Кристина Светиева

Кристина Светиева се истакнува како една од најталентираните македонски млади пијанистки и развива широка концертна дејност. Пијано започнува да учи и да настапува на шест годишна возраст. Дипломира во 2006 год. (со „cum laude“ ) на Факултетот за музичка уметност во Скопје во класата на проф. Тодор Светиев, а магистрира  во 2008 год. со cum laude под менторство на проф. Жени Захариева. Во 2010 година ја завршува својата двегодишна специјализација на реномираната музичка академија во Париз „Schola Cantorum“ под менторство на проф. Жени Захариева. Во 2014 год. докторира на Факултетот за музичка уметност – Скопје, под менторство на проф. Жени Захариева. Носител е на повеќе високи државни и меѓународни награди и признанија на натпреварите во Италија, Бугарија, Чешка,”Охридски Бисер”, Сан Даниеле, Русалка.
 
Кристина Светиева успешно настапува на подиумите низ Македонија („Охридско лето”, „Скопско лето”, „Денови на македонска музика”) и надвор од земјата (Турција, Италија, Франција, Бугарија, Шведска, Холандија, Хрватска, Чешка, САД). Меѓу бројните нејзини настапи како позначајни се издвојуваат нејзиното деби со Македонската Филхармонија на седумгодишна возраст, а потоа следуваат низа настапи со истиот оркестар, меѓу кои и праизведбаta на Концертните етиди за пијано и оркестар од македонскиот композитор Борис Светиев, посветени токму на неа. Забележителни се и настапите со оркестарот на Факултетот за музичка уметност, како и учеството на повеќе интернационални музички фестивали меѓу кои: Интернационалниот музички фестивал во Анкара – Турција; Балканскиот пијанистички форум во Разград – Бугарија; Интернационалниот музички фестивал во Северен Кипар; Холандски музички сесии во Берген – Холандија; Охридско лето и фестивалот Златна Лира во Скопје – Македонија.
 
Исто така има остварено повеќе солистички рецитали во Скопје и низ Македонија, како и во странство, а посебно се истакнуваат нејзините солистички рецитали во Софија, Стокхолм и Париз како и настапот во Њујорк со реномираната првенка на МОБ, сопранот Весна Ѓиновска - Илкова. Активен учесник е на бројни пијанистички семинари и мајсторски класи каде соработува со бројни еминентни педагози и пијанисти како што се: Н. Штаркман, В. Крпан, А. Португез, Ф. Фолк, П. Донахју, Џ. О’Kонор, М. Ф. Буке, Ф. Турисини, К. Сакаи, А. Лемони, М. Каишиге, Т. Каишиге и сите го одбележуваат нејзиниот исклучителен талент и извонредните изведувачки способности.
 
Во моментот работи како вонреден професор по пијано на Факултетот за музичка уметност во Скопје