Започна седумнаесеттото издание на фестивалот „Златна лира“ – 2023. Годинава, честа да го отворат најзаначајниот музички настан што традиционално секоја година во октомври го организира Сојузот на музичките уметници на Македонија им припадна на нашите реномирани уметници Михаило Арсенски – тенор и Дино Имери – пијано. Во полната сала на Музејот на македонската борба, кадешто од 2019 се одржува фестивалот, пред почетокот на концертот, се обрати претседателот на СМУМ, виолинистот Љубиша Кировски, со најава за богата програма и настапи на седумнаесет македонски уметници во девет концертни вечери.
„Златна лира“ е веќе етаблиран како особено важен подиум на кој македонските музички уметници од нашата средина ги претставуваат своите уметнички достигнувања. Но не само за нив. Низ годините, следиме гостувања на странски музичари, како и концерти на наши, македонски уметници кои живеат и делуваат надвор од границите на Македонија.
Нашиот реномиран уметник, тенорот Михаило Арсенски, долги години живее и работи во Германија, а зад себе има остварено импресивна кариера на бројни престижни оперски и концертни сцени ширум Европа, со широк опфат оперски ролји и репертоар соло песни. Плод на неговата квалитетна едукација и пејачко искуство е и успешната педагошка дејност. Михаило Арсенски од 2018 година работи како доцент по вокално пеење на Факултетот за музичка уметност во Минстер, Германија.
За свеченото отворање на „Златна лира“, Михаило Арсенски и Дино Имери одбраа изразито рафинирана концертна програма. Соло-песните од Дебиси, Штраус, Скаловски, Зографски и Прокопиев, исполнети во еден здив обликуваа една фино избалансирана уметничка целина. Воедно, беше тоа и одлично претставување на естетскиот вкус на Арсенски, во складна релација со пијанистичката делница од Дино Имери.
Иако циклусите песни (“Beau soar” - „Убава вечер“(1891), “Les cloches” – „Ѕвона“ (1885), “Romance” (1885) од Клод Дебиси и “Frühling” – „Пролет“, “September”, “Beim Schlafengehen” – „На заспивање“, “Im abendrot” – „На залезот“ (1948) од Рихард Штраус) се создадени во различни историски контексти, донесувајќи ја мошне суптилно сродната стилистика на францускиот импресионизам и доцниот германски романтизам, уметниците Арсенски и Имери, создадоа атмосфера на потполна смиреност и контемплативност во првиот дел од концертот. Во овој дел од програмскиот концепт, (би нагласиле наменет за добри познавачи и музички сладокусци) тенорската делница, (со сложена хроматска мелодика) и пијанистичка фактура (доследно сработена со густи хроматски хармонии, посебно кај Штраус), ги слушнавме слеано, низ динамички волумен што се движеше од извонредно богат спектар на „пијанисима“ до непретнциозни „врвови“ во умерено „форте“. Михаило Арсенски во пиесите од Дебиси и Штраус покажа изразит афинитет кон деликатната естетика, демонстрирајќи го својот богат музикалиетет, изградена вокална техника, јасна дикција со мошне прецизно обликувани вокали и елегантен сценски израз. Публиката имаше одлична прилика покрај импресионистичките „бранувања“ на Дебиси, да ја слушне „лебедовата песна“ или визија за смртта на Рихард Штраус, создадена непосредно пред крајот на неговиот живот низ адекватна меланхолична интерпретација на Арсенски и Имери. Ќе додадеме дека тенорот Арсенски ги говореше текстовите на македонски јазик како вовед пред секоја песна, што секако го забележавме како убав гест кон публиката.
Во продолжение, концертната програма беше своевиден омаж на дел од најпознатите соло – песни од македонски композитори, што „живеат“ низ интерпретациите на бројни наши вокални уметници кои со задоволство им се навраќаат: „Залез“ од Тодор Скаловски, „Марика мома убава“ од Томислав Зографски и „Галебе мој“ од Трајко Прокопиев. Не залудно, бидејќи тоа се бисери од македонското современо вокално творештво и потсетник дека нашите автори суптилно го вткајуваат богатството на македонската песнопојна фолклорна традиција, токму низ соло песните. И овој пат публиката уживаше во извонредното прелевање меѓу темата од Финалето во шестата симфонија од Чајковски и нашата народна „Марика мома убава“ од композиторот Томислав Зографски, рецитативноста во мелодиската линија на Прокопиев и топлината на „Залезот“ од Скаловски. Михаило Арсенски и Дино Имери песните од македонските композитори ги изведоа експресивно, со поотворена и нагласена тонска јачина, но и со видливо задоволство.
Како бис, ја слушнавме познатата арија “E lucevan le stelle” на Каварадоси од Пучиниевата „Тоска“ - фрагмент од извонредно богатиот оперски репертоар на Михаило Арсенски.
Во техничка смисла, изведбата на мелодиските линии кај Арсенски во нискиот и средниот вокален регистар, звучи комотно и тука бистрината на гласот ја слушаме во полн сјај. Извесните надолни интонативни отстапувања во високиот регистар уметникот ги пее со одмерен фалсет, искусно и вешто прикажувајќи ги финесите на својата професионално негувана вокалната техника. Тоа е педантен уметник што внимава на секој детаљ во партитурата, пее со ненападна мимика, сепак шармантно привлекувајќи го вниманието на слушателите. Неговиот култивиран музички вкус наполно кореспондира со докажаниот уметнички перформанс на Дино Имери, кој на концертот целосно ангажирано го следеше вокалниот здив на Арсенски и го облагороди со богат пијанистички волумен.
Скопската публика го немаше слушнато уметникот Михаило Арсенски подолг временски период. Камерно дуо Арсенски - Имери би го означиле како идеален спој на два сродни музички сензибилитети, поточно искусен вокален уметник и посебно култивирана клавирска придружба. Концертот беше одличен вовед во годинешнава „Златна лира“.
Викица Костоска Пенева
Фотографии: Панда Зографска Беличанец, фејсбук профил (фондација „Зографски)