Една од примарните закономерности во сите стилски епохи низ музичката историја и базичен мотив на авторите низ времето е извориштето за творештво да го црпат од фолклорниот идиом, од непресушниот гениј на непознати творци, обнародени и сочувани како традиција и наследство. Тоа е природен процес за презервација на музичкото богатство од заборав. Тема со варијации, транскрипција, парафраза, препев, омаж, цитат. Бројни се формите и концептите низ кои се канализира поривот да се „преиначи“ музички материјал што е нечија претходно создадена музичка инвенција. Во случајот со народното творештво, или поконкретно народните песни, тоа „пренесување“ на музиката низ времето, во најмала рака се знае и се потенцира дека станува збор за обработка на фолклор. Од Хајдн и Шопен, до современите џез-импровизации и популарна музика на теми од народни песни, кокетирањето со фолклорот главно умее да биде добитна комбинација. Умешноста пак варира во силни амплитуди од вулгаризација, до високи уметнички креации што на познатите теми им даваат нова, повисока димензија.
Во нашата средина, народната музика како непрекината нитка се провлекува низ сите нивоа и слоеви на музичкиот живот. Од традиционалните препеви на уметниците што непосредно се бават со народна музика, културно – уметничките друштва, артистите во жанрот на забавната музика, така наречените “world music“ бендови, џезерите, па сé до композиторите и репродуктивните уметници од сферата на современата класична музика.
Концертот на Љупчо Коскаров на труба и Дарко Мариновски на пијано, на годинешниов фестивал „Златна лира“ – 2023, беше најавен како вечер на ова камерно дуо и програмска содржина со авторски композиции од Љупчо Коскаров: „Деспина“ – Фантазија бр. 1, „Дафино“ – Фантазија бр. 2, „Чифликот“ – Фантазија бр. 6, „Налеј, налеј“ – Свита бр. 6, „Тиквешки марш“ – Свита бр. 5, „Македонска свита“ – Свита бр. 3 и „Вируозни варијации“ – Фантазија бр. 4.
Сепак, најнапред би требало да се посочи на извесни недоследности како во однос на изведувачкиот состав, така и во однос на авторството на делата. Имено, во сите композиции освен насловното камерно дуо Коскаров – Мариновски, настапија и уметниците: Марина Владимирова Јаневска – сопран, Илија Белистојановски – тенор и Филип Михајловски – канон, така што присуствувавме на ансамбл – квинтет, а не дуо. Покрај тоа во најмала рака неумесна и претенциозна беше назнаката за автор на композициите: на концертот слушнавме компилација од преработки на традиционални македонски народни песни: „Песна за Деспина“, „Билјана платно белеше“, „Дафино вино црвено“, „Не си го продавај Кољо чифликот“, „Не стој Доне, Донке“, „Налеј, налеј“, ама и песните: „Ако згрешам нека изгорам“ – позната по изведбата на Пепи Бафтировски – авторско дело на Миле Барбаровски, „Бабино Девојче“ изведена од Нино Величковски, авторско дело на Миодраг Божиновски, „Македонско девојче“ од Јонче Христовски и „Свадба македонска“ од Есма Реџепова и Стево Теодосиевски, за кои не беше наведено авторството, без оглед дека тие песни се веќе мошне популарни и обнародени.
Во таа смисла, не е спорна изведбата на народни песни, но особено при настап на реномиран фестивал како „Златна лира“, што првенствено претставува подиум за презентација на највисоките достигнувања на македонските музички уметници од сферата на класичната музика, треба да се води сметка за професионалниот и прецизен приказ на основните предзнаци кон секој настап: изведувачкиот состав и програмската содржина.
Неодминливо, треба да го забележиме согледувањето од анализата и на обработениот тематски материјал во познатите песни и аспектот на интерпретација: мелодиските линии беа дословно реинтерпретирани од оригиналните верзии, низ густа пијанистичка фактура и хармонски јазик во романтичарски манир – несомнено целосно осмислени од пијанистот Дарко Мариновски што на целиот настап му даде извесен шарм и допадливост; сопранската и тенорската делница беа со едноставна намена да се долови вокалниот аспект на песните и да се слушне текстот, а канонот да додаде колорит и архаичност на звучната слика; делницата на трубата воглавно имаше минорна улога, што се чини малку необично за продорен тембр на таков солистички инструмент. Интерпретацијата на пијанистичката делница на Дарко Мариновски беше солидна, со повремени пренагласени патетични романтичарски „изблици“, што пак од друга страна делуваа прифатливо во „развеселениот“ манир на целиот настап; вокалните солисти Владимирова и Белистојановски коректно ги изведоа песните; канонот на Михајловски иако прецизен, на моменти беше надвладеан од тонската јачина на останатите солисти; а делницата на трубата, Коскаров ја изведе со извесни осцилации - од интонативна нестабилност до полетни мелодиски фрази. Треба да се нагласи дека присутната публика мошне афирмативно го прифати програмскиот избор на уметниците и на нивна сугестија со ракоплескање придонесе кон создавање весела атмосфера, налик на семејна веселба.
Сé на сé, оваа вечер на „Златна лира“ ја доживеавме како еден несекојдневен настан за габаритот и тежината што веќе седумнаесет години го гради овој фестивал. Останува, насоката по која ќе се движи фестивалот во однос на програмските содржини и квалитетот на изведувачите, да го определат самите уметници од СМУМ.
Викица Костоска Пенева