Кон концертот на камерното дуо „Арт-Вангард“ Циклус концерти – „Про музика“

Со концертот на камерното дуо „Арт-Вангард“, што се одржа на 30 декември во Музејот на македонската борба, Сојузот на музичките уметници на Македонија ги заокружи активностите за 2022 година, потврдувајќи уште еднаш дека тоа здружение има најзначајна улога во промоцијата и афирмацијата на македонските музички уметници од сферата на класичната музика кај нас. Дел од важните активности на СМУМ, покрај фестивалот „Златна лира“, претставува и организацијата на циклусот концерти „Про музика“ чија цел е да се претстават што повеќе музички настани и уметници во сите градови низ Македонија.

Уметничкиот состав „Арт-Вангард“ го сочинуваат унгарската виолончелистка Агнес Калај и нашата позната пијанистка Калина Мрмевска која живее и работи во САД, а нивниот концерт беше последен за минатата година од циклусот „Про музика“. Двете уметници имаат завидни концертни кариери во Европа и во САД, како солисти, во камерни ансамбли, а исто така се бават и со педагошка дејност. Пред скопската публика дуото се претстави со внимателно одбрана програма за виолончело и пијано: две медитативни пиеси – Сонатина за виолончело и пијано од унгарскиот композитор Золтан Кодали и „Фратрите“ за виолончело и пијано од естонскиот композитор Арво Парт, потоа две изразито романтични композиции – Шумановите „Фантастични пиеси“ оп. 73 и Сонатата за виолончело и пијано оп. 36 од Едвард Григ, а ги слушнавме и недовршените Варијации за пијано соло од македонскиот композитор Томислав Зографски. Настапот на дуото „Арт-Вангард“ го забележавме како интересен спој на два слични уметнички сензибилитета што се надополнуваат и звучат одлично, вклопени во една хомогена музичка целина. Би требало да се нагласи токму складниот перформанас на дуото со оглед на тоа дека двете уметници делуваат во различни средини и не музицираат постојано заедно.

Концертната вечер започна со имагинативната Сонатина за виолончело и пијано од унгарскиот композитор Золтан Кодали (пијанистката Калина Мрмевска во кусото обраќање до публиката нагласи дека дуото секогаш за своите настапи презентира дела на автори од земјите од кои доаѓаат). Со првите звуци во клавирското „ad libitum“, сонливо – интро и префинетата тема во виолончелото, двете уметници уште на самиот почеток ни го привлекоа вниманието со префинет звучен израз и деликатно обликуван тон, претставувајќи го музичкиот јазик на Кодали во вистинското лирско расположение. Оваа Сонатина, создадена околу 1910 година е дел од најрафинираниот опус на авторот – композициите за гудачки инструменти. Ја слушнавме во чиста и јасна артикулација и суптилно динамичко боење, особено во сите нијанси на piano и pianissimo. Публиката преку изведбата на Калина Мрмевска и Агнес Калај, можеше да ужива во творечкиот импулс на Кодали (самоукиот челист) што во себе ги обединува влијанијата од модерната француска музичка естетика од почетокот на дваесеттиот век, пентатониката на Дебиси но и призвуците на унгарските фолклорни напеви од Трансилванија. Пијанистката Мрмевска клавирската делница ја свиреше воздржано, оставајќи и простор на челистката Агнес Калај да ја води речиси импровизациски поставената агогика во виолончелото од смирениот вовед кон страствената кулминација и меланхоличната завршница во Кодата. Тоа импресионистичкото „сновење“ двете уметници го постигнаа со изразито суптилно обликуван тон во пијаното и богато, сочно вибрато во делницата на челото.

