е во фаза кога сеуште го обликува своето музичко образование, Арсениј Ангелески свири со цврсто поставена клавирска техника, естетски надградена со суптилно обликуван тон. Она што посебно плени во неговиот настап е што со одмереност на зрел музичар го креира динамизмот во фразите, го следи ритмичкиот пулс, создава сталожени психолошки паузи и на тој начин зрачи со уверливост дека во детали ја познава формата и идејата на делата што ги изложува.

Програмскиот колаж сочинет од исклучително познати клавирски композиции и впечатливата интерпретација беа доволен предизвик публиката во салата со внимание да го проследи концртот, отсвирен во еден здив.  Би издвоиле дека Арсениј Ангелески  посебно сугестивно ја изведе „Патетичната“ Соната од Бетовен во која прозвучија сите оние важни „Бетовеновски“ динамички контрасти со енергични, а сепак култивирани „врвови“ во Sforzando и нагли суптилни „пијанисима“ што секако придонесоа да ја долови потребната драматика во првиот став. Вториот став беше одраз на неговиот музикалитет, пресликан во префинето обликуваната мелодија, а Рондото го отсвире со особена чистота и бистрина на пасажите што му дадоа полетност и леснотија во изразот. За Шопеновата „Балада“ во Еф-дур би забележале дека младиот пијанист несомнено има изведувачки капацитет за таа сложеност на фактурата, но има сеуште простор делото да го доработува до постигнување на позрела и почиста изведба и во техничка и во интерпретациска смисла. Таа констатација се однесува и на Етидата оп. 2 бр. 1 од Скрјабин, додека пак Етидата оп. 8 бр. 12 Ангелески ја исполни мошне цврсто и енргично, покажувајќи добра основа, но и наклоност кон изведба на крупна пијанистичка техника.

Слободната форма и агогика, полна со бујна артикулација и допадлива ритмичко-мелодиска структура во препознатливиот „цигански“ манир на Франц Лист во единаесеттата „Унгарска рапсодија“, се чинеше дека младиот уметник ги доживува како предизвик во кој ужива и со задоволство го покажува својот виртуозитет. Извесната минимална мемориска несигурност и технички нејаснотии во пиесите, кои пијанистот вешто ги надминуваше, не влијаеа на целосниот позитивен впечаток што преовлада на крајот на концертот. Следејќи го уметничкиот растеж на нашиот талентиран млад пијанист Арсениј Ангелески, од него очекуваме уште поуспешни концертни остварувања во иднина. А гостувањата на успешните млади уметници ги забележуваме како вистинско освежување во програмата на Фестивалот „Златна Лира“.
 
Викица Костоска Пенева
Фото: Татјана Божиновска / facebook

 

Галерија