Успешна концертна вечер

Имагинативниот свет на музичката уметност  не’ воведе во уште еден концерт на македонски музички уметници на овогодишното осумнаесетто издание на фестивалот „Златна лира“.  

На настанот одржан на 19 октомври 2024 година настапија саксофонистот Лазар Соколов и пијанистката Емилија Кабранова – Филипова.  Уметници кои покрај стекнатата едукација на Факултетот за музичка уметност во Скопје во класите на проф. Стојан Димов, Нинослав Димов и Стела Слејанска, соработувале и посетувале семинари кај реномирани педагози и изведувачи од Европа, учество на државни и меѓународни натпревари и фестивали, а остваруваат и педагошка дејност.  Активното делување во музичкиот живот кај нас, Лазар Соколов континуирано го реализира и на концертните сцени во Србија, Хрватска, Бугарија, Албанија и како член на триото „Ад либитум“ со флејта, кларинет/саксофон и пијано со кое редовно настапуваат и го имаат издадено првиот носач на звук во 2020 година. Досегашната дејност на пијанистката Емилија Кабранова – Филипова бележи солистички и настапи како камерен уметник во дуа и трио со сопран и виолина, со триото „Ад либиум“ и квинтетот „Pezzanov Piazzolla Proect“, како и реализација на серија соло концерти со проектот „Музика од вода“. Таа се профилира и како пијанист кој пројавува  интерес и кон музичкото творештво со елементи од жанрот на џез музиката.

На концертот проследивме одбрани композиции за саксофон и пијано, во поголем дел создавани во текот на дваесеттиот век, во кои провејуваат стилски паралели на класичниот музички јазик и џез идиоми и делови со разновидни елегични и римички структури ; C. Bolling : „Le papillon“, H. Busser: „Aragon“, R. Molinelli:  Dreamy Dawn –„Four pictures from New York“, P. Iturralde: „Memorias“, инспиративната суита „Зојкиниот стан“  оп.31b за алт саксофон и пијано од македонскиот композитор Димитрије Бужаровски пишувана според  неговата музика за драмите Зојкиниот стан од М. Булгаков и Марка од В. Манчев, поставени во Драмскиот театар и композицијата за соло пијано, „Ever“ од  Илија Пејовски, создадена како парафраза на македонската народна песна „Си заљубив едно моме“, збогатена со специфичниот хармонски јазик на џезот.

Лазар Соколов и Емилија Кабранова - Филипова прикажаа меѓусебно изработени сегменти на музичката содржина, со сите потребни истакнувања на музичките делови, без доминација на делниците кои би ја нарушиле суштината на камерно музицирање.

Тие во преден план ја посочија усогласеноста на тонската боја која даде обележје на  топла звучна комбинација на саксофонот и пијаното како одлика на уметничкиот сенс на Лазар Соколов и Емилија Кабранова. Во изведбите на композициите со исполнителско искуство и музикалност, слушнавме суштинско токување на нотниот текст, тонски бои и преливи, како и широка динамичка амплитуда на пијанисимо и мек и заокружен тон во градациите на мелодиските фрази. Со ваквите изведби овие уметници заземаат  забележителна позиција меѓу генерацијата на наши активни музичари во подем.

Лазар Соколов беше уверлив во постигнувањето на сите мелодиски карактеристики и доловена експресија на уметничкиот израз на композициите.

Очекувано, заедничкото музицирање на уметниците, особена физиономија доби со умешното флексибилно реагирање , надополнување  и уметнички израз на пијанистката Емилија Кабранова – Филипова, а композицијата за пијано „Ever“ од И. Пејовски, таа ја исполни со сензитивна експресија.

Добро одбраната  програма како дел од  музичката литертура за саксофон и пијано и прецизните изеведби на делата со  изразен  карактер во разнородните ритмички структури  и емоционално обоени дијалози  на музичката содржина, побудија  искрен аплауз од публиката како потврда за успешната концертна вечер.
 
Мирјана Павловска - Шулајковска