Концерт на пијано дуо Гелебешеви

Петок, 4 ноември
Музеј на македонската борба, 20 часот



КОНЦЕРТ НА

ПИЈАНО ДУО ГЕЛЕБЕШЕВИ



Катерина Гелебешева Костадиновска - пијано
Глигор Гелебешев - пијано


 

За програмата

На концертот ќе бидат изведени дела од Клод Дебиси, Антониј Дворжак и Франц Шуберт.

За дуото
Уште во периодот на почетоците на своето делување во 2001 година, пијано дуото Гелебешеви составено од Катерина Гелебешева Костадиновска и Глигор Гелебешев се промовираа како ансамбл со ретка виталност и свежина на нашата музичка сцена. Настапите на дуото Гелебешеви се карактеризираат со перфекција во уметничката креација што ги доловува суштинските одлики на композициите од технички, уметнички и стилски аспект.

Од првичните настапи на домашната сцена, честопати пропратени со премиерни изведби, дуото Гелебешеви постепено започна да ја проширува својата концертна дејност на интернационално ниво настапувајќи во Франција, Холандија, Италија, Романија, Полска, САД, Хрватска, Словенија и други држави. Дуото Гелебешеви има настапено во речиси сите градови во земјата и на реномираните фестивали како „Интерфест“ - Битола,  „Хераклејски вечери“ - Битола, „Денови на македонска музика“, „Златна лира“ Во 2012 година  ја добиваат наградата „Златна лира“ врачена од Сојузот на музичките уметници на Македонија (СМУМ). Дуото во 2016 година го бележи и својот прв настап со Македонската филхармонија, изведувајќи го Концертот за две пијана и оркестар од Ф. Пуланк.
 
Нивниот репертоар во континуитет се надградува и вклучува дела од различни музички периоди, од класиката, преку романтизмот до современата музика. Во текот на својата повеќегодишна работа дуото Гелебешеви има објавено и две аудио изданија. Во рецензијата за првото аудио издание (2008, БМФ, МРТ), музичкиот критичар Васка Наумова-Томовска меѓу другото ќе напише „
...Висок степен на техничката подготвеност, во спрега со уметничката емоционалност на двајцата пијанисти, претставува еден буен и чист звучен пејсаж, кој патува низ еден музички космос во кој нештата се идеално подредени...“ За второто аудио издание (2018), музикологот и музички критичар Јулијана Папазова ќе истакне дека се карактеризира со „....Игрив шарм, испреплетен со брзина, деликатна точност, перкусивна брилијантност, импресивен сонорен, лебдечки звук, со прецизно формирани распеани мелодиски линии...“

Влезот на концертот е слободен.