Триесетгодишната уметничка дејност на нашиот познат кларинетист Бранко Павловски, беше одбележана со свечен, јубилеен концерт на 18ти ноември во Музејот на македонската борба. Бранко Павловски е уметник со особено богата музичка кариера што опфаќа повеќе полиња на делување: завидна едукација во европските музички центри - ФМУ – Скопје, Државната музичка академија во Софија, Академијата за музички уметности во Прага, Националниот конзерваториум во Версај, Националниот конзерваториум во Авре-Париз; учества на бројни мастер-класи со еминентни професори; работа како кларинетист во познати камерни и симфониски оркестри во Европа и САД; педагошка дејност пред сé како редовен професор на Факултетот за музичка уметност во Штип; но и на семинари по кларинет во САД, Чешка, Албанија и во нашата земја. Павловски докторирал на Факултетот за музичка уметност на Државниот универзитет на Луизиана, САД, каде за време на студиите работел како асистент по кларинет. Во тој богат творечки пат, воден од силна амбиција и трпелив процес на сопствената надградба како репродуктивен уметник, несомнено најзначајно место заземаат неговите настапи на концертните подиуми во САД, Франција, Англија, Германија, Чешка, Полска, Унгарија, Италија, Турција, Бугарија, Грција, Хрватска, Србија, Албанија и Македонија, за што е наградуван со вредни домашни и интернационални признанија.
Концертниот јубилеј, Павловски го осмисли како ревија со гостување на наши истакнати музички уметници, негови колеги, со кои соработува и настапува низ годините, а со кои за оваа пригода настапи во повеќе камерни формации. Кон тоа, атрактивната програма, конципирана како одличен репертоарски избор, беше во функција да се нагласи инструменталната делница на кларинетот и во целост да дојде до израз интерпретациско-техничкиот потенцијал на уметникот, па така публиката имаше привилегија да присуствува на една богата музичка вечер. Ќе забележиме дека Бранко Павловски преферира и се пронаоѓа во концертантни и виртуозни пиеси со содржина блиска до епохата на музичкиот романтизам, но со задоволство истражува и смели композиции од современи автори.
Концертот беше отворен во светол, афирмативен манир со композициите „Ноктурно“ од истакнатиот грузиски композитор Аја Азарашвили и два става (“of Beauty” и “of Anguish”) од Свитата „Палисада“ (2007) од современиот американски композитор Ерик Евазен. Пиесите ги слушнавме во изведба на камерно трио кларинет, флејта и пијано каде заедно со Бранко Павловски настапија флејтистката Златка Митева и пијанистката Наташа Трбојевиќ. Грузиското, изразито мелодично „Ноктурно“, уметниците го изведоа целосно стилски синхронизирано, истакнувајќи ги полетно романтичните линии во флејтата и кларинетот со попридушена пијано – придружба. Приемчивата топлина што извира од оваа пиеса, беше одличен вовед во концертот на кој мошне природно се надоврзаа американската пасторала “of Beauty” и енергичната “of Anguish” на Евазен. Уметниците ги доловија разиграниот карактер во првиот став, а покажаа понагласено чувство за ритмичко-џезерска комплексност во вториот став со што адекватно го претставија музичкиот лик на овој современ американски творец.
Следеа првиот и третиот став („Бордел 1900“ и „Ноќен клуб 1960“) од Свитата “Histoire du Tango” (оригинално создадена за флејта и гитара) од миленикот на современите уметници во сферата на кемерното музицирање – Астор Пјацола. Овој пат, во изведба на Бранко Павловски на кларинет и Ема Потевска-Попивода на пијано. Музичките разгледници од Јужна Америка, реминисценции за неодоливоста на сензуалниот танц, Павловски и Потевска ги донесоа во унисон, компактен ритмичен пулс. Технички уиграно звучеа синкопираните дијалози во двата инструменти, при што доминираа брзите и виртуозни промени на регистрите во кларинетот на Павловски. Аргентинското интермецо на концертот прозвучи ефектно и заводливо, во стилот на шармантниот Пјацола.
