Ристо Ѓоревски завршува нижо и средно музичко училиште во Битола во класата на професорот Панде Татарчевски, а своите студии ги продолжува на Факултетот за музичка уметност во Скопје во класата на професор Иван Кочаров, во чија класа ги завршува и постдипломските студии во 2006 година. Уште во текот на своето образование забележува бројни настапи како на концерти така и на државните натпревари по кларинет и камерна музика. Наградуван е со прва државна награда за кларинет во 1994 и 1997 и прва државна награда за камерна музика во 2002 година, а во 2015 година како ДУО КЛАРИНЕТИ Ѓоревски-Бакревски ја освојуваат сребрената награда на натпреварот Свирел во Словенија во категоријата камерни состави.
Концертно настапувал на повеке соло рецитали но и како член на различни камерни состави и оркестри во републиката и надвор од неа. Одреден период настапувал како член на Македонскиот дувачки квинтет, додека сега е активен член на Скопскиот дувачки квинтет. Забележителен е и неговиот настап на Скопско Лето 2009, на концертот по камерна музика заедно со македонскиот пијанист Симон Трпчески, како и со младинскиот оркестар на КултурОп под раководство на светското „чудо од дете“ диригентот Илич Ривас. Исто така, голем впечаток и позитивни критики беа забележани после неговиот настап заедно со Сергеј Петров – прв кларинетист на Бољшој театар (Москва) и Елена Атанасовска Ивановска – пијано на фестивалот Охридско лето 2014, како и на Битфест 2014.
Како член на различни оркестри настапувал со Симфонискиот оркестар при Факултетот за музичка уметност-Скопје, камерниот оркестар Св. Софија, Битолскиот камерен оркестар, Балканска филхармонија-Скопје, оркестарот Јохан Штраус, симфонискиот оркестар на КултурОп, оркестарот за филмска музика FAME’S Скопје, Македонската Филхармонија и оркестарот на Македонската Oпера и Балет каде што е и вработен. На меѓународно ниво настапувал во Интернационалниот младински оркестар-Сараево 2003 година, Кралскиот симфониски оркестар при палатата Виланов – Полска, Меѓународниот Московски Фестивал за Славјанска Музика, каде што е член на жири комисија а воедно има и солистички настапи во рамките на истиот фестивал и др. Посетувал семинари кај Филип Пагљалонга, Јоко Јокота, Пол Маер, Николас Кокс. Има реализирано повеќе аудио и ТВ записи како и издадени два компакт диска со Скопскиот дувачки квинтет, а неодамна го издаде и својот прв солистички компакт диск.
Неговите настапи биле дел од повеќе фестивали како што се „Скопско лето“, „Охридско лето“, „Есенски музички свечености“, „Денови на македонската музика“, „Интерфест-Битола“, „Хераклејски вечери“, Битфест, „Штипско лето“, „Дојрански ракувања“, „Сараевска зима“, како и настапи со различни формации, оркестри или солистички во Австрија, Aлбанија, Србија, Словенија, Бугарија, Полска, Русија, САД, Индонезија и др.
Настапувал и како солист со Македонската Филхармонија и оркестарот на Македонската опера и балет, а забележителен настап како солист има и со Московскиот државен академски симфониски оркестар во Москва во 2015 година.