Концертна вечер со осмислени интерпретации

Во циклусот настани на тековното издание на фестивалот „Златна лира“ , појавувањето на Елена Атанасовска–Ивановска претставуваше рецитален настап на пијанистката која најчесто на концертните сцени ја следиме како камерен музичар. Овој нејзин солистички концерт, побуди  интересирање кај публиката  поради музичката содржина и високото рамниште  на изведувачкиот опус на Елена Атанасовска–Ивановска.

Изнедрена од нашата средина со стекната едукација најнапред во класата на проф. Лепа Мрмевска, а потоа кај проф. Борис Романов, под чие менторство ги завршува и докторските студии, Елена Атанасовска–Ивановска е меѓу најактивните македонски пијанисти. Со бројни настапи како солист и камерен музичар таа настапува на нашите сцени и на меѓународно ниво во Европа, Русија и САД, со освоени награди на повеќе државни и меѓународни натпревари, посети на семинари кај истакнати педагози, настапи со Македонската филхармонија и Камерниот оркестар на Музичка младина на Македонија, значајни настапи на домашни и странски фестивали, член на жири на меѓународен натпревар, редовен соработник на оркестарот за филмска музика F.A.M.E.S. Таа остварува и педагошка дејност. Во областа на камерното музицирање таа редовно соработува со низа истакнати македонски уметници, обоистката Гордана Јосифова–Неделковска, баритонот Горан Начевски, пијанистката Марија Ѓошевска и кларинетостот Ристо Ѓоревски, како и настапи со реномирани странски музичари со кои активно снима аудио записи.  Меѓу нив, Елена Атанасовска–Ивановска има издадено и компкт диск со музика од шведската кралска династија Бернадот за полската продукциска куќа DUX.

Концертот започна со изведба на  Четири имптромти оп. 90, создадени во зрелиот период на творештвото на Ф. Шуберт. Овие композиции, едни од фундаменталните  дела на пијанистичкиот репертоар, Елена Атанасовска–Ивановска ги изведе со особена лирска убавина  и контрола на структурата на композициите. Во нив таа прикажа интерпретација  на јасно насаочени мелодиски линии и фрази кои беа динамички изработени, со што постигна пластичност во изразноста и формата на Шубертовите Импромти оп. 90. Во евокативниот наратив и ритам на првото импромти, брзите пасажи со надолни скалични движења и лирска епизода во второто импромти, долгите лирични мелодиски линии во третото, и арпежни движења кои се повторуваат и развиваат во четвртото импромти, пијанистката Елена Атанасовска–Ивановска прикажа креативен сензибилитет со контролирано балансирање помеѓу прецизното читање на нотниот текст од една страна  и  издвоениот мелодиски идиом и прекрасна тонска култура од друга страна.

Со аудитивна сензибилност  Елена Атанасовска–Ивановска ја изведе Суита за пијано од македонскиот композитор Филип Иванов. Во троделната структура на модален амбиент кој интуитивно создава специфична фолклорна атмосфера, таа ја изнесе енергичноста на првиот став, медитативната тишина во вториот и звучна кулминација во третиот став со убав спектар на звучни варијанти. Создадена во раниот период на творештвото на Иванов како самосвесен омаж на македонското музичко наследство и напишана под влијание на техниките на македонските композитори од дваесеттиот век со создадена сопствена музичка атмосфера со фолклорен призвук, Елена Атанасовска–Ивановска ова дело го претстави како своевиден мост меѓу творештвото на генерациите на македонски композитори.

Концертот беше заокружен со изведбата на Grande sonate G – dur. op.37 од П.И.Чајковски, многупати препознаена како едно од истакнатите дела на композиторот. Со повеќе нивоа на сложеност, делото ретко го сретнуваме на пијанистичкиот репертоар.  Оваа клавирска соната со симфониски карактер, не само по формата туку и по монументалноста на звукот со импресивни лирски контрасти,  Атанасовска ја изведе со студиозен пристап во интегрално прецизна, стабилна и концентрирана  интерпретација во траење од повеќе од триесетина минути.

Насоченото внимание и висок степен на почитување на музичкиот запис и точната репродукција на авторскиот текст во најситни детали со фокус кон големо познавање на музичката содржина и создадена експресија, во интерпретацијата на пијанистката создадоа карактеристика на определен естетски израз.

На овој рецитален настап Елена Атанасовска-Ивановска прикажа интерпретација  на делата со музичка култура која ја генерира во профилиран уметнички лик во развојот на македонската пијанистичка уметност.

Мирјана Павловска Шулајковска
Фотографии: Панда Зографска Беличанец / лична архива

 

Галерија