А изведбата на Концертната пиеса оп. 114 во де-мол од Феликс Менделсон и „Конкурсното соло“ од Андре Месаже, претставуваа своевидно програмско крешчендо со силен нагласок кон виртуозната кларинетска делница на солистот Бранко Павловски. Композициите тој ги исполни во придружба на фаготистот Даниел Апостолов и пијанистката Ема Потевска (Менделсон) и пијанистката Наташа Трбојевиќ (Месаже). Во троставната Концертна пиеса, низ слеаните тематски прелевања во кларинетот, фаготот и суптилната клавирска придружба, усогласените нагорни и надолни мелодиски пасажи и арпеџата, чистата интонација и орнаментика, публиката имаше можност да доживее едно блескаво салонско парче од камерниот опус на авторот. Павловски, Апостолов и Потевска, со нескриено уживање во изведбата ја пренесоа композицијата - одблесок од германската романтичарска естетика на Менделсон. И веднаш потоа како врв на концертната градација “Solo de Concours” од Месаже, незаобиколлива точка во репертоарот на секој сериозен, професионален кларинетист. Во оваа композиција освен што го слушнавме бујниот технички перформанс на Бранко Павловски во полн сјај, со сите промени во темпа, сложени фразирања, чисти трилери и пасажи, беше задоволство да се слушне и еден богат музикалитет со заоблен и мек тон на кларинет, преточен во средишната, типично француска мелодија и каденцата. Сложената финална секција ја слушнавме енергично и решително отсвирена, сосем адекватно за тежината на пиесата и како уварлива илустрација за интерпретацискиот потенцијал на солистот.
Во таков манир на целосна ведрина и расположение следеа два става (Фантазија и Рондо) од познатиот Гранд Квинтет (или познат како „Баерман Квинтет“ по виртуозот на кларинет од епохата на раниот романтизам Хајнрих Баерман) за кларинет оп. 34 во Бе-дур од Карл Мариа Вебер, кадешто солистот го придружуваше гудачкиот квартет во состав Климент Тодоровски – виолина, Бранислав Автовски – виолина, Марија Димитријевиќ – виола и Кирил Јосифов – виолончело. И во оваа извонредна, полетна романтична композиција, во центарот на вниманието повторно беше кларинетскиот виртуоз, тука солидно збогатен со ансамбловиот волумен на гудачкиот квартет. Особено атрактивно и моќно уметниците го изведоа Рондото – галоп. Тоа беше сложна камерна дружина што свири цврсто и енергично во еден заеднички здив. Уметниците во ова парче успејаа да го пренесат духот на пријателството меѓу музичарите како основен движечки мотив за успешно камерно музицирање, што впрочем е и изворишниот мотив во создавањето на Гранд Квинтетот – силната поврзаност и искрено пријателство меѓу талентираниот композитор Вебер и извонредниот виртуоз на кларинет Баерман.
Наполно контрастно, а во таа смисла и како мошне интересен програмски пресврт следеше изведбата на композицијата “Black dog”, од современиот американски композитор и кларинетист Скот Мек Алистер. Оваа комплексна и инвентивна пиеса, инспирирана од истоимената песна на влијателниот американски рок-бенд „Лед Цепелин“, Бранко Павловски ја изведе во придружба на пијанистката Милица Шкариќ. Двајцата уметници поврзани во една одлична звучна целина, преку ритмички ad libitum секции, нагли експлозивни динамички контрасти и посебно ефектни глисанда и врисоци во кларинетот, нé пренесоа во светот на хард рок музиката и звучниот амбитус на дисторзии во електричните гитари, вешто симулирани низ интерпретацијата и кларинетот на Павловски, а како примарен симбол на таа музичка естетика. Композицијата му даде посебен белег на концертот и видно го привлече вниманието на публиката.
Во завршницата, ја слушнавме пиесата „Кољо“, една особено имагинативна и свежа верзија на познатата македонска народна песна „Не си го продавај Кољо чифликот“ од современиот македонски композитор Давор Јордановски. Кларинетистот Бранко Павловски во придружба на извонредните уметници – камерно дуо виолина и пијано - Љубиша и Маја Кировски, го изведоа ова дело во суптилен, препознатлив за авторот поп-манир, потполно опуштено, префинето и со многу вкус, како одлично заокружување на концертот.
На овој јубилеен и свечен музички настан, во една сублимирана, сепак интензивна форма можевме да го запознаеме уметничкиот профил на кларинетистот Бранко Павловски. Тоа е уметник што несомнено грижливо и посветено го обликувал својот стилско-музички израз низ долгогодишна работа, вежбање, настапи и музицирање со други квалитетни уметници. Плод на таа конзистентна надградба е музичар со непретенциозна аура, одмерен и детален пристап во толкувањето на одбраниот репертоар и култивиран музикалитет, што посебно плени и ја обележува неговата интерпретација.
Бранко Павловски со нескриена радост и ентузијазам на сцената ја споделува својата музичка визија со публиката, па од него очекуваме уште најмалку триесет години музицирање и во иднина.
Викица Костоска Пенева
Фотографии: Панда Зографска Беличанец / Фондација Зографски