Кон концертот на Љубиша Кировски – виола и виолина на „Златна лира“ 2022
Слушајќи го солистичкиот концерт на виолинистот Љубиша Кировски на годинешнава „Златна лира“-2022 ми се наметна размислувањето за преиспитување на поимот програмска музика. Наједноставно кажано кога музичката материја се стреми со било какви изразни симболи да долови асоцијации за некоја надворешна содржина, тоа се поврзува со идејата за програмска музика. Од обична имитација на конкретни звуци, тонско сликање, па сè до користење препознатливи мотиви кои индиректно создаваат алузија на некакви расположенија, сцени... Во историјата на музиката, особено од деветнаесеттиот век па наваму, филозофските текови даваат спротивставени тежненија, во едни превагнува мислата за чистотата на музичката материја ослободена од надворешни примеси (таканаречената апсолутна музика) и концептот кој вели дека секоја музика во својата суштина има вонмузичка содржина. Но неспорно е едно, дека музиката со своето влијание има моќ да создава естетско доживување, или поконкретно да оствари емотивна перцепција кај оној кој ја восприема. Овие размисли ми беа важни како појаснување кон идејата дека одредени музички творби и крации имаат поизразита моќ да предизвикаат силни емотивни реакции кај публиката.
Концертот на Љубиша Кировски имаше форма што вибрира меѓу солистички рецитал, музичка драма со дефинирани ликови, уметничка ликовна изложба на тонски слики и демонстрација на невројатно виртуозна интерпретација на виола и виолина. Најнепосредно, уметничката креација што Љубиша Кировски ја создаде на овој по многу нешта несекојдневен концерт, би можела да ја поврзам со легендарната приказна за Џузепе Тартини кому на сон му дошол ѓаволот, му прикажал жестоко виртуозно свирење на виолина и тој морал тоа сновидение да го преточи во една од наубавите но и најсложени творби за виолина, Сонатата во ге-мол позната како „Ѓаволски трилер“. Очигледно уметничкиот дух живее во надарените уметници и се пренесува, без разлика дали е 1713 или 2022! Поривот е ист. Особено беше впечатливо да ги слушнеме четирите ставови на оваа пред сè божествено убава музика (како вовед во концертот) во интерпретација за виола, во соло верзија каде наместо оригиналното континуо, Кировски исклучително автентично додавајќи басова линија, типично барокна орнаментика и дискретни, но оригинални импровизации, освен тоа што нè врати во уникатниот, елегантен стил на музичкиот барок, покажа завидна виртуозност, достојна за „ѓаволските трилери“. Веќе сме сигурни, со секој нов проект, сите аспекти на музичката инетрпретација кај него се остварени, интонативна прецизност, мисловна концентрација и над се култивирана тонска емисија и смирено вибрато. Љубиша Кировски, покрај прочистениот виртуозитет како инструменталист, во улога на аранжер претстави и префинето познавање на суптилните обележја на барокниот стил, вешто прикажувајќи ги токму безбројните трилери, орнаменти, сложени пасажи, но и една одмерена агогика без навлегување во некакво романтичарско толкување на сонатата (како познатата преработка на Крајслер).
Втора „слика“ на „музичката изложба“, беше „Песната“ за соло виола од македонскиот композитор Томислав Зографски. Тоа беше уште едно одлично потсетување и толкување на оваа топла композиција од зрелиот период во творештвото на авторот, создадена во 1983 година кога тој се осврнува кон фолклорот. Инспирирана од повеќеслојноста на концертот на Љубиша Кировски што ме наведува на мисла дека креативниот дух се пренесува меѓу уметниците во просторот и времето, се навраќам на еден исказ од композиторот Томислав Зографски за македонското наследство, поточно народната песна. Тој ќе забележи: „...да изнајдам начин како да ја овенчам со златен ореол, таа да се претвори во лик достоен за почит, пред кој, како верниците в црква што се поклонуваат пред ликот на Света Дева Марија, така и ние да се поклониме на таа чудесна песна...“ Претставувајќи го најсуптилниот кадифен тон на виолата што по својата мекост умее да се доближи до човечкиот глас, Кировски ја отсвире „Песната“ за виола инспиративно и докажа дека врвните македонски уметници треба да бидат најдоследни пренесувачи на македонското музичко наследство.
