Во атмосфера на инспиративни остварувања фестивалот „Златна лира“ го потврдува влијанието кон концертото дејствување и настапи на македонските музички уметници од сите генерации.
Во реализацијата на фестивалските вечери на „Златна лира“ го проследивме настапот на Дуо пијано – Татјана Божиновска и Билјана Димовска. Двете пијанистки кои остваруваат педагошка дејност во Државното музичко училиште во Битола и реализираат и континуирана концертна дејност. Во делувањето на Татјана Божиновска забележителни се настапи со Македонската филхармонија, Битолскиот камерен оркестар, на меѓународните сцени во повеќе европски земји и Америка, учество на домашни и странски фестивали и манифестации, член на триото „Интерарт“. Билјана Димовска бележи активност во сферата на солистичкото и камерото музицирање, со учество на бројни музички манифестации, настапи со Македонската филхармонија и Симфонискиот оркетср на Факултетот за музичка уметност и добитник на повеќе државни и меѓународни награди. Нивното заедничко музицирање започнало во 2009 година. Како пијано дуо остваруваат настапи на повеќе фестивали со репертоар кој содржи дела од барокот до современата музика.
Оваа концертна вечер, проследиваме дел од богатата мелодиска инвенција на Петар Илич Чајковски. Пијанистките се определија за изведбите на Свитата од балетот „Заспаната убавица“ и „Оревокршачка“.
Содржините со обележана богата палета на карактерни, мелодиски и хармонски постапки и прекрасен оркестарски колорит преточен во оваа адаптација за пијано дуо се едни од највпечатливите музички карактеризации на Чајковски.
Овој посебен предизвик пијано дуото Татјана Божиновска и Билјана Димовска го претставија со голема посветеност во разбирањето на музичката форма и целина на делата, во заедничкото фразирање и водење на делниците и ритмичката стабилност во особено сложената музичка фактура и звучна димензија. Со тоа, тие постигнаа интересно и солидно изведувачко ниво кое го задржа вниманието на публиката во текот на целиот концерт.
Особен впечаток во толкувањето на партитурите, пијанистките оставија со професионалниот однос и приказ на разбирањето и изведувањето во богатството на хармонски решенија и лирските изрази кои според музичката и тематска содржина изискуваат различна тонска обоеност и дескриптивно тонско боење во мелодичните и приемчиви теми. Ова особено се однесува на изведувањето на композициите кои претставуваат значаен интерпретивен предизвик и во претставувањето на целината составена од повеќе содржински контрастни ставови. Во оваа насока пијанистките Татјана Божиновска и Билјана Димовска изградија чиста формална конструкција без расплинување кое според различноста на музичко - содржинските разнородни делови претставува опасност за изведувачите која може да се случи во изведбата на вакви дела изведени инегрално. Со убаво прикажување на лирско – сентименталните ставови кои поседуваат сугестивни теми, ведри делови во игрив карактер со одлично изведени пасажни движења, со добро изградени односи помеѓу двете пијано делници претставени со проширен звучен обем и можеби понагласена претензија на транспарентен звук за создавање на ефект на оркестарска звучна димензија, пијаниските Татјана Божиновска и Билјана Димовска создадоа музичко -уметеничка целина на изведените дела.
Очигледен беше впечатокот дека Татјана Божиновска и Билјана Димовска оствариле предадена работа и подготовка за изведбата на делата на ова концертно претствување. Со меѓусебното надополнувње, приказот на музичкото единство на делата полни со различни карактерни обелжја кои се постојано атрактивни и за изведувачите и за публиката, тие достигнаа високо ниво на меѓусебна усогласеност.
Мирјана Павловска - Шулајковска