Даница Стојанова е родена во Струмица – Македонија каде и го завршува основното музичко образование во класата на Софија Вета. Средното училиште ДМБУЦ Илија Николовски Луј го завршува во Скопје кај проф. С. Пановска а во меѓувреме соработува со професорите Д. Трбојевиќ и Арбо Валдма на Музичката академија во Белград - Србија. Студиите по пијано ги завршува кај проф. Јокут Михаиловиќ во Србија и магистрира на ФМУ, Скопје кај проф. Е. Трпкова. Активно учествува на меѓународни музички академии по пијано во Белгија, Русија, Бугарија, Мароко,Германија, Холандија и работи со светски познатите педагози како Жени Захариева, Акил Дел Вињ, Жак Рувие, Људмила Рошчина, Хериберт Кох.
Даница Стојанова денес е една од најреномираните професорки по пијано и камерна музика во средното училиште ДМБУЦ „Илија Николовски-Луј“, каде постигнува високи резултати со своите ученици на државната и меѓународната сцена. Член е на жири комисии на престижните натпревари по пијано и камерна музика во регионов ( Македонија, Србија, Бугарија, Косово). Држи мастер класи за пијано во Македонија, Малезија, Косово, како и стручни предавања на меѓународните фестивали како Шопен Фест, Епта и други.
Настапувала како солист со Македонска филхармонија и Видинска филхармонија од Бугарија. Како пијано придружник соработувала со уметниците Благоја Ангеловски, Анастазија Низамова, Ана Дурловски, Олег Контраденко, Роберт Цеков. Како солист настапува со полурецитали и целовечерни концерти во Македонија, Бугарија, Турција, Малезија, Германија, Франција, Косово, Србија, Италија, САД.
За нејзината работа таа е добитник на наградите „Најдобар уметнички пијано соработник“ на 22 – от Меѓународен натпревар „Музиката и луѓето“ во Софија во 2004 година, награда за едногодишна успешна работа во областа на музичката педагогија доделена од страна на Здружението на музичките и балетски педагози на Македонија (2007), Награда за одлични педгошки достигнувања во 2009 година во Бугарија, Награда за повеќегодишна успешна работа во областа на музичката педагогија во Македонија во 2011. Од 2016 година таа е почесен член на Фондацијата „Томислав Зографски‘‘. Автор е на книгата ‘„Фредерик Шопен - поет на пијаното‘‘.
Даница Стојанова е позната како голем подржувач на младите уметници од државата на кои редовни им помага со организирање на нивни концерти, препораки за учество на пијано мастер класи и натпревари и стручна соработка на меѓународно ниво.