Сосем контрастно звучеа „Осумте пиеси“ за соло виолина од рускиот композитор, виолинист и актер Алексеј Игудесман што го означија крајот на концертот. Тоа претстваува уште едно жанровско подрачје на кое Љубиша Кировски со задоволство се навраќа во концертите остварувања последниве години, бидејќи таа естетика му овозможува да ја долови другата страна од неговиот уметнички вкус, која тежи кон популарните стилови на дваесеттиот век. Тоа се шармантни, весели, но мошне технички сложени пиеси, што во основата носат ритми на танци, страствено танго и фламенко, забавен фанк... Интерпретацијата на Љубиша Кировски укажува дека тој има одличен сенс да го долови тој подвижен, танцувачки карактер во пиесите, да ја размрда публиката да танцува и да ужива во музиката. Но неизоставно терба да се потенцира, дека остварувањето атрактивен настап на соло виолина или виола, не ни малку лесна задача. Во основата лежи изразито чисто совладано повеќегласие, што бездруго не е „природна средина“ на гудачките инструменти, а во кое Кировски се движи природно и со леснотија.
Во разноликата ревија од „звучни слики“ како што лично го доживеав концертот на Љубиша Кировски на „Златна лира“, несомнено централно место имаше премиерната изведба на делото „Македонски триптих“. Овој пат фасцинацијата ја насочувам кон неговата улога како композитор, автор на циклус сочинет од ставовите со илустративни наслови „Гајда“, Кавал“ и „Зурла“ што непосредно укажуваат на програмноста што ја содржат. Делото го доживеав како една величествена ода на сè она што може се нарече македонски музички фолклорен идиом. Пренесувајќи го верно, на моменти речиси идентично тонот, бојата на симболите на македонската народна инструментална музика на виола, Љубиша Кировски без задршка во еден здив, го даде сиот свој творечки потенцијал напластен низ годините активно свирење, вежбање и „нуркање“ во сите финеси на виолината и виолата кои низ искуството сè повешто ги испреплетува и открива нови звучни димензии. Во тие истражувања, минативе години, ги вклучуваше сонатите на барокниот композитор Хајнрих Бибер, па не изненадува тоа што во новото време и тој трагајќи по боите на македонските традиционални инструменти, експериментира со невообичаени штимови на виолата. Како и барокниот мајстор Бибер, така и Кировски, звукот на гајадата, кавалот и зурлата успеа верно, речиси неверојатано да го добие во скодратура штим, а со тоа да создаде таков звучен набој и уникатна енергична вибрација, што „видливо“ ја допре публиката која со овации ги поздрави возбудливите пиеси. Несомнено уметникот Љубиша Кировски е во таква творечка и кондиција и беспрекорно ниво на изведба, што може да си дозволува и други, нови трагања, кои би обединувале безвременски комбинации на стилови и жанрови обединети низ боите на виолина и виола.
Освен сето ова, посебно е важно да се нагласи дека „Македонскиот триптих“ има лично, емотивно значење за уметникот Љубиша Кировски зашто е посветен на неговиот татко, ама претставува и своевиден омаж на звуците од детството обоени точно со симболите на Шар планина, гајдата, кавалот и зурлата.
Потестувајќи уште еднаш дека овој концерт со мултимедијален колорит, кај публиката создаде силен визуелен импулс од рефлексии на слики, звуци и танци, веројатно извориштето го пронаоѓа во некоја длабока духовност. Во секој случај ефектот од таа нагласено програмска содржина беше врвно естетско доживување во ранг на подвиг и не знаеме дали бил ѓавол или ангел тој што на Љубиша Кировски му дошол на сон, но кој и да бил, нека му дојде и друг пат.
Останува уште едно согледување - вредните музички случувања од ваков формат во голема мера остануваат недоволно забележани од поширока слушателска публика.
Викица Костоска Пенева
Фотографии: Панда Зографска Беличанец