Осврт кон концертот на Македонската филхармонија под наслов „Бесмртност“
Диригент Сашо Татарчевски, Солист Нина Костова Јаневска-пијано
Хор „Драган Шуплевски“,Факултет за музичка уметност-Скопје
Професионален хор „ПРО АРС“,
Јаворка Витанова-сопран, Мартина Нанеска-мецо-сопран, Бојана Јованова-алт,
Јане Дунимаглоски и Шинаси Рамадан-тенори, Мартин Блажевски-бас
Mакедонската филхармонија и бесмртниот музички универзум на генијалниот германски композитор Лудвиг ван Бетовен, на прагот на 250 години од неговито раѓање, мошне храбро не понесе во едно ново музичко патување. Под диригентската палка на Сашо Татарчевски, пијанистката Нина Костова Јаневска, Хоровите „Драган Шуплевски“ при Факултетот за музичка уметност и „ПРО АРС“, и соло пеачите, концепциски презентираа повеќе или помалку познати и изведувани дела на големиот мастор. Така, можеби за прв пат на сцената на Македонската филхармонија прозвучи Бетовеновата „Увертира за именден“ оп.115, посветена на тогашниот полскиот принц Антони Радзивил, голем покровител и љубител на уметноста. Познато е дека делото не доживеало голема популарност и денес многу ретко може да се најде забележано низ музичка историја, како и на репертоарот на светските оркестри и диригенти. Кратка и нергична, дури и според самиот Бетовен таа не спаѓа во редот на неговите најдобри дела, но исто како и второто негово дело од програмата – Хорската фантазија за пијано, хор и оркестар во c-moll оп.80 се значајни заради носечката тема која што десетина години подоцна авторот мајсторски ќе ја круниса со поставувањето на Шилеровата „Ода на радоста“ во последната, 9-та симфонија. Звучните слики напластени во тој моќен ум на генијот за време на првата половина од животот биле доволни да ја хранат восхитувачката енергија и раскошен талент, а визиите за музиката и невобичаениот и напредниот избор на инструментариум за тоа време, како и формалната структура на делото ( во два става) зрачат низ постојаната убавина на неговиот вонвременски опус. За разлика од клавирските концерти, Фантазијата за клавир како и увертирата , исто така спаѓа во редот на помалку атрактивните и изведувани солистички дела. Во форма на концертна фантазија каде основната тема ја донесува најнапред пијаното со виртуозен вовед, истата се разработува низ инструментариумот низ лирски, понекогаш и драматични „дијалози“ меѓу клавирот и тријата или квартетите низ ансамблот, што на моменти не подсетува на неговите маестралани камерни творби, за конечно да настапи хорот како „круна“ на целиот ансамбл. Музиката навидум лесна и приемчива, со медолиска линија препознатлива за пошироката публика, таа не дозволува подценување на „едноставноста“ во толкувањето. Ако се согласиме со тезата дека мисијата на секој репродуктивен уметник е трагање и проникнување во суштината на зададената материја, тогаш умешноста следствено и неминовно резултира со толкувањето на скриените, неоткриени и суптилни нијанси на партитурата.
Како и да е, Нина Костова Јаневска како припадник на современата генерација македонски пијанисти, презентираше мошне солидна и зрела техничка прецизност, едноставна и чиста во соло пасажите и помалку воздржана реторика, што го наметна впечатокот за одсуство на емотивен набој, толку очекуван речиси во сите творби на Бетовен. Некои пијанисти ваквата концепија на Бетовен би ја искористиле како предизвик и појдовен пристап кон сликањето на музичката партитура при што ги клависките делници со една наметлива бравурозност би ги довеле до очекуваниот уметнички врв.
Значаен придонес во изведбата покрај оркестарот на Македонската филхармонија имаа и Хоровите „Драган Шуплевски“ и „ПРО АРС“ кои со долгогодишната континуирана работа на Сашо Татарчевски, пласираа уверлива мелодиска и римичка интерпретација, додека пак кај соло пеачите, се разбира, со чесни исклучоци, повремено одсуствуваше чувсвто за интонативна доследност.
Втората симфонија во D-dur,оп.36 настаната и изведена во време на прочуениот Хајлигенштатски тестамент (поттикнат и создаден како резултат на соочувањето со првите симптоми на глувост и е своевиден автопортет кој зборува за трагедијата на болеста и страдањето што доаѓа со неа, како и пркосењето на судбината), е изразито ведра, полна со весел и радосен карактер, но и со помалку притаен немир, со мелодиска инвентивност, особено распеана во вториот став, со воведување на скерцото наместо галантниот менует во третиот став , па се до заокружување на симфонијата со финале во кое владее ритамот и победничка атмосфера.
Под диригентската палка на маестро Сашо Татарчевски, еден од особено активните македонски уметници пред сé како хорски диригент , изведбата на Симфонијата , како и на претходните дела на големиот мајстор, остави впечаток на звучна хомогеност и коректна техничка прецизност и совесно внесувње во сложеноста на класичната партитура, притоа не надминувајќи ги границите на едно академско толкување на Бетовеновите творби. Уметничката натура на овај концерт , составена во најголем број од релативно зрели уметници со богата биографска поздина и нивното настојување за креативно проникнување, на моменти кај нас предизвика реактивирање на една од многуте мемориски слики од успешните настапи на студентите на ФМУ на крајот на академската година.
Во искрено очекување на нови емотивни набои и уметнички репродуктивни бравури, ќе напоменеме дека за поздравување е и континураната децениска тенденција на националната установа Македонска филхармонија во претставувањето на македонските музички уметници и нивните креативни проекти. Како етаблиран ансамбл по низата успешни проекти во рамките на редовната програма и вон неа, нејзина приоритетна мисија е да го негува и надоградува класичниот репертоар во интерес на својот развоен контитуитет и високи естетски достигнувања.
Татјана Грковска
Фото: Македонска филхармонија