Михаило Куфојанакис - виолина

Македонскиот виолинист МИХАИЛО КУФОЈАНАКИС, роден во Скопје, дипломирал 1981 г. на Факултетот за музичка уметност - Скопје во класата на проф. Зоран Димитровски. Последипломски студии завршил 1983 г. во Москва, СССР, на Државниот конзерваториум П. И. Чајковски во класата на познатиот професор и Народен уметник на СССР Дмитриј Циганов.

Почетоците на неговата повеќедеценијска уметничка кариера го одбележуваат настапи во својство на претставник на Македонија и Југославија, преку Музичката младина на Македонија, со учество во музичките кампови во Грожњан-Хрватска, Умеа-Штедска, Светскиот младински симфониски оркестар во Лондон, Фрибург и Симфонискиот оркерстар на музичка младина на Италија (турнеја низ Италија,Швајцарија и Франција)
 
Солистички настапувал со Македонската филхармонија, Нишката филхармонија, Камерниот оркестар на МРТВ, камерниоте оркестри  Загребски солисти, Македонскиот камерен оркестар, Академикум музикум и Камерниот оркестар на Македонската филхармонија, Мандолинскиот оркестар при МКЦ - Скопје и мандолинскиот оркеста Скопје.
 
Остварил низа солистички настапи во Русија, Бугарија, Чехословачка, ширум поранешната СФРЈ, Хрватска, Монтенегро, Австрија, Турција, Грција, Италија.
 
Настапувал повеќекратно на реномираните фестивали и манифестации: Охридско лето, Сплитско лето, Скопско лето, Денови на Југословенска музика во Херцег Нови, Фестивал на камерна музика во Пловдив-Бугарија, Денови на македонската музика во Скопје, Скопски културен мозаик во Загреб и Чаковец, манифестацијата „Во чест на Свв. Кирил и Методиј“ во Рим-Италија, Гоцеви денови во Турција, Бугарија и Црна Гора, Есенски музички свечености - Скопје, во Р. Хрватска реализирал настапи на Новаљско глазбено лето, Опатијско културно лето и летната музичка сцена во Омишаљ.   
Негови соработници низ изминатите 35 години уметничка дејсност се пијанистите Весна Петрушевска-Јакимовска, Маја Кастратовиќ и проф. Тодор Светиев.
 
Михаило Куфојанакис е еден од оснивачите на гудачкиот квартет Гајдов, чиј водач бил во периодот од 1989 г. до 1995 г. Бил концертмајстор на Македонската опера и балет (МОБ) од 2007 г. до 2009 г., и концертмајстор на Македонскиот камерен оркестар под раководство на маестро Ванчо Чавдарски.
 
Во 1988 г. работел како професор на Новосадската музичка академија, а во 1989 г. на Приштинската академија. Од 1985 г. до денеска работи на Факултетот за музичка уметност – Скопје, како редовен професор по виолина.
Бил член на жири на меѓународните конкурси по виолина: Охридски бисер - Македонија, претседател на жири на вториот Регионален конкурс по виолина во Приштина Косово, Музичари на новиот милениум во Скопје, Петар Коњович во Белград – Србија.
 
Добитник е на низа престижни награди и признанија меѓу кои се издвојуваат Бронзената плакета на меѓународниот меморијал Фрањо Крежма 1973 во Осијек - СФРЈ и наградата Златна Лира 1990 за врвни уметнички дострели, доделена од  Сојузот на музички уметници на Македонија (СМУМ) за концертот изведен на фестивалот Охридско Лето 1989 со камерниот оркестар Загребски солисти.
 
Реализирал бројни трајни записи за музичката продукција на МРТВ, компакт диск под покровителство на Министерството за култура на Република Македонија, како и видео запис во живо од концертот на Камерниот оркестар на МРТВ на фестивалот Охридско лето 1991, каде Михаило Куфојанакис настапува како солист со изведба на Концерт за виолина, ударалки и камерен оркестар од композиторот проф. Михајло Николовски.