Почетна
Вести
Златна лира
Рецензии
За нас
Членови
Галерија
Контакт
Високо професионален концерт за кларинет и пијано
Високо професионален концерт за кларинет и пијано
28.10.2023
Рецензии
Истакнатиот македонски кларинетист Ристо Ѓоревски на минатогодишното издание на фестивалот „Златна лира“ – 2022 ја доби наградата за високи уметнички дострели за неговата концертна дејност во 2021 година. Вообичаено, фестивалската програма содржи концерт со добитниците на ова високо признание. Така беше и годинава, на „Златна лира“ – 2023, во Музејот на македонската борба, Ристо Ѓоревски во придружба на пијанистката Елена Атанасовска Ивановска се претстави со целовечерен рецитал. Треба да се забележи дека за жал, одредени особено квалитетни уметнички збиднувања (како што неспорно беше овој рецитал на Ѓоревски и Атанасовска) поминуваат недоволно посетени од публиката, првенствено заради одржување на друг концерт во истиот термин.
Уметничките портфолија на Ристо Ѓоревски и Елена Атанасовска Ивановска се богат приказ за концертни кариери во чија основа е квалитетна музичка едукација и повеќегодишно врвно претставување на двајцата музичари во сферите на солистичкото и камерното музицирање. Ѓоревски и Атанасовска се достоен репрезент на современата македонска интерпретатива во нашата средина, но и на интернационална сцена, па така очекувано беше да проследиме уште една одлична концертна вечер на „Златна лира“ – 2023.
Уметниците понудија обемна и комплексна програма за кларинет и пијано, конципирана во две тематски целини. Во првиот дел, стилски во епохата на музичкиот романтизам ги слушнавме: „Три фантастични пиеси“ оп. 73 од Роберт Шуман, „Соната за кларинет“ оп.167 од Камиј Сен-Санс и „Сцена и арија“ од операта „Луиза ди Монтфорт“ од Михал Бергсон, а вториот дел од концертот беше посветен на автори од дваесеттиот век и делата: „Танц прелудиуми за кларинет и пијано“ од Витолд Лутославски, „Сонатина за кларинет и пијано“ од Антони Шаловски и „Омаж на Јохан Штраус“ од Бела Ковач.
Шумановите „Фантастични пиеси“ од опусот 73 беа одличен вовед во концертот. Секогаш е задоволство да се навратиме на оваа типично раноромантичарска творба, плод на уникатната имагинација на Роберт Шуман. Во трите става Ѓоревски и Атанасовска, полетно и со изразита леснотија ги доловија потребните расположенија: деликатна експресивност, ведрина и пламена живост, покажувајќи го тонскиот колорит на кларинетот и пијаното во полн сјај. За да се долови флуидноста на „пиесите“ потребно е чувство за богато тонско нијансирање и елегантно, ненападно рубато. Без сомнение конекција што ги обединува уметниците во ова камерно дуо. Композицијата од Шуман ја отсвиреа во еден здив.
Со несмалена инспиративност следуваше втората точка на програмата, Сонатата оп. 167 во Ес-дур, од мајсторот на инструментација – Камиј Сен Санс. Едноставно, Ристо Ѓоревски и Елена Атанасовска „пловеа“ низ ставовите и лирската содржина на сонатаната структура: наполно природно и складно звучеа убаво обликуваните фрази во кларинетот придружени од брановидна фактура во пијаното во првиот став Allegretto, разиграно и со допадлива скерцозност во вториот став Allegro animato, третиот став Lento во нискиот регистар кадешто со речиси вокална боја кларинетот дополнет со деликатни октави и арпежи во пијаното ја постигнаа потребната длабоко ламентозна атмосфера во мрачниот ес-мол тоналитет; и на крајот финалето во Molto Allegro, покажувајќи го својот беспрекорен виртуозитет уметниците дадоа една светла, оптимистична завршница на сонатата, не залудно именувана како ремек-дело во литературата за кларинет и пијано. Тука треба да се потенцира дека при толкувањето на партитурата од Сен Санс, кларинетистот Ристо Ѓоревски креира извонредно широк дијапазон „пијанисима“ како белег на неговата интерпретациска вештина, што на и онака прекрасната композиција ѝ дадоа дополнителна, автентична димензија.
Првиот дел од концертот, уметниците го заокружија со „Сцена и арија“, нагласено сценична пиеса во театарско-водвиљски манир, фрагмент од оперското творештво на полскиот романтичарски композитор и пијанист Михал Бергсон. Ѓоревски и Атанасовска и во ова допадливо „парче“ покажаа максимална ритмичко-агогичка слеаност во унисоните делници, ама и во слободните ad libitum интермеца. Кларинетистот ја посвети композицијата на денот на оперската уметност, 25 октомври. Во финалната секција на делото, ја плени публиката со беспрекорен виртуозитет, интонациски чисти пасажи и репетититивни тонови во стакато, потврдувајќи ја својата техничка супериорност.
Од друга страна, вториот дел од рециталот пак, беше показ дека уметничкото дуо Ѓоревски – Атанасовска многу умешно се пронаоѓа и во стилската разновидност и енергичност на современите автори Лутославски, Шаловски и Ковач, како убав контраст кон првиот романтичен дел.
Воедно, беше тоа одлична можност да слушнеме поретко изведувани дела за кларинет и пијано на нашите сцени (всушност Сонатата од Шаловски на овој концерт имаше праизведба во Македонија). Петте живописни Танц-прелудиуми (соодветен приказ за даровитиот и педантен композиторки стил на еден од најголемите полски композитори од дваесеттиот век Витолд Лутославски и реминисценција на фолклорниот набој на полските мазурки), Сонатината од Антони Шаловски (Ѓоревски го посочи како едно од најизведуваните дела на авторот) и стилизираните виенски валцери од современиот унгарски композитор и кларинетист Бела Ковач, Ристо Ѓоревски и Елена Атанасовска ги изведоа како една стилски компактна разиграна целина, во која целосно дојде до израз сета техничка подвижност на кларинетот и пијаното. Во основата на таа весела „играрија“ полна со синкопирани ритми, динамични акценти и широки мелодиски линии, уметниците уште еднаш, уверливо ја покажаа својата импресивна свиречка вештина, но и креативен темперамент. Особено блесна „омажот“ на Штраус од Бела Ковач како совршена, шармантна завршница и врв на вечерта.
Она што се наметнува како впечаток од концертот на Ристо Ѓоревски и Елена Атанасовска Ивановска е демонстрација на едно високо професионално ниво во сите слоеви на изведбата. Звуковниот баланс меѓу делниците, произлегува од изразитото индивидуално мајсторство и фактот дека двајцата уметници целосно владеат со техничките и интерпретациските перформанси на кларинетот и пијаното. Покрај тоа задоволството беше наше, да проследиме пиеси од полски композитори во изведба на уметник како Ристо Ѓоревски, кој вдахнува автентична инспирација, токму на извориштето на тие творби – во Полска. Проследивме уште еден извонреден концерт на „Златна лира“ – 2023.
Викица Костоска Пенева
Галерија
Категории
Членови
Рецензии
Нова категорија