Љубиша Кировски дипломирал на ФМУ во Скопје во класата на проф. З. Димитровски, во чија класа и магистрирал со посебна пофалба cum laude. Особено забележителна е неговата изведба на шестте сонати за соло виолина од Е. Изаи во една вечер. Настапува како солист со Македонската филхармонија со концертите во Д- дур и ха-мол од Н. Паганини, концертот во фис-мол од Х. Виењавски и концертот од А. Хачатуријан во Скопје, Софија и Сараево. Во 2001 година настапува во Санкт Петербург во рамките на манифестацијата „Денови на македонската култура“, со рецитал и со оркестарот на Санкт Петербуршката капела каде го изведува концертот во А-дур од В. А. Моцарт. Во 2003 година настапува во Лондон со МАК-трио. Во 2006 година реализира концертна турнеја во шест градови во Шведска како солист со Камерниот оркестар на Македонската филхармонија. Во 2012 изведува соло концерт со дела за соло виолина и виола. Настапува и како солист со камерниот оркестар „Скопски солисти“.
Кировски бил концерт-мајстор во Македонската опера и Македонската филхармонија. Тој е редовен професор на Факултетот за музичка уметност во Скопје и водач на гудачкиот квартет „Гајдов“. Од 2011 година Кировски е претседател на Сојузот на Музичките Уметници на Македонија
Веќе 24 години настапува во дуо со својата сопруга Маја Шутевска Кировска. Од основањето до денес, дуото има реализирано бројни настапи надвор од Македонија, во Хрватска (Загреб, Осјек ,Ријека и Пула), Србија (Белград - БЕЛЕФ, фестивал Нови Сад, во Врњачка Бања, Подгорица), Полска (Варшава Краков, Лоѓ), Италија (Трст, Фиренца), Швајцарија (Лозана), Турската Република Северен Кипар (Беледијеси Фестивал), Бугарија, Лондон, Њујорк, Германија, и на фестивалите во Македонија Златна Лира, Скопско лето, Хераклејски вечери, Есенски музички свечености, Денови на македонската музика, а секоја година настапува и со премиерна програма во Салонот 19,19.
Во 1997 година дуото специјализира на Европската Моцарт Академија во Варшава кај следните еминентни професори (Г. Такач, И. Роман, Г. Жислин Г Самољотов), а кај професорите Павел Гилилов и Пјер Амојал на Летната академија во Лозана се усовршувале за изведба на сонати за виолина и пијано, каде од професорите биле избрани меѓу трите најдобри дуа. Во 1998 година биле добитници на Специјалната награда на Ц.Е.И (Централно Европската Иницијатива), на Меѓународниот натпревар за камерна музика Трио ди Триесте, Италија
Репертоарот на дуото опфаќа дела барокот до музиката на 20. век со над 50 сонати за виолина и пијано. Дуото посебно го негува македонското музичко творештво редовно изведувајќи дела од македонски композитори, од кои голем број на дела се посветени на дуото. Во 2011 година имаат концерти во Њујорк, Лондон и Скопје со дела од македонски композитори посветени на дуото, а во 2012 премиерно го изведуваат двојниот цонцерт за виолина и пијано од Димитрије Бужаровски со Македонската филхармонија кој е воедно и посветен на нив.
Во 1999 го имаат снимено својот прв компакт диск во живо од фестивалот „Охридско лето“. Во 2004 година ја добиваат наградата „Златна Лира“, за врвни уметнички достигнувања во 2003 година која ја доделува СМУМ. Во 2005 година го снимаат својот втор компакт диск во живо, на фестивалот „Есенски музички свечености“. Третиот троен компакт диск излегува во 2010 година и содржи три концерти снимени во живо, од кои едниот е со дела од македонски композитори
Во 2014 година дуото ја добива наградата Виртуози за најдобар камерен ансамбл во Македонија за 2013 година во која го прославија 20 годишниот јубилеј. Во 2015 година ја добиваат наградата „Георги Божиков“ која ја доделува СОКОМ за континуирана изведба на дела од македонски композитори во 2014 година.