Богата концертна вечер со пијанистката Хајди Елзесер на „Златна лира“

Концертите за соло-пијано секогаш привлекуваат посебно внимание кај слушателите на Фестивалот „Златна лира“. Така беше и на втората рециталска вечер на годинешнава „Златна лира“ – 2023. Нашата истакната уметница Хајди Елзесер која живее и работи во Германија имаше одлично претставување пред публиката во Музејот на македонската борба. Присуствувавме на исклучително богато осмислен уметнички настан, во сите нивоа на програмската содржина и изведбата. Двете тематски целини содржеа музичка разгледница од Детмолд – градот во Германија кадешто Хајди Елзесер живее (како прв дел) и приказ на нејзиниот восхит од пијанистичките дела на Равел и Пуланк. Мошне занимлив репертоарски концепт, дотолку повеќе што на „темата“ Детмолд слушнавме наполно контрастни стилски експресии.

Иако музиката како највозвишена филозофска категорија сама по себе не бара никакво токување, многу е убаво кога уметникот ве води и со збор низ концертот и ви ја појаснува сопствената идеја водилка. Хајди Елзесер ни ги претстави следните дела: Пиеса за соло – пијано од цилкусот „Спектрал“ од современиот германски композитор Јорг Петер Митман - тој живее и твори во Детмолд; Четири Балади од опусот 10 на Јоханес Брамс – композиторот дел од животот провел во Детмолд каде го создал својот прв клавирски концерт; Три танци од македонскиот уметник Костадин Делиниколов – кој живее и твори во Детмолд; „Огнен пад“ од Гизелхер Клебе – истакнат современ германски композитор кој живеел во Детмолд. Овој живописен програм и нагли промени во жанровските концепти, укажуваат на една силна уметничка љубопитност што несомнено ја поседува нашата уметница.

Пиесата од Митман во нагласено перкусиона стилистика и извлекување ефекти од целиот корпус на инструментот, Елзесер ја отсвире мошне ангажирано, впуштајќи се доволно и во творечки чин на изведбата, со обзир дека во дела од ваков вид тоа е дозволиво и пожелно. Наспроти тој современ крик на нашето време, директно „се нурна“ во длабочината и мисловноста на Брамсовата естетика од деветнаесеттиот век. Четирите Балади од опусот 10, дела од неговото младешко творештво, во изведба на Хајди Елзесер ги доживеавме во еден адекватен спокоен манир. Пијанистката добро ги познава и ги интерпретира сите изразни специфики на Брамс: длабоки октавни движења, „извлечена“ полифонија и внатрешни мелодии, кантилена инспирирана од Шуман (во четвртата Балада) при тоа креирајќи ја митолошката димензија на неговиот музички јазик со богат, „сочен“ тон и сонорна динамика.
Веднаш потоа, повторно враќање во сегашноста, со трите минијатури – танци од Делиниколов - првиот и третиот танц во минималистички манир, изградени на едноставен репетитивен тематски материјал и контрастен смирен втор став и како завршница на овој дел од концертот – пиесата „Огнен пад“ од Клебе, импресија на авторот од ликовно дело што преку инвентивна тема повеќекратно пронижена низ композицијата и интензивна динамика одразува силен револт против студената војна. И во овие пиеси, пијанистката Хајди Елзесер проникнувајќи во драматичните елементи со впечатлива енергија ги пренесува суштинските пораки и идеи на композиторите.

Но сепак, творечкиот свет на Равел и Пуланк се нејзин простор во кој најсуптилно го покажува својот естетски афинитет артикулиран преку бистро профилирана клавирска техника, целосно подготвена да одговори на предизвикот на: „Барката“ и „Алборада“ (што ја слушнавме како бис) од Равеловите „Огледала“,  и „Мелнхолија“, „Импровизација“ оп. 15 (омаж на Едит Пјаф) и Токата од Франсис Пуланк. Во овие технички комплексни музички структури, Хајди Елзесер ни покажа дека поседува одличен изведувачки капацитет. Неверојатно „разбирлива“ пијанистичка артикулација, педантно „дотерана“ ситна и крупна техника, доволна да ни ги долови есенцијата и шармот на двајцата генијални претставници на француската музичка естетика, ама и лична емоционална длабочина.Видливо е дека во овие композиции Хајди навистина убаво се чувствува.

А креативната имагинација се отсликува во сите сегменти на нејзиното концертно претставување. Таа е сталожен уметник со јасна музичка мисла што уверливо ве води низ сопствената уметничка визија. Се гледаат и се слушаат вибрациите од нејзината разнолика музичка едукација, влијанијата од многу европски пијанистички пристапи, ама и лично истражување и трагање во најразличните жанрови.

Би издвиоле дека спецификата на нејзината интерпретација лежи во еден базичен музички принцип. Хајди Елзесер едноставно свири со беспрекорна ритмичка пулсација во која агогичките отстапки ги слушаме сосем природно, одмерено и со добар вкус. Слободата ја искажува низ богатиот спектар динамички нијансирања и споменатиот еклектичен програм. Музичкиот колаж од контрастни звучни расположенија, беше вистинско уметничко задоволство за публиката.

На овој концерт ја слушнавме Хајди Елзесер како автентичен уметник чија самодоверба се темели на чисто свирење, мемориска сигурност, естетски обликувана музикалност и над сé интелектуален капацитет музичкото ткиво да го отелотвори умно и впечатливо.
 
Викица Костоска Пенева
Фотографии: Панда Зографска Беличанец, фејсбук профил

 

Галерија