Предпоследната вечер од овогодишниот циклус концерти на фестивалот „Златна лира“ беше посветена на настапот на Трио Аура - добитниците на Наградата на Сојузот на музички уметници на Македонија за 2023 година. Ова е одлична идеја востановена во начелата на фестивалот „Златна лира“ за поддршка на уметниците кои со своите интерперетации даваат значаен придонес во развојот на македонската музичка култура, а воедно и потврда за уште една успешна концертна вечер. Така и оваа вечер, на големо задовлство на слушателите, со целосно оправдување и пиетет кон добиената почест, Трио Аура – добитниците на Наградата на Сојузот на музички уметници на Македонија за 2023 година, остварија концертна вечер со високи естетски начела и истенчен музички вкус.
Неговите членови, флејтистот Страшо Темков, пијанистката Ана Гацева и фаготистот Марјан Милошевски се дел од уметниците кои во нашата културна јавност и музичка средина активно придонесуваат за континуиран развоен процес на музичката уметност. Тие бележат повеќегодишна дејност и уметничко искуство подеднакво и како изведувачи со остварени рецитали како солисти, и како камерни музичкари, и во својство на педагози на Факултетот за музичка уметност во Скопје.
Оваа година Трио Аура го слави десетгодишниот јубилеј, а нивната активна дејност создава обележје на камерен состав кој веќе е препознатлив по своите уметнички достигнувања на Балканот. Во нивното уметничко делување како камерен состав досега тие бележат многубројни реализирани настапи на нашите концертни сцени и на сцените во Америка, Азија, Африка, Франција, Германија, Австрија, Англија, Бугарија, Србија, Словенија, Црна Гора, Хрватска и настапи на реномирани домашни и меѓународни фестивали. Во нивната богата концертна активност Трио Аура бележи богат програмски репертоар со дела од разни стилови и епохи во музичката историја, како и особена почит, вложување и негување на македонското музичко творештво. Во нивното делување Трио Аура континуирано промовира премиерни изведби на дела од македонски композитори, посветени за овој состав.
Така и оваа вечер со задоволство го проследивме настапот на Трио Аура на фестивалот „Златна лира“. Тие се претставија со обемна програмска концепција со дела кои го опфаќаат периодот од класицизмот, доцниот романтизам во музиката, па се’ до композиции од современи автори: Ф.Девиен: Соната, М.Бонис: Суита, Т.Јанса: Три минијатури, З.Новачиќ: Магична градина, Г.Шокер: Три танци, Ој ти моме Охриѓанче во аранжман на В. Димовски, како и делото Танцот на шумата oд Х.Бетфинк, кое членовите на Трио Аура го изведоа на бис по забележителниот настап и аплауз од публиката.
Вечерта започна со изведбата на Соната од францускиот композитор Франсоа Девиен (1759-1803) еден од најзначајните автори на творби за дувачки инструменти во втората половина на 18 -от век. Пишувана во класичен стил, членовите на Трио Аура претставија стилски определена интерпретација со грациозна виртуозност, впечатлива концентрација, техничка софистицираност, јасност и рамнотежа на мелодиската елеганција на звукот со висок технички и музички квалитет.
Суитата од француската композиторка Мелани Бонис (1858 – 1937) и автентичното толкување на деловите Серенада, Пасторала и Скерцо со високо ниво на чувстеност и романтичарска уметничка изразност во доживувањата на возвишеноста и убавината на природата, членовите на Трио Аура ги претставија со чувство за убава тонска боја, носивост и топлина во градењето на динамичките нијанси ускалдени во дијалошките и заеднички делници на композицијата.
Вистинско доживување беше музичкото патување низ изведбите на Три минијатури од современиот германски композитор Тим Јанса, како пиеси кои го доловуват ноќниот спокој и мистериозна атмосфера во деловите Песна, Дијалог во мракот со меѓусебен дијалог на флејтата и фаготот и спокојното Патување, потоа претставувањето на Магичната градина со деловите Јасмин и Мимоза од современиот хрватски композитор Зоран Новачиќ со програмски карактер соодветен на насловот на делото со импресионистички музички израз и мелодиски линии во единствена живописна тонска рамка и композицијата Три танци од современиот американски композитор Гери Шокер, оригинално дело со елементи на танцов карактер со концизна инструментација. Со стилско единство беше изведен и аранжманот на македонската народна песна Ој ти моме Охриѓанче.
Во различноста на овие дела кои изобилуваат со обемност во изразот и широк спектар на карактерност на музичката содржина, со контрасти во динамиката, со специфична композициска структура, ритмички и мелодиски особености, членовите на Трио Аура прикажаа интерпретација со изразени содржински и тонски обележја и претставувања на елементите во делата, со сугестивна интерпретација и исклучително музицирање на извонредни уметници со висока музичка култура.
Одлично подговени и навлезени во уметничката содржина на разнородните музички ракописи, оваа концертна вечер членовите на Трио Аура го потврдија нивното автентично техничко – интерпретативно умеење, како вдахновено музичко доживување со единствена хармонија во изведбата, совршено интергигани и со вештина на богато изведувачко искуство.
Мирјана Павловска - Шулајковска
Фотографии: Страшо Темков / приватна архива