Завршницата на фестивалот „Златна лира“ 2019 беше одбележана со концертот на камерното трио „Аура“ во четвртокот вечер, 31 октомври во Музејот на македонската борба. Завршните концерти на овој фестивал (за кој ќе истакнеме дека несомнено е значаен репер за достигнувањата на македонските музички уметници во сферата на солистичката и камерната репродуктивна уметност) традиционално се пригода во која се доделуваат награди на успешните членови од организаторот, Сојузот на музичките уметници на Македонија. Па така и овој пат претседателот на здружението, виолинистот Љубиша Кировски, пред почетокот на концертот со осврт кон биографиите на добитниците, им врачи награди „Златна лира“ на баритонот Горан Начевски за високи достигнувања во изведувачката дејност и на контрабасистот Велко Тодевски за животно дело. При тоа беше нагласено дека Велко Тодевски со својата долгогодишна концертна и педагошка активност, остава траен печат во втемелувањето на школата за контрабас во нашата земја, а и поширокиот регион.
Триото „Аура“ го сочинуваат тројца истакнати македонски музички уметници: флејтистот Страшо Темков, фаготистот Марјан Милошевски и пијанистката Ана Гацева. Последниве години, ова трио има забележителна концертна активност во нашата земја но и на бројни концретни подиуми ширум светот, со богат и разновиден стилски репертоар кој опфаќа дела од сите епохи и праизведби на композиции од македонски композитори, со што се вбројува во редот особено истакнати камерни состави во Македонија. Заедничко за сите тројца уметници е што секој од нив има своја впечатлива концертна активност како солист и како дел од други камерни состави, но и педагошка дејност на Факултетот за музичка уметност во Скопје.
За свеченото затворање на „Златна лира“ 2019, триото „Аура“ се определи за вкусно одбрана програма сочинета од жанровски и стилски разнолики пиеси, би рекле особено блиски и адекватни до уметничкиот сензибилитет на музичарите. Увод во концертот беше инспиративната изведба на баладата од 1908 година од зрелото творештво на францускиот композитор Шарл Лефебр, оригинално напишана за флејта, виолончело и пијано. Тоа е една изразиото префинета лирска пиеса која во целост ги одразува спецификите на доцниот романтизам во француската музика, при тоа истакнувајќи ја умешноста на Лефебр во креирањето дела за камерни состави, што пак го прави уважен творец од париската сцена на неговото време. А сродниот регистар и темброва прикладност на виолончелото и фаготот даваат основа баладата често да се изведува во калвирско трио со флејта и фагот. Пиесата ја слушнавме во соодветно имагинативна изведба на триото „Аура“ со вдахновено и музикално водење на мелодиските линии и чувство за заедничко дишење. Тоа беше одличен почеток и можност публиката да препознае уметници кои уживаат во заедничкото музицирање.
Веднаш потоа, следуваше „Рисолуто“ – првиот став од Триото оп. 81 од современиот холандски композитор Јан Коетсиер покажувајќи еден поинаков енергичен лик на триото „Аура“. Во ставот има дословно сценско последователно претставување на тематските линии во фаготот, флејтата и пијаното, а преку динамичната изведба на тројцата вешти музичари го запознаваме авторскиот портрет на Коетсиер согледувајќи го како мајстор на камерни творби за дувачки состави и пијано. Во вториот став „Адаџо“ интересна слободна форма сочинета од разновидни по карактер секции, ја слушнавме индивидуалната тенденција на флејтата, фаготот и пијаното, но сепак не отстапувајќи од грижата за заеднички звук. Третиот став „Престо“ во живо темпо со сложена ритмичка структура, уметниците го изведоа во еден здив со допадлива грациозност но и со потребната жестина на самиот крај.
Во продолжение на концертот следуваа пиеси од композиторот Кокан Димушевски посветени токму на триото „Аура“. Во овој контекст би истакнале дека составот на сите свои настапи води особено внимание за промоција на современото македонско музичко творештво. Низ четирите минијатури (издвоени како три минијатури и една посебна пиеса) од Димушевски, „видовме“ кокетна и сликовита претстава на „Детска игра“, „Приспивна песна“, „Стара фотографија“ и „Ноќна мора“ „Aegri somnia“. Музичкиот јазик на авторот кој би го означиле како микс од импресионистички расположенија изградени врз џез хармонии и скриен призвук на македонски фолклорни ритми и мотиви, во целост кореспондира со сензибилитетот на музичарите од триото „Аура“, а над тоа им дава слобода да внесат лична интерпретација и да ја заокружат оригиналната идеја во запишаната партитура.
Во завршниот дел на концертот уметниците се определија за пиесите „Зима“ и „Есен“ од циклусот „Годишни времиња“ како една современа реминисценција на познатото дело од Вивалди и композицијата „Обливион“ на бис, од Астор Пјацола. Незаобиколно се наметнува впечатокот дека извонредно сугестивните и автентични дела на аргентинскиот композитор соодветствуваат со вкусовите на широк аудиториум и затоа често се среќаваат во бројни репертоарски концепти на современата репродуктивна уметност, што секако не ги одминува и нашите уметници. Триото „Аура“ со видно задоволство го интерпретира Пјацола. Во изведбата на пиесите постигнаа богат и полн звук со широк дијапазон динамички нијанси особено во делниците „форте“ без тенденција да звучат нападно, туку напротив со дозирана мерка во достигнувањето кулминација, а сепак остварија ефект на многу поголем и помоќен ансамбл.
Следејќи ги индивидуалните кариери на Темков, Милошевски и Гацева, според споменатите специфики во однос на звуковниот баланс, компактноста и уиграноста, ќе забележиме дека камерното трио „Аура“ им е можеби најјака формација, со акцент на сродниот темперамент. Уметниците покажуваат единствена визија во толкувањето на партитурите и дисциплинирана посветеност во техничката разработка на финесите што ги означува како сериозен, но сепак харизматичен камерен состав. Експресивната доминација во мелодиските линии на флејтата на Темков, притаениот но длабок звук во фаготот на Милошевски и особено музикалната и инвентивна интерпретација во пијаното на Гацева, создаваат еден тонски флуид кој трае во текот на целиот концерт и не го остава рамнодушен и пребирливиот слушател. Впрочем токму внесеноста во креирањето заеднички музички миг и намерата што понепосредно да се доближи до публиката е поента и водилка на камерната музика.
Со таква позитивна импресија заврши тринаесеттото издание на фестивалот „Златна лира“ 2019 и остави простор и исчекување на следни успешни проекти на Сојузот на музичките уметници.
Викица Костоска Пенева
Фотографија: Панда Зографска Беличанец, приватна архива