Со предвидената програма и ова издание на фестивалот „Златна лира“ го насочи вниманието кон значењето и важноста на музичката едукација како фундаментален сегмент во долготрајниот образовен процес. Интенцијата на фестивалот „Златна лира“ за организирање настапи на учесници од сите генерации и поддршка во едукацијата и негувањето на музичката изведувачка практика соодветствува со целта на натпреварот „Охридски бисери“ во откривањето на талентирани ученици и студенти и нивната поткрепа во почетните искуства на сценските настапи.
„Охридски бисери“ е меѓународен музички натпревар со двецениско постоење и наш единствен натпревар кој е член на меѓународната асоцијација ЕМСИ – Европска асоцијација на музички натпревари, во која членуваат педесетина други натпревари од триесет европски земји. Започнувајќи од 2002 година, во континуитет секоја година во повеќе дисциплини учесниците се натпрваруваат во соодветни категории , со високо поставени прописи и стандарди за учество од страна на организаторот, соодветна претселекција, интернационално жири, финална етапа на натпреварот и повеќе специјални награди од фондацијата „Томислав Зографски“, од Сојузот на композиторите на Македонија со назнака за изведба на соодветни композиции од творештвото на македонските композитори, како и награда на Сојузот на музичките уметници на Македонија, која се состои од концерт во рамките на фестиваот „Златна лира“.
Токму и со таков пиетет кон овој значаен фестивал, оваа концертна вечер настапија добитниците на Наградата на Сојузот на музички уметници на Македонија на натпреварот „Охридски бисери“, учениците Ана Кузманоска – пијано, Лина Николоска – виолина, Антица Николоска – виолина во камерен состав Пијано трио, и Иван Стојанов – пијано. Овие ученици во текот на нивната едукција бележат резултати и освоени награди на повеќе натпревари и учество на семинари.
Ученичките Ана Кузманоска – пијано, Лина Николоска – виолина, Антица Николоска – виолина во камерениот состав Пијано трио, се претставија со Соната во Д-дур од Џ.Тартини, Прелудиум и Валцер од Д. Шостакович и Полка од А. Шнитке. Со музикалната изведба, тие посведочија за нивниот талент и љубов кон музиката. Преку нивниот настап ја согледавме педагошката посветеност и вложен труд на нивните професори Ана Ѓорѓиоска, Христина Пецаковска – Николеска и Мухамед Бајрам од ООМУ „Методи Патче“ – Охрид и ДМУ „Тодор Скаловски – Тетоец“ – Струга.
Иван Стојанов по завршувањето на основното образование во класата на проф. Весна Павлова, сега е ученик во ДМБУЦ „Илија Николовски – Луј“. Тој е ученик во класата на проф. Катерина Ќетковиќ – Фидановска, истакнат педагог со сумирани значајни резултати во пијанистичката педагогија кај нас, со рамниште на современите развиени музички текови и изнедрени повеќе ученици кои понатамошната едукација успешно ја дооформуваат во странски образовни центри, а некои од нив континуирано и со забележителен успех делуваат во странство. Иван Стојанов изведе Соната бр.25 оп.57 „Appassionata“ од Л.в.Бетовен, три Етиди оп.10 бр.6,7,8 од Ф. Шопен, Суита за пијано од Т. Зографски и Риголето парафраза од Ф. Лист. Овие композиции претставуваат предизвик и се дел од репертоарот на активната концертна професионална дејност на афирмирани пијанисти. Посочената програма Иван Стојанов ја изведе со сериозен пристап, техничка подготвеност, мемориски сигурно и однос со кој стекнавме впечаток дека пред него стои убава пијанистичка перспектива.
Настапот на наградените учесници на натпреварот „Охридски бисери“ ја оправда несекојдневата и благородна можност за отстапен простор во циклусот концертни вечери во рамките на фестивалот „Златна лира“. Нив публиката со задоволство ги награди со топол аплауз, поддршка за понатамошно образование и можност да се изградат во уметници како дел од идните носители на музичката култура кај нас.
Мирјана Павловска – Шулајковска
Фотографии: Панда Зографска Беличанец / приватна архива