Во рамките на богатата програма што годинава имавме прилика да ја проследиме на фестивалот „Златна лира“- 2022, свој настап имаше и пијано – дуото „Гелебешеви“. Катерина и Глигор Гелебешеви веќе долга низа години се познати уметници во сферата на класичната музичка сцена кај нас. Пред сè тие се наметнуваат во полето на камерната музика како пијано – дуо, но остваруваат и успешна концертна активност со други уметници. Во нивната примарна формација, (пијано – дуо „Гелебешеви“) двајцата пијанисти покажаа дека низ заедничкото музицирање, своите евидентни музички индивидуалности успешно ги хомогенизираат во одлична интерпретативна целина.
Изборот дела за концертот на „Златна лира“-2022, естетски наполно се движеше во стилот на музичкиот романтизам, со оглед на тоа што ги слушнавме Шубертовата „Фантазија“ оп. 103 во еф-мол, Дворжаковите „Словенски танци“ оп. 46 бр. 2 и оп. 72 бр. 8 и 1 – (исклучително романтичарски пиеси) , а во тој манир се вклопи и „Малата свита“ од раното творештво на Клод Дебиси која и покрај тоа што во структурата ги содржи инвентивните хармонски тенденции, модалноста, невообичаените модулации и акорди, сепак по својата едноставност и безгрижна мелодичност многу повеќе припаѓа кон доцниот француски романтизам. Овој програмски концепт му овозможи на пијанистичкото дуо да креира една префинета интерпретација, во детали да ги долови стилските особености на избраните пиеси и да создаде атмосфера на спонтаност и свежина пред присутната публика во концертната сала.
Без конкретна алузија кон некого, тука ќе си дозволам да дадам едно лично видување во однос на клавирското дуо – четирирачно свирење, како камерен состав што кај многу уметници е ризичен бидејќи, злоупотребувајќи ја повеќеслојноста и звучната силина на инструментот многу често не успеваат се справат со таа примамлива моќност и ефектот е вулгарен, пренагласен звук и невкусна грубост. Зашто многу е тенка линијата што ги раздвојува оркестарската бујност која пијаното галантно може да ја понуди, од тонско напаствување што за жал често ја слушаме кај четирирачните изведби. Во настапот на овој концерт, како и на поранешните концерти, пијано – дуото „Гелебешеви“ внимателно го постигнува токму тој тонски баланс што од клавирот создава оркестарски волумен. Особено впечатливо ја донесоа изведбата на тематски, едно од најубавите дела за четирирачно пијано од епохата на романтизмот, воедно пијанистичко ремек-дело на авторот – Шубертовата „Фантазија“ во еф-мол. Разновидните ликови (изразито лирски теми, комплексни пунктирани акорди, трилери, полифони прелевања) во сите фрагменти на оваа технички мошне сложена композиција во изведбата на „Гелебешеви“ ги слушнавме цврсто и мајсторски дотерани. Додавајќи го кон тоа и видливо емоционалниот аспект во изведбата поткрепен со драматуршки осмислена концепција и над сè грижата за тонскиот колорит и динамичките градации, недвосмислено ја слушнавме „Фантазијата“ во полн сјај.
Наспроти Шубертовата „Фантазија“ како централна пиеса и тежиште на концертот, во „Малата свита“ од Дебиси и шармантните ставови „Во бротчето“, „Поворка“, „Менует“ и „Балет“ звучеа ведро и ги содржеа сите оние ритмички бранувања, толку важни за стилот на имагинативниот свет на најголемиот сликар меѓу музичарите, додека во Дворжаковите „Словенски танци“ истакнувајќи ги сите артикулациски и агогички средства, го доловија танцувалниот славјански фолклорен манир, а сите тие пиеси беа одличен разигран контрапункт, и донесоа убав спој со поетичноста во „Фантазијата“.
Концертот на пијано-дуото „Гелбешеви“ во наполно оптимистички дух го заокружи ова особено успешно шеснаесетто издание на „Златна лира“ и само уште еднаш ни потврди дека сите македонски музички уметници што ги слушнавме годинава, достоинствено заслужуваат секаква пофалба.
Викица Костоска Пенева
Фотографии: Глигор Гелебешев / лична архива / facebook