Милица Шкариќ

Милица Шкариќ завршила основно и средно музичко образование во класата по пијано на проф. Валентина Нолчева во ДМБУЦ „Илија Николовски-Луј“ - Скопје. Дипломирала пијано во Париз на Ecole Normale de Musique de Paris во класата по пијано на Нелсон дел Вињ. На истата институција се здобила и со диплома за камерна музика. Две години изучувала корепетиција во класата на Сесил Хугонар-Рош, професор на Националниот конзерваториум во Париз. Три години се усовршувала како солист во класата на интернационално реномираниот пијанист Евгениј Королиов на Факултетот за музичка уметност во Хамбург, Германија. Во текот на 2004-2005, таа оствари студиски престој како гостин професор на Факултетот за музичка уметност во Ен Арбор, Мичиген, САД. Докторирала на ФМУ Скопје под менторство на проф. м-р Тодор Светиев.

Носител е на три први републички награди по пијано, на прва специјална награда со максимален број поени на сојузниот натпревар на поранешна Југославија, четврта награда на меѓународниот натпревар во Сенигалија, Италија, прва награда на меѓународниот натпревар во Саребург, Франција и награда за корепетиција на натпреварот „Елизе Мајер“, Хамбург, Германија.

Учествувала на семинари по пијано кај познатите педагози Арбо Валдма, Икуко Ендо, Јокут Михајловиќ, Сиавуш Гаџиев, Ралф Наткемпер, Акилес Дел Вињ и др. Носител е на странски стипендии од фондациите Албер Русел, Џилда Сантарели, Ото Штотерау, Сорос, ДААД и Американска програма за развој на млад наставен кадар (JFDP).

Настапувала како солист и камерен партнер во Франција, Германија, Италија, САД, Србија, Бугарија, Македонија и др. Повеќе нејзини целовечерни концерти се снимени во живо од Македонската радио телевизија. Нејзини изведби на дела од македонски современи композитори се издадени на неколку ЦД изданија од СОКОМ. Во 2009 година, Шкариќ заедно со обоистот Владимир Лазаревски издаде ЦД со дела од современи балкански автори. Во 2012 година Шкариќ заедно со тенорот Михајло Арсенски издадоа ЦД со ремек-дела за тенор и пијано од Шуман, Форе, Дебиси, Зографски, Скаловски и Прокопиев. Нејзините настапи се високо оценети од музичките критичари. 

Од 2012 година Шкариќ е редовен професор по предметите „Пијано“ и „Методика на наставата по пијано“ на Факултетот за музичка уметност во Штип. Автор е на учебник по пијано за возрасни почетници „Пијано, детски и други музички инструменти“, книгата „Интерпретациски проблеми на избрани дела за клавишни инструменти од Ј. С. Бах“, учебник по предметот „Историја на пијанизмот 1“ и има објавено повеќе трудови. Шкариќ досега има одржано повеќе музички работилници и еден меѓународен семинар по пијано во Белгија. Таа е почесен член и носител на наградата Гран При за 2016 година од Фондацијата Зографски.