Дел од програмската содржина на годинешниов фестивал „Модоарс“-2022 беше концертот на камерниот оркестар „Профундис“ од Скопје, а како солист настапи нашиот реномиран кларинетист Бранко Павловски. Концертот се одржа на 22 ноември во салата на Музејот на македонска борба во присуство на одбрана публика. За оваа пригода, уметниците се определија за стилски разновидна програма со дела од Моцарт, Чајковски, Пучини, Шнитке и Бритн. Публиката што ги следи настапите на оркестарот „Профундис“, (ќе се потсетиме на одличното претставување на годинешново „Охридско лето“) може да посведочи за квалитетниот уметнички развој на ансамблот што несомнено е заслуга на уметничкиот раководител, диригентката Ѓурѓица Дашиќ и посветените членови на оркестарот. Во таа смисла, секоја средба со овој полетен камерен оркестар, претставува ново естетско доживување.
Концертот започна со единствениот Моцартов Концерт за кларинет и оркестар во А-дур, К622, една од неговите најубави, зрели композиции, создадена само два месеци пред неговата смрт, во историјата на музиката означена како „лебедова песна“ на големиот гениј и последното негово довршено дело. Покрај фактот што Концертот во А-дур се смета за прва значајна композиција создадена за кларинет (во тоа време, 1791 година, релативно нов инструмент) и неодминлив дел од стандардниот репертоар за секој професионален кларинетист, во современата музичка култура, ова ремек-дело е мошне популарно заради својата безвременска убавина и претставува музичка придружба во многу филмски остварувања (“King’s speech”, “Out of Africa”...) А изведбата на кларинетистот Бранко Павловски во придружба на оркестарот „Профундис“ ги содржеше сите обележја, важни за Моцартовиот елегантен класичен стил: чиста и јасна техничка подлога, ритмичко-артикулациска прецизност и над сè грациозност. Во однос на солистичката делница, треба да нагласиме дека кларинетистот Бранко Павловски педантно ја протолкувал партитурата, обрнувајќи внимание на сите технички предизвици и интерпретациски финеси во оваа толку позната композиција. Во првиот и третиот став Allegro, слушнавме одлично изведени брзи пасажи, нагли, интонативно чисти скокови во оддалечените регистри на кларинетот, типични за ни малку едноставната фактура во нотниот текст на овој Концерт. Мошне уверливо и подвижно, кларинетистот, технички сложените секвенци ги изведе со леснотија и бистар израз, при тоа заокружувајќи ги фразите со одмерено динамичко нијансирање и ненападна агогика. Во вториот став, возвишеното Adagio пак, во целост дојде до израз уметничкиот сензибилитет на Павловски, тој долгите мелодски фрази ги обликуваше во сите нијанси на “piano” при што особена умешност покажа во креирањето мек “sotto voce” звук, со што оствари воздржана, сепак длабоко инспиративна интерпретација. Тука би додале дека своето естетско поимање за генијот на музичкиот класицизам, солистот Бранко Павловски го насочува пред сè во обликувањето топол, „заоблен“ тон во кларинетот, без било какви непотребни агогички сензации, со главен фокус кон профилирање на бистрината во изразот, што бездруго придонесе оваа божествена музика да ја доживееме со сета нејзина експресија и емоција. А очигледно начинот на кој Павловски го толкува Моцарт, потполно чист и одмерен е само потварда за една квалитетна долгогодишна музичка едукација која обединува повеќе познати европски и американски школи за кларинет, но и солидно концертно искуство што пак рефлектира технички и стилски префинета изведба. Минорниот ритмички дисбаланс во дувачката секција во оркестарот беше покриен со адекватна жанровска интарпретација и доминантен звук на солистот и гудачката секција, со што целосната звучна слика за Концертот во А-дур беше цврста и усогласена.
После Моцарт, следуваше настап на оркестарот „Профундис“, па така овој концерт, според својата динамика го доживеавме како една балансирана дводелна музичка форма, во која првиот дел го обои звукот на кларинетот на Бранко Павловски, а вториот претставуваше колаж од Серенадата за гудачи на Чајковски, Пучиниевите „Хризантеми“, шареноликата „Полка“ на Шнитке и четирите става од Варијациите (на тема од Бриџ) на Бенџамин Бритн. Иако стилски и жанровски сосема разнородни, сите овие извонредни композиции, оркестарот „Профундис“ ги изведе во еден здив, при тоа нагласувајќи ја спецификата на секоја поодделно. Во првиот став од Серенадата – “Pezzo”, веројатно највозбудливата пиеса за гудачи во епохата на романтизмот, тоа беше една страствена моќност на унисониот, но и полифон универзум на Чајковски. Кај „Хризантемите“ од Пучини (во кои патем ужувавме и изминатово лето во магичниот амбиент на Св. Софија во Охрид) ја слушнавме онаа длабока меланхолична елегија, која Пучини така интимно ја претставува во оваа негова емотивна посвета кон загубениот пријател. Наспроти нагласено романтичниот принцип на Пучини, прозвучи гротескно-танцовата раскалшност во „Полката“ од Алфред Шнитке, а за заокружување Бритновите - Марш, Романса, Виенски валцер и “Bouree Classique”! Тоа беше ревија од контрастни емоции и текстури како одраз на уникатната програмност во јазикот на британскиот мајстор на оркестрација – Бенџамин Бритн. Особено жестоко и сугестивно прозвучи последниот извадок од варијациите “Bouree Clasique”, со посебно впечатливо виолинско соло на концерт-мајсторот Климент Тодороски. Во сите пиеси, оркестарот беше на ниво на поставената задача и покажа висок професионален критериум во креирањето на музичката изведба. Неодминливо ја истакнуваме улогата на маестра Ѓурѓица Дашиќ која цврсто стои зад диригентскиот пулт, покажува одлична сигурност како во познавањето и обележјата на музичката материја, така и во енергичното преточување во сугестивна гестикулација и движење што секако ги понесува членовите на ансамблот во остварување уверлива интерпретација. Од „Профундис“ очекуваме нови возбудливи концертни вечери и го означуваме како сериозен ансамбл што исполнува мошне важен простор во сферата на камерното музицирање кај нас.
Викица Костоска Пенева
Фотографии: Панда Зографска Беличанец / Фондација Зографски