Настан со поетска експресија

Нашите истакнати уметници, сопранистката Весна Илкова – Гиновска и пијанистката Кристина Светиева, во течението на овогодишното издание на фестивалот „Златна лира“ не’ почестија со прекрасна концертна вечер изведувајќи дел од македонското вокално музичко творештво.

И со овој концерт, организаторите на фестивалот повторно ја потврдија интенцијата и поддршката  за континуирани  настапи на докажани македонски музички уметници. Тие со нивните креации  сведочат и го градат  високото уметничко рамниште на фестивалот „Златна лира“ за промоција и афирмација на нашите културни вредности. Богатата домашна и меѓународна кариера Весна Гиновска – Илкова активно ја гради со настапи во нашата национална оперска куќа и на сцените во повеќе центри - Бугарија, Данска, Хрватска, Словенија, како уникатен драмски сопран со беспрекорна легато техника и сценска присутност во толкувањето на главните улоги во оперите „Аида“, „Отело“, „Турандот“, „Мадам Батерфлај“, „Симон Боканегра“, „Атила“, „Моќта на судбината“, „Бал под маски“, „Лидија од Македонија“, како и низа концертни рецитали. Негувајќи ја музиката од најмала возраст во семејство на истакнати музички дејци во развојот на музичката уметност, култура и педагогија кај нас и остварувајќи настап со Македонската филхармонија  на седумгодишна возраст, Кристина Светиева, една од најталентираните македонски пијанистки бележи  богата концертна активност и континуирани настапи на домашнните и меѓународни сцени во Турција, Италија, Чешка, Франција, Бугарија, Шведска, Холандија, Хрватска, САД со рецитални настапи и учества на меѓународни музички фестивали. Двете уметници, Весна Гиновска – Илкова и Кристина Светиева остваруваат и педагошка дејност на Факултетот за музичка уметност во Скопје, а во нивнато повеќегодишно заедничко делување настапот во Њујорк  е еден од низата забележителни остварувања.

Иако сме сведоци на уметници кои во нивното делување остваруваат цела лепеза на разнороден репертоар  од светската музичка литература, негувањето и афирмацијата на домашното музичко творештво кај сите наши уметници е природен, нераскинлив сегмент од нивното творење и градење на македонската музичка култура. Оваа фестивалска вечер беше програмски определена со дела од македонското вокално творештво. Програмата започна со Аријата на Симка од операта „Разделба“ (1971) од Трајко Прокопиев, Аријата од операта „Лидија од Македонија“ (2001) од Ристо Аврамовски, а потоа продолжи со композициите „Залез“ (на стихови од  Матеја Матевски, настаната во 1970 г.) од Стојан Стојков,  „Марика мома убава“ (1993) од Томислав Зографски,  „Цветови“ (на стихови од Славко Јаневски, настаната во 1974г.) од Благој Цанев,  „Галебе мој“ (на стихови од Ацо Шопов, создадена во 1961 г.) од Трајко Прокопиев,  „Шарпланинска приспивна“ (1956) од Тодор Скаловски,  „Крај езеро“  од Сотир Голабовски,  „Спокој“ (на стихови од Гане Тодоровски, создадена во 1992/93 г.) од Јана Андреевска, „Чуден патник“ од Борис Светиев ,  „Насмевки пред зората“ од Александар Џаамбазов.

Во најголем дел создадени во втората половина на дваесеттиот век, претставените композиции, дела со антологиска убавина, Весна Гиновска – Илкова и Кристина Светиева ги изведоа со посебен пиетет кон нашите музички и културни вредности.

Рафиниран музички израз Весна Гиновска - Илкова претстави во лирските Арии од оперите „Разделба“ и „Лидија од Македонија“ со убаво развиена мелодиска линија во нивната изведба. Следејќи ја музичката мисла во композицијата „Залез“ од С. Стојков, Весна Гиновска – Илкова со особена изразност и музикалност и Кристина Светиева преку звучно обоените хармонски созвучја  допреа  до поетскиот текст и авторовиот израз на композиторот Стојан Стојков. Со посебено индивидуално согледување беше изведена композицијата „Марика мома убава“  од Томислав Зографски, со експресија, чувствително и многу чисто, со пеачки  фрази претопени со драматиката на мелодијата и  текстот.  Вакво уметничко раскажување уметничките претставија и во композицијата „Цветови“ од Благој Цанев како повторно навраќање кон еден трагичен дел од нашата историја. Особено изразно претставување во квалитетот на носивост на звуковното обојување во тивките динамики и интензивно проживеаните музички содржини и целини проследивме и во изведбите на композициите „Галебе мој“, „Шарпланинска приспивна“, „Крај езеро“ и „Насмевки пред зората“. Со лирско – медитативна атмосфера двете уметници пристапија и кон изведбата на композицијата „Спокој“ на текст од Гане Тодоровски, од  македонската композиторка Јана Андреевска создадена во текот на 1992/93 година (во оригинална верзија за гудачи, глас и пијано).Тие музички сигурно и уверливо пристапија и кон изведбата на композицијата „Чуден патник“ од Борис Светиев, создадена во раниот период од неговото творештво во која мисловниот процес на авторот во улога на „чудниот патник“ е претстава на лична перцепција и самоспознание во натамошното развивање во процесот на творењето помеѓу класичниот музички јазик и современиот музички израз.Изведбата на Весна Гиновска – Илкова со сите технички и динамички елементи претставуваше емотивно доживување на поетскиот текст и музичката содржина со изразено невлегување и градење на нивната  интерпретативна драматургија и карактер.

Мелодиско – естетското заокружување на  звуковниот амбиент на претставените дела во пијанистичките делници на Кристина Светиева претставуваа продлабочено навлегување во музичката содржина на делата во кои пијанистичките делници се дел од озвучувањето на нивната богата поетска мисла, со тонска боја, хармонски и мелодиски движења и динамичко балансирање со кои делата прозвучеа со импресија.

Нивната заедничка тенденција на изведбата и’ даде карактеристика на силна емотивно – лирска експресија и сетилна интеракција со музичката содржина на творбите.  Весна Гиновска – Илкова и Кристина Светиева преставија  уметничко сублимирање со  што концертната вечер и изведбата на делата доби поетски израз за паметење.
 
Мирјана Павловска - Шулајковска

Фотографии: Панда Зографска Беличанец /приватна архива
 

 

Галерија