“Encore”!

Вториот дел од фестивалската програма на „Златна лира“ – 2020 го означи концертот на виолинистот Момчило Куфојанакис во пијано придружба на Весна Ангелова – Христов. Со насловот „Encores“, уметниците најавија интересна програма сочинета од познати „бисови“ од виолинската литература. Вообичаено, назад во музичката историја како и во современиот свет, задоволната публика спонтано „бара“ музичките уметници да го продолжат успешниот настап со по некој бис, со повторување дел од изведената програма или пак со ново парче. Од премиерата на Хендловата „Музика на вода“ кога кралот Џорџ воодушевен повеќепати ја слушал изведбата од почеток до крај, востановените „бисови“ на традиционалните новогодишни концерти на Виенската филхармонија, повторувањата на популарните арии во Вердиевите опери на отворена сцена, па сé до експлозивните поп и рок концерти на новото време, во сите форми „бисот“ е онаа додавка која го прави музичкиот настап поопуштен, ја збогатува програмата а публиката го поздравува со акламација. Во таква опуштена атмосфера протекна концертот на Момчило Куфојанакис и Весна Ангелова Христов, како уште едно забележително остварување во рамките на годинешнава „Златна лира“.

Голем предизвик е кога уметникот стои пред избор мошне познати и безброј пати слушнати дела, изведени во врвни интерпретации пред него. Сепак, секогаш постои основа за лично толкување
на бисерите во музичката литература кое може да се оствари и преку самиот избор на пиесите, редоследот при изведбата и нивната содржинска структура. Во таа смисла ќе забележиме дека афинитетот на виолинистот Момчило Куфојанакис, бар кон последниот концерт, се движи во две жанровски линии, едната се оние изразито лирски, мелодични пиеси, честопати изведувани токму на „бис“ како „Меланхоличната серенада“ од Чајковски, „Лирската поема“ од Хачатуријан, Крајслеровите „Љубовни маки“, „Еврејската мелодија“ од Јозеф Ахрон и „Песна за љубовта“ од Јозеф Сук, а другата се мисловно-филозофски композиции како што се четвртата Соната за соло виолина од Ежен Изаи и „Нигун“ од Ернест Блох. Отстапка од овој нагласено лирски програмски концепт, беше динамичниот „Запатеадо“ од Пабло Сарасате на крајот од концертот.  Од друга страна, неодминливо забележавме уште една напоредна интенција во креирањето на програмата, а тоа е присуството пиеси со повеќе или помалку видлив еврејски предзнак, што не е необично ако се земе предвид потеклото на избраните автори.. Изаи, Крајслер, Блох, Ахрон.. Но од која и да појдеме финеса на програмскиот концепт, уметничкото дуо Куфојанакис – Ангелова, покажа доволна сугестивност во заедничкото донесување на предимно бавните „широки“ пиеси. Уште од самиот почеток на концертот се почувствува изедначен импулс меѓу виолината и пијаното, кое уметниците постапно ги надградуваа во текот на концертот. При тоа, се разбира неизоставајќи ги спецификите во секоја од пиесите. Кај Чајковски тоа беше меланхолично расположене во долгите легато фрази, а експресивниот јазик на Хачатуријан во „Лирската поема“, (дело кое од друга страна им остави доволно простор да покажат и виртуозитет во изведбата). Наспроти тоа во интерпретацијата на познатите „Љубовни маки“ од Крајслер иако напишан во стилот на шармантна хумореска, уметниците се одлучија за сосем долично толкување на главниот мотив со пунктиран ритам во воздржан смирен манир. Во „Еврејската мелодија“ од рускиот композитор со еврејско потекло Јозеф Ахрон, фокусот беше во виолинската делница. Момчило Куфојанакис во оваа емотивна пиеса изведе изразито вибрато во долгите тонови и течни трилери со што придонесе во креирањето таговен призвук, како синоним за еврејските страдања. Во уште една длабоко поетична пиеса „Љубовната песна“ од чешкиот композитор и виолинист Јозеф Сук со усогласен интензитет помеѓу виолината и пијаното Куфојанакис и Ангелова покажаа вештина во градењето на динамичките градации, посебно во нијансите на пијанисимо.


Со забележлива посветеност и сериозност виолинистот Куфојанакис ги интерпретираше четвртата соната за соло виолина (посветена на Фриц Крајслер) од белгискиот композитор Ежен Изаи (и самиот виртуоз на виолина и еден од највлијателните автори во виолинската литература) како и вториот став од свитата „Баал Шем“ насловена  „Нигун“ (импровизации) од Ернест Блох кои ги издвојуваме како пиеси со посебна длабочина и експресија. Во контекст на констатацијата дека програмата за овој концерт беше многу квалитетно и инспиртивно осмислена ќе додадеме дека постои повеќеслојна поврзаност на двајцата виолински виртуози со еврејско потекло, имено Ернест Блох во своите младешки години изучувал виолина токму кај тогаш веќе прочуениот белгиски виолинист и композитор Ежен Исаи. Во секоја од овие комплексни композиции ремек дела на авторите, на свој начин е допрен еврејскиот религиозен мистицизам и верувањето дека молитвените мелодии може да го понесат човекот во повисоки сфери на неговото битисување. Со изведбата на енергичниот ѓаволест шпански танц „Запатеадо“ од Сарсате, виолинистот Момчило Куфојанакис покажа дека и покрај смелите обиди во брилјантните пасажи и пициката во левата рака (како директната алузија на кастањети, гитари и удари од потпетици), поупатно е да се држи до лирските пиеси сепак многу поблиски до неговиот сензибилитет. Вечерта на „бисови“ беше заокружена со уште еден бис, доследно и во романтичен манир го слушнавме „Сентименталниот валс“ од Чајковски.

На овој концерт, виолинистот Момчило Куфојанакис покажа дека настапот не го насочува кон сценичност и артизам, туку открива една поинаква естетска пројава и уметничкиот набој го постигнува со „вокална“ интерпретација на виолинските делници. Пијанистката Весна Ангелова Христов како и секогаш уверлива и сигурна, беше достоен партнер во креирањето на зедничкиот настап на дуото. Тие во ова време на летаргија и неизвесност приредија видливо драгоцени мигови за присутната публика.

Викица Костоска Пенева