Марија Ѓошевска

Марија Ѓошевска  е една од најистакнатите и најактивни пијанисти во Република Македонија. Секој нејзин нов настап ја потврдува констатацијата дека во нејзината личност македонската музичка сцена доби пијанист со врвни професионални перформанси, мунициозна виртуозност и изразита индивидуалност. Посебна е фасцинацијата од нејзината рафинирана и сензибилна пијанистичка обоеност, која резултира со извонредна сценска сугестија.

Музичкото образование го започнува во основното музичко училиште „Владимир Арсовски” во Неготино. Средното музичко училиште го завршува во ДМБУЦ „Илија Николовски Луј” во класата на проф. Снежана Анастасова Чадиковска (1998), а дипломира (2002), магистрира (2004) и докторира (2009) на Факултетот за музичка уметност во Скопје во класата на истакнатиот пијанист и педагог проф. Борис Романов. Добитник е на повеќе награди и признанија на голем број државни и меѓународни натпревари од кои се издвојуваат следните награди:
  • 1992, 1995, 1998 – Прва награда на Републичките натпревари по пијано;
  • 1995 - Финалист на Меѓународниот натпревар по пијано во Усти над Лабен, Чешка;
  • 1997 - Трета награда на Меѓународниот натпревар „Николај Рубинштајн“ во Париз, Франција;
  • 1999, 2000 и 2001 година - Прва награда на натпреварот за полифорнија на ФМУ во Скопје.
Рецитално настапува на повеќе реномирани меѓународни фестивали: “Охридско лето” , “Скопско лето”, “Хераклејски вечери” и во повеќе земји низ Европа: Англија, Франција, Италија, Хрватска, Турција, Бугарија, Чешка итн. Во Македонија нејзините рецитали редовно ги организира КИЦ (Културно Информативен Центар). Марија Ѓошевска е елитен репрезент на меѓународните културни претставувања на Република Македонија и Министерството за култура ширум Европа. Редовно настапува како солист со Македонската Филхармонија, а значајни се и концертите со Дубровачки Симфониски Оркестар, Камерниот оркестар на Музичка Младина на Македонија и фестивалскиот оркестар на меѓународниот фестивал “Охридско лето” соработувајќи со повеќе диригенти: Антон Нанут, Леонид Николајев, Патрик Штруб, Арилд Ремерајт, Јуриј Алиев, Саша Николовски – Ѓумар, Борјан Цанев и др. Воедно е и хонорарен соработник на Македонската Филхармонија.

Репертоарот на Марија Ѓошевска опфаќа голем број дела од барок до современа музика. Повеќе пати настапува на Деновите на македонска музика свртувајќи го врз себе вниманието како изведувач со истенчено чувство за домашното творештво. Во 2010 год. добива специјална награда од фондацијата „Томислав Зографски” и воедно станува почесен член на оваа фондација. Созревањето на Марија Ѓошевска во музичар со врвни перформанси се отчитува и во нејзините чести ангажмани како камерен музичар и пијано – соработник со истакнати инструменталисти. Таа е член на пијано-триото „ВАМ” (заедно со Владимир Костов - виолина и Александар Котевски - виолончело) и дуото со пијанистката Елена Атанасовска. Реализира аудио и видео снимки за потребите на МРТВ.

Марија Ѓошевска е вонреден професор на катедрата по пијано на Факултетот за музичка уметност при Универзитетот „Св.Кирил и Методиј” во Скопје и член на Сојузот на музички уметници на Република Македонија од 2009 година.