(кон концертот на Љубиша Кировски – виолина и виола на фестивалот „Златна лира“ 2019)
Да се посвети целовечерен концерт за било кој гудачки или дувачки инструмент – соло и при тоа да се донесат премиерни изведби на сите дела, претставува повеќезначен исклучително одговорен и комплексен предизвик за секој солист. Сите нивоа на задачата имаат удвоена димензија според сложеноста, од сочинување на програмата, исполнување на техничките и интерпретативни барања содржани во пиесите за соло инструмент, па сé до можеби и најважниот аспект, да се задржи вниманието и фокусот на публиката поради опасноста од едноличност и монотонија на звукот. Многу веројатно е дека значаен дел пред сé од пошироката публика, но и од академските познавачи, со зголемена доза љубопитност ќе пристапат кон најавата на концерт за соло виолина и виола! Особено во нашата средина каде концерти од ваков вид се невообичаено случување. Точно таков предизвик си постави нашиот реномиран уметник Љубиша Кировски одбирајќи вечер посветена на дела за соло виолина и виола. При беглиот поглед на избраниот репертоар, а секако имајќи ја на ум докажаната студиозност на солистот, не беше тешко да се предвиди дека ќе имаме интересна уметничка вечер.
На македонската музичка сцена во сферата на класичната музика, значајна низа години Љубиша Кировски се наметнува како еден од водечките виолинисти. Покрај педагошката дејност на Факултетот за музичка уметност во Скопје, тој гради и мошне плодна концертна кариера кај нас и во странство, како солист, како гостин со камерни ансамбли и оркестри, но пред сé во полето на камерната музика како едната половина од дуото виолина и пијано „Кировски“ заедно со неговата сопруга пијанистката Маја Шутевска – Кировска. После минатогодишниот успешен концерт со кој дуото одбележа дваесет и пет години активна концертна дејност, овој пат го слушаме Кировски сам, со интенција целосно да проникне во звучните бои на виолината, но и виолата како негов втор, но не помал предизвик.
Третата фестивалска вечер на „Златна лира“ (во чија организација и промоција и самиот учествува) во полната сала на Музејот на револуционерна борба, Љубиша Кировски ја отвори со сугестивна изведба на виола, а ги слушнавме „Шесте танго етиди“ од Астор Пјацола. Очигледно, естетиката што ја носи зрелиот период од творештвото на уникатниот аргентински композитор (шесте етиди се создадени во 1987 година, пет години пред смртта на авторот кога тој се навраќа на „класичниот“ принцип во компонирањето, при тоа неотфрлајќи ја суштествената поврзаност со ритамот и стилистиката на аргентинското танго како негова вечна творечка подлога и инспирација) нагласено соодветствува со уметничкиот вкус на Кировски. За потсетување, на јубилејниот концерт во декември 2018 година дуото „Кировски“ ја праизведе композицијата „Гранде танго“. Овој пат, повторно како премиерна изведба, низ етидите, оригинално напишани за флејта, преку автентичната транскрипција за виола на самиот Кировски, осознавме уште еден творечки и креативен дострел од неговото уметничко делување. Делото „Шест етиди“ честопати со право се доведува во релација со Баховите „Партити“ за соло виолина поради податливоста кон разнолика инструментација и можност за претставување на широк дијапазон технички и интерпретациски барања од солистот кој ги изведува. Во „Шесте етиди“ Кировски успеа да ги долови богатството ликови на аргентинското танго во творечкиот јазик на Пјацола. Слушнавме наизменично претставување на енергични ритмички секвенци со заводлива танцова агогика, па сé до медитативно, воздржано расположение кои музикалниот уметник со леснотија ги исполнува. Интонативната стабилност и техничката подготвеност на Кировски во ниту еден момент не е доведена во прашање. Станува збор за вонредно дисциплиниран и доследен музичар, кој со голема посветеност само ја надградува сигурната техника.
Во продолжение на концертот слушнавме една потполно нова и свежа композиција за виола. „Дисторзија – Спектар“ од македонскиот виолинист и композитор кој живее и работи во Лондон, Михаило Трандафиловски, дело што е напишано во 2018 година и е посветено на Љубиша Кировски како плод на нивното пријателство и соработка. Тоа е една исклучително возбудлива композиција, со евидентно влијание од современата британска музичка сцена, практично во целост конципирана како густа фактура од интензивни тремола, глисанда и аликвотни тонови, кадешто временската рамка е исполнета само со акцент на звучната слика и нови непознати бои на виолата, пренебрегнувајќи го концептот на формата. Во изведбата на ова уникатно дело, виолинистот Кировски открива уште една страна на неговото музуцирање. Тој во голема мера се наметнува како ко-креатор кој со ангажирана и имагинативна интерпретација ја надградува оригиналната идеја на авторот. Во „Дисторзија – Спектар“ Кировски успеа да ја долови намерата на авторот – откривање на сосем нов и необичен тембр на виолата, при тоа користејќи енергична гестика и движење со што максимално го привлече вниманието на публиката очигледно желна за нов и непознат звук.
