Вечер на романтични пиеси и полска музика

(кон концертот на дуото Хенрик Блажеј – флејта и Тереза Кабан – пијано од Полска)
 
Единственото гостување на годинешната „Златна лира“ 2019 помина во знакот на дуото Хенрик Блажеј на флејта и Тереза Кабан на пијано од Полска. Станува збор за искусни уметници од Краков со долгогодишни концертни кариери и бројни солистички и камерни настапи во родната земја, но и надвор од нејзините граници. Како дуо флејта и пијано, Хенрик Блажеј и Тереза Кабан имаат реализирано гостувања со повеќе европски симфониски оркестри, а на нивниот репертоар, покрај останатото, често се наоѓаат дела од полски автори за што се добитници на низа одликувања од полската држава.

Па така, на синоќешниот концерт во Музејот на револуционерната борба, покрај дела од Лист, Моцарт, Ибер и Енеску, слушнавме и композиции од најпрочуениот полски композитор на сите времиња Фредерик Шопен, како и неговиот помалку познат современик и пријател Игнац Добрзински.

Во камерна атмосфера, пред малубројна публка, концертот го отвори Тереза Кабан со познатата шеста „Унгарска рапсодија“ од Франц Лист од 1853 година, создадена во „унгарскиот“ период во творештвото на великанот на пијаното.  Тaа е посебно сложена и виртуозна композиција, која обилува со драстични промени на многу брзи темпа и жестоки сменувања на крупна и интензивна пијанистичка артикулација, како и атрактивни теми базирани на унгарски напеви привлечни за широка слушателска публика, поради што пиесата претставува силен предизвик за генерации пијанисти уште од времето на нејзиното создавање. Едно од битните обележја на Листовите рапсодии, а и генерално на рапсодијата како форма, е слободата на иразот и можноста уметникот во широка рамка да даде свое толкување на оригиналната партитура. Оттука, токму кај овие дела честопати може да се слушнат разнолики изведби и интерпретациски видувања. Во таа смисла пијанистката Тереза Кабан „Шестата рапсодија“ ја отсвири во манир на едно свое нагласено лично гледиште, пред сé во поглед на избраните темпа и степенот на агогика и рубато. Задржувајќи се во епохата на романтизмот, уследи изведбата на четири „Прелудиуми“ бр. 4 во е-мол, бр. 6 во ха-мол, бр. 15 во Дес-дур и бр. 10 во цис-мол од опусот 28, „Фантазијата – Импромпти“ во цис-мол од опусот 66 и „Полонезата“ во Ас-дур од опусот 53 од Шопен, со кои Кабан ни долови дел од богатството ликови и расположенија својствени за ненедминатото поетично творештво на полскиот гениј. Слушнавме „лепеза“ од сонорни мелодиски линии во длабокиот регистар кај прелудиумите, па до воинствено динамично движење во една од најобожуваните дела на Шопен – полонезата „Херојска“ преку обликуван култивиран и одмерен тон , својствен за типично полското толкување на Шопеновата уметност.

Во продолжение следеше заедничкиот настап на дуото, со стилски и естетски разновиден избор на дела за флејта и пијано. Најнапред ја слушнавме Сонатата во Це-дур КВ 14, од раното творештво на Моцарт, поточно напишана на негова осумгодишна возраст за
време на престојот во Лондон 1764 година, посветена на англиската кралица која се вбројува во редот дела кои недвосмислено ја најавуваат вонвременската убавина на неговиот раскошен талент. Со соодветна „проѕирност“ на динамичните пасажи и неопходна бистрина во „леџеро“ – стил, дуото Блажеј – Кобан покажа изедначеност во звучниот интензитет на флејтата и пијаното. Особено автентична и во изразито полски дух беше изведбата на пиесата „Анданте и Рондо ала полака“ од полскиот композитор од епохата на доцниот романтизам Игнац Добрзински. Публиката имаше ретка можност да го слушне ова значајно дело од периодот на подемот во полската национална школа, напишано на родуљубива традиционална тема, а пренесено во препознатливата ритмика на полонезата. Секогаш е привилегија да се слушнат дела кои ја отсликуваат типиката и фолклорниот призвук на нацијата во изворна интерпретација на уметници од тоа поднебје.

Завршниот дел на концертот ефектно беше заокружен со сонатината „Игра“ од францускиот композитор Жак Ибер и единствената пиеса за флејта и пијано „Кантабиле и Престо“ од творештвото на романскиот композитор Ѓорѓе Енеску, а како бис слушнавме уште еден бисер, пиесата „Прзашњичка“ од полско-белорускиот национален композитор Станислав Монјушко. Заедничкиот настап на двајцата уметници беше проследен со куси осврти за спецификите на избраните композиции и авторите што секако го поздравуваме како пракса од аспект на едукациска компонента на класичните рецитали и можност за приближување кон пошироката публика.

Гостите од Полска приредија интересна вечер со акцент на дела од музичкиот романтизам и богатиот фолклорен идиом на својата земја, при тоа истакнувајќи сроденост во интерпретацијата на флејтата и пијаното, како плод на долгогодишно заедничко музицирање. Индивидуалниот и автентичен пристап во толкувањето на презентираните композиции го доживеавме како одлика на уметници во зрелиот период на концертната активност и како можност за оставање личен печат врз оригиналните идеи на авторите.
 
Викица Костоска Пенева
Фотографија: Панда Зографска Беличанец, приватна архива