Скопски дувачки квинтет

Скопскиот дувачки квинтет постои четири децении, како еден од првите камерни состави кај нас и претставува дел од една традиција на камерна дружба, меѓу плеада македонски уметници од дувачката фела. Овој камерен состав во текот на своето постоење изведува дела од светската ризница како и дела од македонски автори, некои и специјално напишани за овој ансамбл. Во него доаѓаа и заминуваа големи мајстори на своите инструменти,секогаш со желба и пораки Скопскиот дувачки  квинтет да опстане и продолжи.
 
Ансамблот реализирал голем број настапи во земјава и пошироко, како и бројни тонски и ТВ записи. Заради своите успеси многупати е наградуван со врвни награди како наградата „13 ноември“ на Град Скопје, Награда за успешност од Културно- просветна заедница на град Скопје, наградата „11 октомври“, како највисоко државно признание и други. Скопскиот дувачки квинтет гостува на познати манифестации и фестивали во земјата: Охридско лето, Денови на Македонска музика, Скопско лето и гостувања во Словенија, Хрватска, Босна, Бугарија, Австрија, САД, Русија, Израел, Србија, Црна Гора, Косово и други земји.
 
Од 2002 година,Скопскиот дувачки квинтет ја продолжува својата уметничка дејност под уметничко водство на
проф.м-р Васил Атанасов, со голем ентузијазам, исполнителска енергија и врвен уметнички професионализам. Така, по концертот во Виена, Австрија, музичката критика ќе напише:
“Со грижливо избрана програма, јасно нагласена музикалност и истенчен вкус за обликување и дозирање на колективниот звук во ваjање на мелодиските линии и комплименти за бравурозна изведба, воодушеви Скопскиот дувачки квинтет. Oвој камерен состав има остварено голем број записи од светската ризница, како и дела од македонски автори специјално напишани за нив.“
 
Сегашниот состав на Квинтетот го сочинуваат познати уметници членови на Камерниот оркестар, Скопски солисти, Македонската филхармонија и Македонската опера: Марија Јакимовска-флејта, Васил Атанасов-обоа, Ристе Ѓоревски-кларинет, Даниел Апостолов-фагот и Александар Гошев-хорна.