ЗЛАТНА ЛИРА 2022
Понеделник, 17 октомври
Музеј на македонската борба, 19 часот
„Музичка импресија“, 160 години од раѓањето на Клод Дебиси
КОНЦЕРТ НА
Кристина Светиева - пијано
За програмата
На концертот посветен на 160-годишнината од раѓањето на најзначајниот претставник на францускиот импресионизам, Клод Дебиси (1862 - 1918) пијанистката Кристина Светиева ќе ги изведе делата „Прелудиуми“ (1 книга) и циклусот Images - слики (2 книга).
За пијанистката
Кристина Светиева се истакнува како една од најталентираните македонски пијанистки од помладата генерација која низ годините развива широка концертна дејност. Пијано започнува да учи и да настапува на шест годишна возраст. Дипломира во 2006 год. со одлика cum laude на Факултетот за музичка уметност во Скопје (класа на проф. Тодор Светиев), а магистрира во 2008 год. под менторство на проф. Жени Захариева. Во 2010 година ја завршува својата двегодишна специјализација на реномираната музичка академија во Париз „Schola Cantorum“ каде работи под менторство на проф. Жени Захариева. Во април 2014 год. докторира на ФМУ во Скопје, под менторство на проф. Жени Захариева. Кристина Светиева успешно настапува на подиумите низ Македонија (фестивалите „Охридско Лето”, „Скопско Лето”, „Денови на Македонска Музика”) и надвор од земјата (Турција, Италија, Франција, Бугарија, Шведска, Холандија, Хрватска, Чешка, САД). Носител е на повеќе високи државни и меѓународни награди и признанија.
Меѓу бројните нејзини настапи како позначајни се издвојуваат дебито со Македонската филхармонија на седумгодишна возраст, после кое во годините кои следат реализира низа настапи со истиот оркестар. Критиката ги забележува и високо оценува и нејзините настапи со оркестарот на Факултетот за музичка уметност, а во нејзиното портфолио е забележано учество на повеќе интернационални музички фестивали во Турција, Северен Кипар и Холандија. Светиева има остварено повеќе солистички рецитали во Скопје и низ Македонија и во странство, а посебно се истакнуваат нејзините солистички рецитали во Софија, Бугарија, Стокхолм, Шведска, Париз, Франција и настапот во Њујорк со реномираната првенка на МОБ, сопранот Весна Ѓиновска - Илкова. К. Светиева работи како вонреден професор по пијано на Факултетот за музичка уметност во Скопје.
Влезот е слободен.