Во сродно медитативно расположение како втора пиеса на концертот, дуото „Арт-Вангард“ ни ја претстави композицијата „Фратри“ за виолончело и пијано од опусот на најпознатиот и најизведуваниот композитор на денешнината естонскиот креативен гениј - Арво Парт. Слушајќи ја неверојатната убавина во делата на овој мајстор, кој ја илустрира токму универзалната и возвишена убавина на минимлистичкиот, а сепак толку продуховен  музички израз, ни се потврдува вечната вистина за непресушните хоризонти на уметничката креација и идејата дека можностите за создавење генијални музички дела изникнати од најскриените длабочини на човечкиот дух се бесконечни. Оваа уникатна пиеса го отсликува иновативниот композиторски стил создаден од Парт - „тинтинабули“. Во случајов, горниот глас поставен во репетитивни арпежи во виолончелото и минималистичка база во пијаното, овозможува звукот на челото буквално да доминира и да лебди во етерот, а комплетната звучна слика е мистична, речиси нестварна. Со сиот респект кон сложеноста на виолончелската делница и сите тие компликувани разложени акорди, жестоки двојни ноти во fortissimo и деликатни флажолети, ќе забележиме дека виолончелистката Агнес Калај, едноставно не успеа да ја досегне висината на задачата на композицијата што го одразува автентичниот свет на Арво Парт и во делот на интонациската чистота на партитурата и во делот на потребната имагинативност, толку неопходна за да се долови специфичната есенција на оваа генијална композиција.

Наспроти тоа, двете романтични композиции од Шуман и Григ  претставуваа вистинско доживувње за публиката и покажаа дека дуото Калај-Мрмевска се уметници кои во целост се пронаоѓаат во возбудливата стилистика на музичкиот романтизам. Беше задоволство да се слуша со каква техничка вештина и уиграност уметниците ја изведоа повеќеслојната партитура во „Фантастичните танци“ на Шуман. Несомнено тоа е убава музика што произлегува од неговиот темперамент, сочинет од контрастни расположенија што еуфорично се менуваат и го одразуваат неговиот внатрешен свет исткаен од немири и конфликти, но и неизмерна радост. „Фантастичните танци“ во изведба на дуото „Арт-Вангард“ ги доживеавме како транспозиција на Шумановите соништа и копнеења во поетична музика. Сите агогички назнаки што ги дава самиот Шуман, беа доловени во инетрпратацијата на дуото – нежна експресија, светли прелевања на темите од виолончелото во пијаното, а особено впечатлива беше изведбата на третата молскавична пиеса „Rasch und mit Feuer“ – точно така – брзо и огнено! Беше тоа приказ на фантастичната имагинација на Роберт Шуман, двете уметници покажаа извонредно истенчено чувство за богато, а сепак вкусно и одмерено динамичко нијансирање и избалансиран виртуозитет на пијаното и виолончелото.

Уште едно извонредно романтично дело беше на програмата како врвна точка на концертот – единствената Соната за виолончело и пијано од Едвард Григ. Таа Соната,  покрај Сонатата за виолина и клавирскиот Концерт во а-мол (со кој Сонатата за виолончело тематски и хармонски целосно кореспондира) е едно од најполнокрвните композиции во творештвото  авторот. Камерното дуо „Арт-Вангард“  во оваа композиција ги покажа своите одлични индивидуални интерпретациски перформанси – завидна техника и богат музикалитет, усогласени во една култивирана звучна целина, со тоа  илустрирајќи ги обележјата на моќната композиција – силна емоционална експресија наспроти класичниот баланс што сепак е во основата на ова жестоко ремек-дело.  

Покрај романтичните пиеси од Шуман и Григ, на програмата на концертот ги слушнавме и Варијациите за соло пијано од нашиот композитор Томислав Зографски во изведба на пијанистката Калина Мрмевска. Ова шармантно дело во карактеристичниот стил на авторот што содржи јасни алузии на неокласицистички (Моцартовски) и необарокни мелодиско-структурни обриси, е нецелосно, недовршено, поточно содржи само четири варијации. Го слушнавме во мошне прецизна и  педантна изведба на пијанистката Мрмевска, која истакнувајќи ги пунктираните ритмички мотиви го долови скерцозниот карактер. Како забелешка, пијанистката дополнително даде свое мислење композицијата да биде довршена во автентичниот стил на авторот Зографски, што секако е афирмативна сугестија.

Украс за крај, беше допадливата и страствена изведба на „Обливион“ од Астор Пјацола како бис.

Концертот на камерното дуо „Арт-Венгард“ во предвечерјето на новогодишните празници, беше квалитетен, свечен, уметнички чин што внесе оптимизам кај присутната публика и ни даде полетност во очекувањето нови квалитетни концертни остварувања во 2023 година. Веруваме дека уметниците во годинава пред нас ќе ги имаат барем базичните предуслови за нормална реализација на концертите – на овој концерт тие свиреа во потполно незагреана сала...
 
Викица Костоска Пенева
Фотографии: Панда Зографска Беличанец / приватна архива

 

Галерија