Концертна вечер со мецосопрански арии

Следејќи ги редовно настапите на камерното дуо Александра Коцевска - мецосопран и Глигор Гелебешев – пијано, ќе забележиме мошне грижливо осмислен репертоар на концертните претставувања во изминативе неколку години. Изборот е во склад со вокалниот формат на мецосопранистката, но и со заедничката естетска преференца кон одредени автори и жанри: соло песни со силен латино – предзнак, познати арии од светската вокална литература, традиционални песни на македонските евреи – сефарди и неодминливо, вокални творби од современите македонски композитори. Вкусот кај двајцата уметници упатува кон естетика што тежнее да допре до поширок слушателски аудиториум.

За рециталот на годинешново издание на „Златна лира“ – 2023, дуото Коцевска – Гелебешев одбра колаж познати арии – фрагменти од опери, со лирска и љубовна содржина, пиеси во кои вокалната делница има изразито солистичка позиција. Покажувајќи ги сите ликови на својот темперамент, мецоцопранистката Александра Коцевска во пијано придружба на Глигор Гелебешев ги изведе: “Salve Maria” старо класична арија од италијанскиот оперски композитор од почетокот на деветнаесеттиот век Саверио Меркаданте, аријата на Шарлота “Va! Laisse couler mes larmes” од третиот чин од операта „Вертер“ од Жил Масне, аријата на Ацучена “Stride la vampa” од вториот чин од операта „Трубадур“ од Џузепе Верди, аријата на пажот Керубин “Non so piu, cosa son cosa faccio” од првиот чин од операта „Свадбата на Фигаро“ од Моцарт, две арии на Далила “Amour viens aider ma faiblesse” и “Mon Coeur s’ouvre a ta voix” од вториот чин од операта „Самсон и Далила“ од Камиј Сен Санс и две арии  на Кармен “Seguedille” и “L’amour est un oiseau rebelle” (Хабанера) од првиот чин од операта „Кармен“ од Жорж Бизе.

Осврнувајќи се посебно кон изведбата на Александра Коцевска, како солист на вечерта ќе истакнеме дека таа многу вешто, би рекле и храбро се впушта во една ни малку лесна и неблагодарна задача – изведба на толку популарна програма, за широка публика достапна во безброј интерпретации. Со дискретен, сепак доволно сугестивен сценски израз, префинет музикалитет, артикулиран низ солидна вокална техника и интонативно мошне чисто водени мелодиски линии, таа сосем успешно ја оствари целта. При тоа, покажувајќи уверлива мимика и гестикулација ама и соодветно стилско толкување, Коцевска ги долови разноликите карактери и расположенија на главните ликови претставени во ариите. Слушнавме деликатни прелевања од нискиот кон високиот регистар со мека боја на гласот во аријата на Шарлота, драматика проткаена со чисти орнаменти и бујна динамика како Ацучена, темпераментна, весела, со јасна дикција и интонациски прецизна во улогата на Керубин, заводлива и експресивна како Кармен. Ариите на Кармен ги слушнавме со добро поставена ритмичка пулсација, одлична артикулација и чисто отпеана хроматика (во „Хабанерата“ што често пати знае да биде проблем за певиците од мецосопранскиот фах).

Сепак, во фокусот ја наоѓаме нејзината интерпретација и целосна внесеност во ликот на Далила и една од најубавите оперски арии воопшто – “Mon Coeur”. Оваа безвремена класика, Александра Коцевска ја пее отворено емотивно, со едно одмерено вибрато и вокален баланс. Специфичните мелизматски интервалски скокови, што на аријата и даваат особеност, ги исполнува нежно и со доза на шарм.  Во однос пак на динамиката, во аријата на Далила, певицата прави нагли динамички контрасти во мелодиската линија од forte во pianissimо (Réspond à ma tendresse! Ah, verse moi l’ivresse) покажувајќи го на тој начин своето суптилно дотерано чувство за финеси со што постигна силен ефект и внимание кај публиката.

Пијанистичката придружба на Глигор Гелебешев целосно го следеше здивот на мецосопранската мелодиска линија, оставајќи простор за нејзината агогика. Извесната минорна техничка нестабилност, ја надмаши со богати динамички нијансирања што беа складна звучна подлога на вокалот. Двајцата уметници оставаат впечаток на добро усогласено дуо со изадначен пристап кон сите аспекти на заедничката интерпретација.

Со ваквиот избор особено популарни, романтични пиеси во солидно подготвена и сугестивна изведба, уметниците Александра Коцевска и Глигор Гелебешев, постигнаа убава атмосфера на салонски концерт и видно задоволство кај присутната публика што го исполни просторот во Музејот на македонската борба. Концертите со ваков профил претствуваат освежување во програмската концепција на фестивалот „Златна лира“.
 
Викица Костоска Пенева

Фотографии: Наташа Латиновска

 

Галерија