Борче Наумоски е роден 1982 година. Средното музичко образование го завршил во ДМБУЦ ,, Илија Николовски – Луј” во класа на проф. Владо Станковски, а дипломирал на Факултетот за музичка уметност при Универзитет ,,Св. Кирил и Методиј” - Скопје во класа на проф. Војислав Ивановиќ во 2006 година. По дипломирањето се запишал на втор циклус (магистерски) студии под менторство на проф. Срѓан Тошиќ од Факултетот за музичка уметност при Државниот Универзитет во Белград Р. Србија. Магистерскиот труд по интерпретација на гитара го одбранил 2010 година, стекнувајќи се со степен магистер по гитара.
Во периодот на своето усовршување и едукација, во соработка со проф. Срѓан Тошиќ настапувал неколку концертни сезони во градови во Р. Македонија кои имаат школи за класична гитара, за популаризација на класичната гитара. Настапувал и како член на камерни состави во КИЦ и на факулттеот за музичка уметност во Скопје. Реализирал и неколку настапи и концерти со дуо гитари. Одржал рецитали во градовите на култура во Р. Македонија како во Кавадарци, Гевгелија, Охрид. Следуваат серија концерти со концерт по повод педесет години Музичка Младина на Македонија, концерт на отварањето на интернационалниот фестивал за гитара - Тремоло, Скопје гитар фестивал со познатиот концерт за гитара и гудачки квартет во А-Дур на Мауро Џулијани, како и концерт на еден од поголемите фестивали за класична музика во Р. Македонијa- Златна Лира.
Репертоарот на Наумоски е составен од еден мошне широк спектар на дела од композитори од повеќе стилски епохи, со богат звук, беспрекорна изведба и интерпретација кој нуди популарни и посакувани дела токму за овој инструмент кои се проследени со позитивни критики, уживање и љубопитност кај поширокиот аудиториум. Репертоарот вклучува дела од Силвиус Леополд Вајс, Ј.С.Бах, Ф. Сор, Ф. Карули, М. Џулијани, Н. Паганини, Џ. Регонди, Ф. Тарега, А. Бариос, М. Понс, М. Тороба, И. Албениз, Х. Родриго, Х. Вила Лобос, Л. Брауер, Р. Диенс и други.
Работи како редовен професор во ДМБУЦ ,,Илија Николовски – Луј”. Во учебната 2015/16 година ангажиран е на Факултетот за музичка уметност при Универзитетот ,,Св. Кирил и Методиј” во Скопје. Во студиската година 2016/17 Борче Наумоски е избран во наставно-научно звање Доцент.