Марко Јосифоски – виолина и Смиља Јосифоски – пијано од Србија на „Златна лира 2022“

Концертот на камерното дуо Јосифоски во Музејот на македонската борба, беше настан што ја потврдува традицијата на фестивалот „Златна лира“ секоја година да имаме гостувања со уметници од странство. Марко Јосифоски е истакнат српски виолинист (со македонско потекло) кој има завидна концертна кариера во Србија, но настапувал и на бројни подиуми во целиот свет. Како камерно дуо со неговата сопруга, пијанистката Смиља Јосифовски се добро познати и кај нашата публика во Македонија низ солистички настапи но и со гостувања со Македонската филхармонија. За ова издание на „Златна лира“ – 2022, дуото избра познати виолински дела од: Тартини, Бетовен, Чајковски и Барток, доволно податливи да ја претстават нивната интерпретациска замисла, ама и да го пленат вниманието на поширок слушателски аудиториум.

Концертот започна со Сонатата оп. 1 бр. 10 во ге-мол „Напуштена Дидона“ и беше уште едно убаво потсетување (после Сонатата „Ѓаволски трилер“ што ја слушнавме во извонредната изведба на Љубиша Кировски) на венецијанскиот маестро Џузепе Тартини. Дуото Јосифоски со изведбата на оваа Соната од 1731, (едно од многуте ремек-дела за виолина на авторот), ги претстави најсуптилните обележја на неговиот елегантен барокен стил и италијанската музичка естетика од тоа време.  Toa беше воздражан, а сепак доволно свечен манир во смирените ставови, првиот Andante и особено во третиот Largo и енергичен во вториот и завршниот став во темпо Allegro. Суштината на делото пред сè во бавните секции, заради поврзаноста со оперската уметност, е што е можно повеќе да се долови cantabile на виолина – фразите да бидат „испеани“ во долги легато линии „под едно гудало“. Зашто идејата на Тартини, во согласност со неговите длабоко хуманистички, уметнички тежненија е да го доближи звукот на виолината до „живиот“ вокал. Токму таа „вокална“ експресија ја слушнавме низ изведбата на Марко Јосифоски во Сонатата „Дидона“, интонативно и технички чиста со одмерени динамички контрасти и одважен сценски настап во благороднички став. Пијанистката Смиља Јосифоски, следејќи ја ритмиката и „здивот“ на виолината само ја дополни сликата за барокот на Тартини, толку емотивен и поетичен.

Без сомнение, тежиштето на концертот беше Бетовеновата Соната во Еф-дур, оп. 24, која според неговите естетски визии е алузија на пасторални сцени од природата, па затоа подоцна е насловена како „Пролетна“. Тоа беше одлична композиција, двајцата уметници да ја покажат својата музикалност но и афинитет кон брилијантниот раноромантичарски стил на Бетовен. Низ рамноправни „дијалози“ на виолината и пијаното ја слушнавме оваа комплексна творба прецизно „дотерана“ со беспрекорно бистри фрази и богата динамика. Двајцата уметници ја отсвиреа сонатата со умерена, сепак видлива експресија:  познатата лирска прва тема со долга мелодија што се „прелева“ од виолината во пијаното и хроматската разработка во сонатниот прв став, „распеан“ втор став, шеговито – сепак енергично Скерцо, пасторално Рондо во стил на старинско француско „Бурè“. Тука имаше сè што е неопходно да се прикаже автентичниот карактер на Бетовен: лиризам, драматика, хумореска, контраст.  На моменти се слушаа и отклонувања од темпото, сосем адекватни со цел да се постигне посакувениот ефект при промената на различните мелодиски карактери и ликови. Важно е да се нагласи дека „Пролетната соната“ во изведба на дуото Јосифоски, првенствено наликуваше на „Хајдновска“ класика, наспроти некои други понагласено романтичарски, би рекле патетични изведби од други уметници. Тоа би го назначиле како поприкладно толкување со оглед на фактот дека таа е создадена во 1801 година, време кога Бетовен стилски сеуште се врзува со изразните принципи на Хајдн и Моцарт.

Во продолжение, интересно беше да се слушне со каква артикулација виолинистот Марко Јосифоски ја интерпретира познатата тема во „Меланхоличната серенада“ оп. 26 од Чајковски, нетипично, со дозирано non legato и умерено vibrato, што повторно (како и кај Бетовен) создаде слика за едно воздржано, култивирано толкување на оваа изразито романтичарска творба. Би забележале дека токму тој израз на виолинистот му овозможи да ја постигне потребната ламентозност при креирањето на главниот мелодиски мотив во темата. 

Завршен дел на концертот на дуото Јосифоски, беа Бартоковите „Румунски танци“, отворено фолклорни по содржина, весели и енергични, често изведувани и во оркестарска и во верзија за пијано. Факт е дека пиесите треба да создадат атмосфера на некаков разигран панѓур, но омаменоста на Барток со народниот мелос, ни малку не ја намалува неговата прецизност и јасност на музичката структура. Во таа смисла, „Румунските танци“ во изведба на дуото Јосифовски звучеа нејасно, со извесни ритмички разидувања меѓу виолината и пијаното што создаде делумно хаотична и неразбирлива слика за формата и ликот на ова колоритно дело.

Сепак, во целост, програмата составена од два сонатни циклуси и последователните контрастни пиеси,  на концертот на „Златна лира“ ни ги претстави Марко и Смиља Јосифоски како уметници кои внимателно одбираат репертоар што го презентира нивниот исполнителски потенцијал. Технички солидно подготвени, со усогласена поврзаност меѓу виолината и пијаното, несомнено како плод на квалитетно зедничко музицирање и богата концертна активност. Специфика што ја забележавме на концертот на „Златна лира“ дека го дефинира стилот на дуото Јосифоски, несомнено е поставеноста на звучниот сооднос меѓу виолинската делница на Марко Јосифоски и придружбата на Смиља Јосифоски: таа е фино балансирана, со дозирано предимство на виолинскиот звук што соодветно варира во согласност со разноликоста на музичката подлога. Нивниот настап беше складен и успешно оствари флуид со публиката.
 
Викица Костоска Пенева
Фотографии: Панда Зографска Беличанец

 

Галерија