Камерното дуо Момчило Куфојанакис - виолина и Весна Ангелова Христов – пијано има своја верна публика, љубители на класичната музика, што секогаш ги следи нивните настапи. Се потестивме на концертот на „Златна лира“ во 2020, кога и во услови на пандемијата привлекоа доволно публика, а така беше и на годинешнава „Златна лира“ – 2023. Публиката речиси целосно ја наполни салата во Музејот на македонска борба, а уметниците ги исполнија нејзините очекувања и приредија добар концерт. Момчило Куфојанакис и Весна Ангелова Христов се музичари со респектабилно искуство во сферата на камерното музицирање, а дел од тоа претставува и нивната взаемна соработка.
Тежиштето на рециталската програма што ја одбраа за „Златна лира“ беше на првата Бетовенова Соната оп.12 во Де-дур и Сонатата бр. 1 оп.78 во Ге-дур од Јоханес Брамс. Покрај сонатите, уметниците ги изведоа и Рапсодијата за виолина и пијано од Томислав Зографски и Валс Скерцо оп.34 во Це-дур од Чајковски.
Концертот започна со првата Соната за виолина и пијано (1797) од Бетовен. Иако е дел од неговото рано творештво и стилски кореспондира со класичните циклични дела на Хајдн и Моцарт, во повеќе обележја ги најавува спецификите на Бетовеновиот композиторски јазик: во однос на хармонијата, формата и енергичноста. Трите става: Allegro con brio, Тема со варијации и Рондо ги слушнавме како циклус од наизменични промени во изразот меѓу виолината и пијаното. Во првиот став, клавирската делница на Весна Ангелова, доловувајќи ја конкретната типично Бетовенова ознака “con brio”, низ вешто и „огнено“ изведени пасажи (посебно во втората тема) и енергични динамички контрасти и градации што кулминираа во силни „фортисима“, на моменти со оркестарски интензитет, речиси во целост имаше звуковна доминација над виолинската делница. Во вториот став, „широка“ тема со четири варијации во умерено темпо, Момчило Куфојанакис „ја извлче“ на површина виолинската кантилена низ посуптилна тонска јачина. Во финалниот став, со динамичен танцувачки карактер на Тарантела во шестоделна метрика, обединувајќи ги двете виртуозни мелодиски линии на виолината и пијаното во цврста ритмичка структура, Куфојанакис и Ангелова креираа одлично Рондо исполнето со ведри меѓусебни дијалози. Треба да се нагласи дека позитивната страна во изведбата на оваа Соната, двајцата уметници ја изразуваат преку јасен приказ на сите аспекти и делови на формотворноста (изложувањето на темите, разработките, хармонските соодноси, варијационите постапки), како базичен принцип во сонатниот циклус и генерално во класичниот музички стил. Двајцата уметници свират со јасен, „разбирлив“ јазик и публиката има можност да ја „види“ архитектониката на сонатната структура.
Во продолжение, ја слушнавме Рапсодијата за виолина и пијано од композиторот Томислав Зографски. Ова дело, создадено во 1983 година, кое преку типично рапсодичен принцип, донесува слободни ad libitum секции, динамични парчиња во отворено фолклорно-танцов ритам, па елегични мелодии кај двата инструменти, во целост го одразува композиторскиот стил на Томислав Зографски: вешто преобликувани македонски народни мелодии и ритми во автентични неокласични обриси. Куфојанакис и Ангелова покажаа изразита експресивност во изведбата на Рапсодијата, доловувајќи ги променливите расположенија од длабока меланхоличност до ефектна разиграност, што делуваше сугестивно и остави добар впечаток кај публиката. Секогаш е добро да се слушнат дела од нашите современи композитори од македонски репродуктивни уметници кои со посебен пиетет пристапуваат кон оваа задача, како во случајов дуото Куфојанакис – Ангелова.
„Дождовната“ Соната за виолина и пијано во Ге-дур (1879) од Јоханес Брамс (композиција со евидентна содржајност што преку пунктиран тематски материјал, долги мелодии во легато и богата хармонска фактура, се провлекува во сите три ставаови Vivace ma non troppo, Adagio, Allegro moderato и ја одразува евидентната убавина на Брамсовиот лиризам) претставуваше доминантна точка на ова концертно претставување, преку која наполно дојдоа до израз интерпретацискиот потенцијал на Момчило Куфојанакис и Весна Ангелова. Особено беше впечатливо да се слушне изведбата на вториот став Adagio, отсвирен со богато виолинско вибрато и длабока акордска клавирска придружба. Уметниците тука постигнаа соодветен „сочен“ „Брамсовски“ тон и ни овозможија да го доживееме овој фрагмент од неговото творештво во полна убавина. Во третиот став дојде прозвучи сложената полифонија, сочинета од двојни тонови во виолинската делница и скриени мелодиски линии во густата клавирска фактура. Двајцата солисти покажаа доволно цврстина и умешност да ја доловат комплексноста на овој став.
Во контекст на споменатово ќе истакнеме дека настапот на камерното дуо Куфојанакис – Ангелова е спој на виолинист со солидна техничка подготвеност, воздржан сценски настап и впечатлива интерпретација на долги мелодиски фрази и пијанистка која вешто и солистички ја изведува својата делница, но и во чекор го следи виолинистот, така што создаваат компактна ансамблова целина.
Валсот – Скерцо од Чајковски на крајот од програмата, изразито солистичка виолинска пиеса, исполнета со многу технички предизвици (двојни ноти, мелодиски скокови, орнаментирани куси прелети во живо темпо што несомнено бараат изострен виолински виртуозитет) беше потврда и насока дека виолинистот Момчило Куфојанакис, во однос на репертоарскиот избор, треба повеќе да се движи меѓу друг вид композиции со лирска и меланхолична содржина што многу посилно го отсликуваат неговиот уметнички сензибилитет.
Таква беше композицијата што ја отсвиреа на бис – Сентименталниот валцер од Чајковски – вистински одраз на неговата емотивна природа.
На крајот, како уште едно согледување ќе забележиме дека на овој концерт, низ призмата на Момчило Куфојанакис и Весна Ангелова Христов беше мошне интересно да се слушне промената и развојот на виолинскиот „говор“ во историски период од триста години: Бетовен (1797), Брамс (1879), Зографски (1983).
Викица Костоска Пенева
Фотографии: Панда Зографска Беличанец, фејсбук профил