Концерт - празник на музичката уметност, вознес на она што во македонската културна меморија значи поставување на темелите на највисоката и најсуптилна уметност - камерното музицирање на еден од најстарите ансамбли во нашата средина - Скопскиот дувачки квинтет. Цели 40 години континуитет во светот на музичката интерпретација со јасно дефиниран уметнички критериум, со култивиран и осмислен однос кон огромната светска и домашна ризница на дела за еден ваков специфичен камерен состав, во кој импресивен е и бројот на специјално создадени дела од нашите автори токму за него. Атмосфера за респект, бројните почитувачи на овој наш реномиран ансамбл и овој пат дојдоа со желба да уживаат во неговиот уметнички перформанс, зaшто секогаш тоа задоволство им го давале петтемина извонредно компактни во звукот мајстори на своите инструменти, кои пак во таа компактибилност знаат секогаш да го достигнат максимумот.
Скопскиот дувачки квинтет достоинствено го продолжува она убаво и неповторливо чувство што извираше од нивните постари колеги, основачите на овој наш извонреден ансамбл. Свират со непресушна енергија, ја создаваат магијата на звукот, патуваат во музичките пространства кои ги пронаоѓаат низ литературата и со мошне истенчено чувство успеваат да ја пресоздаваат музиката, мината и денешна, со сиот респект и пиетет кон македонското творештво кое неизбежно е на секоја негова нова програмска концепција.
Па така мајсторските вештини на членовите на овој состав на Скопскиот дувачки квинтет –Марија Јакимовска, флејта, Васил Атанасов, обоа, Ристе Ѓоревски, кларинет, Даниел Апостолов, фагот и Александар Гошев, хорна, публиката ги перцепираше со љубопитност, уживајќи во спецификата на делата од Моцарт Дивертименто К.В370, Осумте руски фолклорни песни на Љадов., мошне инспиративната програмски замислена „Манифестација“ на С. Стојков, популарната „Кармен суита“ на Бизе и темпераментната Суита од балетот „Лабин и Дојрана“ на Т.Прокопиев. Избор на дела кои бараат силна концентрираност, стилска разнообразност, бараат виртуозна и темелна техничка поставеност, а секако и развиена мелодиска линија, особено во елегичните ставови или пак темпераментни изливи во брзите делови.
Светлината на музичката идеја на делото „Манифестација“ на Стојков беше момент кој треба посебно да се издвои, зашто присуството на нејзиниот автор секогаш претставува поголем стимул изведбата да го достигне својот максимум и автентичност на идејната замисла на композиторот. Убава и сликовита изведба доживеа токму ова дело на оваа вечер. Секако и останатите изведени композиции беа насликано музичко платно, со спектар на убави звучни бои кои ја дополнуваа имагинацијата на слушателот.
Уметниците на Скопскиот дувачки квинтет ги красат необично голем оптимизам, зрачат со искрена љубов кон музиката што ја создаваат, а ние сето ова им го посакуваме и во иднина зашто тоа е главниот двигател да се опстојува толку долго и успешно на концертниот подиум и низ целата таа долгогодишна кариера да се биде водечки ансамбл, единствен кој успева да ги премостува сите предизвици што неминовно се појавуваат на тој долг и трновит пат во уметноста.
Васка Наумова Томовска