На 31-ви октомври, традиционално како и секоја година, во Концертната сала во Музејот на македонската борба се одржа Свеченото затворање на фестивалот „Златна лира“, што по шеснаесетти пат се одржа во организација на Сојузот на музичките уметници на Македонија. Годинешново издание ни донесе девет, програмски богато осмислени концертни остварувања и високо квалитетни изведби, што веќе со сигурност ја дефинира „Златна лира“ како исклучително важен фестивал за нашите репродуктивни уметници, но и особено значаен настан од областа на културата кај нас. Вообичаено, завршниот концерт е прилика за доделување на највисокото признание што го доделува СМУМ, наградата „Златна лира“. Во име на македонските музички уметници, претседателот на здружението и воедно најзаслужен за организацијата на фестивалот, нашиот реномиран виолинист Љубиша Кировски, наградата „Златна лира“ за животно дело му ја додели на кларинетистот и педагог по кларинет, проф. Иван Кочаров, а награда за едногодишна работа и врвни достигнувања во концертната активност ја доби кларинетистот Ристо Ѓоревски. Во своето обраќање, Љубиша Кировски зборуваше за кариерата на проф. Иван Кочаров како истакнат концертен уметник, камерен музичар, кларинетист на позицијата прв кларинет во Македонската филхармонија и долгогодишен редовен професор на Факултетот за музичка уметност во Скопје. Проф. Кочаров со емотивен говор и потсетување за сите најзначајни моменти во неговиот животен и творечки пат, се заблагодари за наградата, истакнувајќи дека му е најдрага, бидејќи ја добива од колегите, уметници. Кларинетистот Ристо Ѓоревски (меѓу другото, еден од 90-тината дипломирани студенти во класата на проф. Кочаров) кој во изминатата 2021 година оствари особено богата концартна активност во Македонија и во странство, заблагодарувајќи се за наградата истакна дека „Златна лира“ е најдобар репрезент за дејноста на музичките уметници кај нас.
Во продолжение следуваше концерт на камерното трио „Аура“ кое како и во 2019-та година го затвори фестивалот. За овој наш камерен ансамбл што години наназад успешно гради концертна активност на домашната но и на многу сцени во странство, ќе забележиме дека има оформено еден автентичен музички лик што во себе обединува специфичен репертоар но и изразито експресивна интерпретација. За оваа пригода, триото „Аура“ одбра програма составена од сродни пиеси во повеќе нивоа и слоеви на структурата. „Баладата“ за флејта, фагот и пијано од францускиот композитор Шарл Лефевр, „Триото“ за истиот состав од италијанскиот оперски композитор Гаетано Доницети, „Дуетот“ на Вердиеви теми за флејта и фагот во пијано придружба од уметниците на доцниот италијански романтизам флејтистот Пјетро Морлачи и фаготистот Антонио Ториани, „Триото – Танц на шумите“ (оригинално за флејта, алт флејта и пијано) од современиот холандско-американски композитор на телевизиска и филмска музика, Херман Беефтинк и композицијата „Ој ти момче, Охриѓанче“ од македонскиот флејтист и композитор Иван Терзиев во аранжман за флејта, фагот и пијано од диригентот и композитор Владимир Димовски, сите тие композиции, повеќе или помалку ги обединува извесна романтичарска содржина, во пошироката смисла на тој поим. Одредена стилска специфика, исто така присутна во пиесите е што овозможуваат ритмичка слобода, rubato, до ниво на ad libitum компоненти, во која уметниците од триото „Аура“ особено се пронаоѓаат.
Во „Баладата“ на Лефевр (дело што триото го изведе и на концертот на „Златна лира“ во 2019-та година) дојде до израз усогласеноста на членовите на ансамблот. Со цврстина на зрели и искусни уметници тие ги доловија пасторално-лирските обриси на оваа мелодична композиција во која постигнале доволна зрелост за да ја свират сосем релаксирано. Занимливо беше да се проследат „Триото“ од Доницети и „Концертантниот дует“ од Морлачи-Ториани, како парафрази на италијанскиот „бел канто“ оперски стил, кадешто улогата на вокалните арии е пренесена во линиите на фаготот и посебно флејтата. За изведбата на суптилните реминисценции од италијанските салони во деветнаесеттиот век, триото Темков, Милошевски, Гацева, покажаа особен афинитет и со својата интерпретација ги истакнаа главните одлики на тој лесен, допадлив стил – грациозност и кокетност и ги отсвиреа со богато тонско нијансирање во ариозните фрагменти, што создаде впечаток на театарски амбиент. Треба да се нагласи дека „Триото“ од Доницети е творба од неговиот ран младешки период и всушност претставува најава на негвата естетика, што во зрелите оперски дела („Лучија ди Ламермур“ – флејта и „Љубовен напиток“ – фагот) ги експонира токму флејтата и фаготот во најпознатите арии. Триото „Аура“ ја претстави пиесата во отмен и благороен манир. од А композицијата „Танц на шумите“ за миг нè пренесе во имагинативниот, филмски свет на Беефтинк. Тоа беше една фина претстава на динамични токатни мотиви во пијаното на Гацева и хармонични унисони делници меѓу флејтата на Темков и фаготот на Милошевски. Секогаш откривањето помалку познати пиеси со разновидна жанровска обоеност, а при тоа во изведба на музикални уметници како што се членовите на ансамблот „Аура“ претставува особено доживување за публиката.
Познатата песна „Ој ти момче, Охриѓанче“ авторска, (од нашиот истакнат флејтист и долгогодишен член на оркестарот за народна музика во Македонската телевизија Иван Терзиев) но сосем обнародена кај нас, ја слушнавме во оригинален и современ аранжман од Владимир Димовски, а триото ни ја претстави покажувајќи доволен сенс за фолклорната подлога но и за современата експресија која го надградува базичниот мотив.
Концертот на „Златна лира“ уште еднаш ни го претстави Триото „Аура“ како состав од тројца уметници, секој со своја аура и персоналитет, обединети во хармонична музичка целина. Ана Гацева ја дава базата и длабочината на нивниот звук, но она што посебно во нејзината интерпретација е естетски обликуваната агогока во пијаното што вешто ги води или пак ги следи дувачките делници, во согласност со насоките на партитурата. Страшо Темков, е прецизен особено музикален флејтист, а неговиот водечки настап во триото, јасно ја истакнува бистрината и мелодичноста на неговиот инструмент. Фаготот на Милошевски, иако со повремени отстапки од интонацијата, ја даде токму онаа фина „кадифена обвивка“ преку мекиот тембр на фаготот, што всушност му дава специфична препознатлива боја на триото „Аура“. Видливата поврзаност меѓу уметниците создаде интерпретација на зрели, искусни уметници, што на овој концерт пленеа со сигурност и го потенцираше нивното заедничко уживање во чинот на создавање музичка креација. За дополнителен шарм на концертот, уметниците на бис ја изведоа „Есен“ од миленикот на публиката – Астор Пјацола.
Викица Костоска Пенева
Фотографии: Панда Зографска Беличанец / лична архива