Дуото Кировски (Љубиша Кировски - виолина и Маја Шутевска Кировска - пијано) е формирано во 1993 година. Оттогаш до денес, дуото има реализирано бројни настапи надвор од Македонија, меѓу кои во Хрватска (Загреб, Осијек, Ријека и Пула), Србија (БЕЛЕФ во Белград, фестивал Нови Сад, Врњачка Бања, Подгорица), Полска (Варшава, Краков, Лоѓ), Италија (Трст, Фиренца), Швајцарија (Лозана), Турската Република Северен Кипар (Беледијеси Фестивал), Бугарија, Велика Британија (Лондон), САД (Њујорк), Германија и во Македонија на фестивалите „Охридско лето“, „Златна Лира“, „Скопско лето“, „Хераклејски вечери“, „Есенски музички свечености“, Салонот 19,19 при Културно-информативниот центар во Скопје.
Во 1997 година дуото специјализира на Европската Моцарт Академија во Варшава кај следните еминентни професори (Г. Такач, И. Роман, Г. Жислин Г Самољотов), а кај професорите Павел Гилилов и Пјер Амојал на Летната академија во Лозана се усовршувале за изведба на сонати за виолина и пијано, каде од професорите биле избрани меѓу трите најдобри дуа. Во 1998 година биле добитници на Специјалната награда на Ц.Е.И (Централно Европската Иницијатива), на Меѓународниот натпревар за камерна музика Трио ди Триесте, Италија
Репертоарот на дуото опфаќа дела барокот до музиката на 20. век со над 50 сонати за виолина и пијано. Дуото посебно го негува македонското музичко творештво редовно изведувајќи дела од македонски композитори, од кои голем број на дела се посветени на дуото. Во 2011 година имаат концерти во Њујорк, Лондон и Скопје со дела од македонски композитори посветени на дуото, а во 2012 премиерно го изведуваат двојниот цонцерт за виолина и пијано од Димитрије Бужаровски со Македонската филхармонија кој е воедно и посветен на нив.
Во 1999 го сниммат својот прв компакт диск во живо од фестивалот „Охридско лето“. Во 2004 година ја добиваат наградата „Златна Лира“, за врвни уметнички достигнувања во 2003 година која ја доделува Сојузот на музички уметници на Македонија. Во 2005 година го реализираат својот втор компакт диск во живо, на фестивалот „Есенски музички свечености“. Третиот троен компакт диск излегува во 2010 година и содржи три концерти снимени во живо, од кои едниот е со дела од македонски композитори
Во 2014 година дуото ја добива наградата „Виртуози“ за најдобар камерен ансамбл во Македонија за 2013 година во која го прославија 20 годишниот јубилеј. Во 2015 година ја добиваат наградата „Георги Божиков“ која ја доделува СОКОМ за континуирана изведба на дела од македонски композитори во 2014 година.