Доминантната, светла боја на виолината го одбележа вториот дел на концертот кој следеше веднаш по пиесите за виола без пауза. Трите дела во продолжение, иако создадени во вонредно оддалечен временски, просторен и естетски дијапазон - барок во Австрија, современа бугарска џез – сцена во дваесет и првиот век, и „ѓаволски“ ненадминатиот Паганини од осумнаесеттиот век во Италија, сепак ги восприемаме во една силна и суштинска врска. Варирањето и варијациите како една од основните композиторски постапки воопшто во музичката историја, се заедничкиот именител на сите три пиеси кои Кировски ги изведе на виолина. „Пасакаљата“ од Хајнрих Бибер (од циклусот, поточно последниот дел од т.н. „Розини“ „мистериозни“ сонати создадени во втората половина на седумнаесеттиот век), композицијата со необичен наслов „Укуфудука“ од современиот бугарски композитор, пијанист и над сé еминентен џез музичар од Софија Антони Дончев и брилијантната „Воденичарка“ на Николо Паганини се варијации!
Секоја композиција се разбира, ја носи естетиката и јазикот на времето и местото од коишто доаѓа. Затоа, потпирајќи се на сопствената креативна интуиција, Љубиша Кировски, ги одбира токму тие дела премиерно да ги изведе пред својата публика на домашна сцена, како извонредна можност да ја претстави својата виртуозност и мајсторство на виолина. Изборот на „Пасакаљата“ од Бибер, еден од најважните композитори за виолина во музичката историја ни го покажа Кировски како уметник кој ни најмалку не ги одбегнува силно востановените квалитети на класичните дела за виолина, но преку адекватното толување на стилот, нé пренесе во времето на музичкиот барок. Наспроти тоа, во композицијата „Укуфудука“ од Дончев ја слушнавме другата страна на богатиот изразит темперамент на Кировски во кој симбиозата од џез – синкопи и созвучја се преплетува со специфично балкански ритми и препознатливи бугарски напеви.
Со цел да постигне врв на концертот и уште еднаш да ја потврди својата мајсторска виртуозност, за последна точка ја одбра Паганиниевата „La Molinara“ за соло виолина, на познатата тема „Nel cor piu non mi sento“ од Паисиело. Тоа е една од оние прочуени композиции кадешто во полн сјај се изложени сите специфики и иновации кои Паганини во историска смисла ги донел во свирењето и поимањето на виолината. Брилијантни и брзи пасажи, аликвоти, глисанда, пициката во левата рака... сите тие бравурозни елементи кои преовладуваат во музиката на Паганини, со завидна прецизност ги слушнавме на концертот и беа само уште една потврда дека Љубиша Кировски е врвен мајстор на својот инструмент. Во завршниот дел од оваа вонредно тешка и сложена композиција, преку звучен и визуелен ефект уметникот создаде впечаток на целосна поврзаност со инструмент во едно битие.
На крајот од овој интензивен и енергичен концерт Кировски ја „почести“ видно задоволната публика со еден шармантен бис, „Funk the string“ од современиот руски виолинист и композитор Алексеј Игудесман.
Да, присуствувавме на исклучително сериозно осмислен концерт. Љубиша Кировски со овој настап уште еднаш докажа дека е уметник кој е во постојана потрага по надминување на сопствените дострели, како своевиден натпревар со самиот себе... Во поширока смисла станува збор за цврсто осмислена уметничка кариера која не се тамели на инцидентни настапи со „присобрана“ програма како кај некои наши „квази – уметници“, туку во неговиот уметнички пат се забележува постојана потрага по нови, свежи репертоарски идеи, надгредени со тенденција на самоусовршување и надминување на сопствените изразни граници интерпретациски идеал.
Едноставно, евидентен е впечатокот за Кировски како уметник кој ги истражува звучните бои на виолината и виолата, ги соединува во единствена музичка приказна на еден музички настан на тој начин создава уникатна можност кај слушателите да доживеат ретка уметничка креација.
Викица Костоска Пенева
Фотографија: Панда Зографска Беличанец, приватна архива