Несекојдневна концертна вечер

Средбата со уметниците Владимир Костов и Цветанка Созовска на овогодишното издание на фестивалот „Златна лира“ беше еден несекојдневен настан. На нашите концертни сцени не се среќаваме често со звукот на чембалото, па оваа концертна вечер на камерно музицирање со виолинистот Владимир Костов и чембалистката Цветанка Созовска побуди големо интересирање кај публиката, исполнувајќи ја салата на Музејот на македонската борба до последно место. Беше тоа концерт на барокна музика со уметнички сензибилитет и нагласена смисла за интерпретација, кој публиката го проследи со очигледно задоволство и атмосфера на свеченост. Од друга страна убаво е чувството на домашната сцена да се проследи и развојниот процес на уметници кои успешно делуваат во нашите матични институции  и оние  кои по стекнатата едукација кај нас, успешно делуваат и живеат во странство. Овој концерт ја одбележи првата  соработка помеѓу пијанистката Цветанка Созовска која живее и делува во Холандија и виолинистот Владимир Костов со значајна активност кај нас, уметници со заеднички афинитет кон овој музички жанр и нивно прво претставување како камерен состав пред домашната публика.

По започнатото музичко образование во Битола, виолинистот Владимир Костов едукацијата ја продожува на Факултетот за музичка уметност во Скопје во класата на истакнатиот македонски виолинист проф. Михајло Куфојанакис, кај кого ги завршува и постдипломските студии. Во својата дејност тој бележи посети на семинари по виолина и камерна музика кај истакнати педагози и камерни состави, член во Светскиот оркестар на Музичка младина со остварени настапи со врвни диригенти во Европа, Америка и Азија, соработка со оркестарот „Исток – Запад“ во Германија, меѓународниот оркестар „No borders“,  еден од професорите по виолина во Оркестарот на ЦЕИ, основач на фестивалот за млади виолинисти „Виолин Фест“, членство во повеќе камерни ансамбли: Камерен оркестар за современа музика „Алеа“, камерно студио за барокна музика „Бахус“, квартетот „Бревис“, ансамблот за современа музика „Кон Темпора“, основач на клавирското трио „ВАМ“, редовен член на Камерниот оркестар на Македонската филхармонија и Младинскиот оркестар на Музичка младина на Македонија, настапи како солист со овие оркестри, како и учество на повеќе домашни и меѓународни фестивали и манифестации. Владимир Костов делува како концерт – мајстор во Македонската филхармонија и како професор на Факултетот за музичка уметност во Скопје.

Цветанка Созовска по стекнатото образование на Факултетот за музичка уметност во Скопје, во класата на проф. Борис Романов, своето усовршување го продолжува на Кралскиот Конзерваториум во Хаг, Холандија, каде се специјализира за чембало и барокна музика на Одделот за стара музика под водство на светски познатиот чембалист Жак Ох, каде и магистрира. Континуирано настапувајќи како солист, камерен и оркестарски музичар, таа во својата активност бележи концерти низ Европа и  Јужна Кореја, соработки со истакнати барокни експерти на фестивали, членство на Барокниот оркестар на Европската Унија, ансамблите „Барокопера Амстердам“, Оркестарот од Кадакеш, интернационалните ансамбли и оркестри „Театро ала мода“, „Џардино Музикале“, Интернационалниот барокен оркестар на Исланд. Цветанка Созовска остварува и повеќегодишна педагошка дејност како професор по чембало во Одделот за историска изведба на Конзерваториумот во Утрехт, предава пијано во Меѓународното училиште на Хаг, паралелно работи со ученици од различни школи и возрасни аматери, делува и како активен хорски диригент и води хорови од различни жанрови од класична музика, џез и поп,  до традиционална музика од целиот свет и е член на стручно жири на натпревар за млади таленти во Хаг.

Оваа концертна вечер Владимир Костов и Цветанка Созовска изведоа програма која беше одлично концепциски замислена и избалансирана преку делата за двата инструменти и солистичките изведби на чембало.

Со нивното потврдено изведувачко искуство, уметниците на оваа концертна вечер настапија со дела од Ф.А.Бонпорти: „Инвенција“ оп.10 бр.3 F-dur, „Инвенција оп.10.бр.4 g-moll за виолина и басо континуо, А. Вивалди: Соната за виолина и басо континуо а-moll RV 32, Х.И.Ф.Бибер: Соната за виолина и басо континуо бр.5 e-moll, како и композициите Токата и фуга BWV 914 e-moll од Ј.С.Бах и Варијации „Fandango espagnol од Ф.М.Лопез. Во нив Владимир Костов и Цветанка Созовска прикажаа интерпретација која беше одлично стилски определена во структурата на композициите со богати мелодиски линии наместа во употреба на инструментален речитативен стил, хармонски созвучја и подвижни ритмички структури, изведени со вештина во изведбата, соодветни динамички решенија и виртуозност во брзите ставови.

И со овој настап Валдимир Костов ја потврди својата дејност како виолинист кој континуирано ја гради и развива својата изведувачка практика, Изведбата на претставените композиции беше концертно остварување на квалитетен музичар со широки уметнички погледи. Во специфичната концертна програма Владимир Костов претстави интерпретација изведена со проникнување во музичките партитури, структурата и украсувањето на мелодиските линии, стилски дискретна агогика, со музикален и ангажиран израз. Во изведбата на делата тој оствари креација подготвувана со промислен, сериозен и со особен предизвик и концентрација во сите аспекти  на уметничко -технички прецизна изведба.

Можеби пресуден сегмент за реализацијата на овој успешен и несекојдневен концерт беше придонесот на Цветанка Созовска. Таа со значајно внимание во изведбата на делата ја прикажа професионалната насоченост кон изведбата на делниците за чембало.Цветанка Созовска прикажа разиграна и сигурна придружба на чембало со завидна артикулација, динамика соодветна на регистрите на инструментот, со убаво претставувње на делницата на чембалото  и акордски созвучја.  Особено интересни и со големо почитување на стилските одредници таа ги изведе Баховата Токата и фуга BWV 914 e-moll Н и Варијации „Fandango espagnol од Ф.М.Лопез. Нејзината умешност се потврди како доследен и квалитетен  чембалист со уменичка умешност во изведба на делата и одлично владеење на инструметот.

Владимир Костов и Цветанка Созовска  прикажаа мајсторски обликувана интерпретација, со музичко промислување и  квалитетна техничка изведба. Со воедначеност, особено во брзите темпа, единство во изразот и уметноста на интерпретацијата на композициите, заедничкиот настап на Владимир Костов и Цветанка Созовска  имаше одлика на темелна студија, изработена  со сите детали  и  стилски одреници на композиции создадени во периодот на барокот.
 
Мирјана Павловска - Шулајковска
Фотографии: Панда Зографска Беличанец / Фондација Зографски

 

Галерија