Осврт кон промоцијата и концертот за книгата „Пиеси за обоа и пијано“ од Васил Атанасов

За поздравување е идејата на здружението Сојуз на музичките уметници на Македонија, на фестивалот „Златна лира“ – 2022, во рамките на редовната концертна програма, да вклучи и еден поинаков настан. Станува збор за средбата со нашиот реномиран обоист Васил Атанасов, кој на „Златна лира“ ја претстави својата книга со наслов „ Пиеси за обоа и пијано“ – македонски фолклорни теми. Тоа е учебник што опфаќа преработки на познати македонски народни песни и ора за обоа и пијано.

Вечерта беше осмислена како презентација на книгата со изведба на избрани 10 композиции, а како солисти настапија Васил Атанасов на обоа, во пијано придружба на Катерина Гелебешева Костадиновска. Авторот пред присутната публика во салата на Музејот на македонската борба, се обрати со куси осврти и ги сподели своите размислувања за идејата околу настанувањето на книгата, впечатоците од колегите музичари, рецензентите и значењето на учебник од ваков вид во нашата културна средина.

Без сомнеж, остварувањето на идејата да се подготви збирка пиеси за обоа на македонски фолклорни теми, го цениме како исклучително важно издание, пред сè во сферата на музичкото образование, а секако и за збогатување на литературата за инструментот обоа, бидејќи кај нас во Македонија, генерално недостасуваат учебници и помагала за сите музички инструменти на македонски јазик. Дотолку повеќе е важно што книгата „Пиеси за обоа и пијано“ од Васил Атанасов, покрај едукативната компонента содржи петнаесет наслови, преработки на народни теми и две авторски композиции на Атанасов, повторно со македонски фолклорни мотиви. При анлизата на збирката, во однос на стилската обработка, ќе забележиме дека во дел од песните, како „Ајде слушај, слушај“, „Татковинска“, „Со маки сум се родил“, „Кажи ми кажи Катинке“, „Болен ми лежи“, „На Струга дуќан да имам“, „Не си го продавај Кољо чифликот“, „Дафино вино црвено“, и орото „Пајдушко“, без отстапки е спазена автентичната мелодиска линија и е додадена едноставна, хомофона клавирска придружба. Според укажувањата на авторот Атанасов, тие пиеси се наменети првенствено да ги изучуваат ученици од основни и средни музички училишта што го изучуваат инструментот обоа. Додека композициите „Мелодија и игра“, „Билјана, тема со варијации“, „Фантазија на фолк тема“ и „Тешкото – фрагмент од балетот „Македонска повест“, покрај фолклорната содржина имаат и оригинален авторски печат, кој главно со едноставна техника варирање, на маклу посложен начин ги обработува познатите мелодии и со тоа, усложнувајќи ја нивната техничка компонента, ги прави соодветни за понапредни изведувачи и студенти на музичките академии. Се забележува дека во пиесите акцентот е ставен на мелодиската линија на обоата, (поради целта, да се изучуваат и свират првенствено во образовниот процес за инструментот обоа) додека пијанистичката делница има исклучиво придружна функција и ја сочинуваат наједноставни хармонски решенија во класичен хомофон слог. Како сугестија би забележале дека во некое ново издание на збирката во иднина, би можело да се направи покомплексна разработка на клавирската придружба, која на песните би им додала звучен волумен и тежина, а со тоа би се збогатил целокупниот впечаток за нив. Најважен аспект на книгата секако е што ова е пионерски потфат, пишано да се создадат обработки на македонски народни теми за инструментот обоа, а тоа е неспорен придонес во негувањето на нашето богато музичко културно наследство. Покрај ученици и студенти, пиесите преку пишаната партитура може да допрат до многу обоисти ширум светот кои на тој начин најнепосредно ќе ја запознаат нашата музичка традиција.

Со цел да се добие права слика за книгата „Пиеси за обоа и пијано“, обоистот Васил Атанасов и пијанистката Катерина Гелебешева Костадиновска изведоа дел од пиесите, а во композицијата „Фантазија на фолк тема“ како гостин настапи Антонио Весковски на удиралки. Со оглед на фактот, што и двајцата уметници, се наши истакнати музичари со изградени концертни кариери, а дел од тоа се и нивни досегашни заеднички настапи, изведбата на овој концерт беше усогласена и збогатена со одмерена интерпретација и динамика.

Тоа беше уште еден убав настан на фестивалот „Златна лира“ – 2022, пријатна средба на уметниците со публиката, која солистот Васил Атанасов, овој пат го запозна во улога на композитор.  Праксата уметниците-солисти да создаваат дела за инструментот што го свират е честа во историјата на музиката и некои од најпознатите и најизведуваните дела се напишани токму од мајсторите на својот инструмент.
 
 
Викица Костоска Пенева