Индивидуален музички пулс

(кон концертот на Даница Стојанова - пијано)
 
На втората вечер од овогодишното издание на фестивалот „Златна лира“ во организација на Сојузот на музички уметници на Македонија, го проследивме настапот на пијанистката Даница Стојанова. Активна во нејзината педагошка дејност, Стојанова настапува и на концертните подиуми кај нас и во странство. Особено значајна е нејзината посветеност и делување во насока на промоција на македонското музичко творештво.

Во рамките на пијанистичкиот рецитал Даница Стојанова ги изведе Првата исповедна молитва од Ристо Аврамовски, Десет минијатури оп. 6 од Томислав Зографски, Соната оп. 38 бр.1 од Николај Меднер, Шест клавирски минијатури од Јана Андреевска, Мазурки оп. 24 од Фредерик Шопен и Суита за пијано оп. 7 од Гоце Коларовски.

И програмската определеност и течението на целиот настан уверливо насочуваа кон сериозна намера на пијанистката Даница Стојанова за студиозно навлегување и осмисленост на претставената концертна програма. Нејзината постапка и застапеноста на дела од македонски композитори на концертот заслужува посебна пофалба. Овие творби од македонски автори, како автентични композиции ги надминаа границите на времето и просторот каде се создадени. Способноста за зрелата и концентрирана изведба на Даница Стојанова на овие дела, со мудра контрола кон организирана и обмислена структура, представува надополнување и течение на процесот на нивното живеење.

Изведената програмска концепција насочуваше кон доминација на малата музичка форма со која до израз можеше да дојде потребната ширина и простор за „раскажување“ на индивидуалните размислувања на пијанистката.

Токму и затоа претставената програма содржеше изразито тежнение кон нивна изведба како емоционално поетски творби. Уметничкиот израз на овој концерт Даница Стојанова го градеше врз максимално соживување  и нурнување во содржинските елементи на делата. Особено пристапот кон изведбата на композициите обилуваше со суптилно изработени детали и фразирања, извлекувајќи динамички градации, „испакнати“ динамички контрасти и фонови. Притоа, темпата, динамиката и агогиката беа израз на индивидуалниот музички пулс. Со тоа пијанистката Даница Стојанова претстави транспарентен уметнички ефект.

Во оваа насока, на крајот на концертот, обраќајќи се кон публиката со емотивен говор, уметницата овој настап го посвети на генерацијата македонски пијанисти, нејзини (а и наши) професори кои во текот на нивната активна педагошка и концертна дејност со голема посветеност и ентузијазам остварија голем удел во одржувањето на континуитетот на општата уметничка клима и развојот на пијанистичката педагогија и уметност кај нас.
 
Мирјана Павловска Шулајковска

Фото: Панда Зографска Беличанец (приватна архива)