Златна лира 2023: ПОДИУМ НА МЛАДИ - Концерт на добитниците на наградата на СМУМ на натпреварот „Охридски бисери“



Сабота, 21 октомври
Музеј на македонската борба, 20 часот



ПОДИУМ НА МЛАДИ

Мерт Рустемов - кларинет
Стефан Трајаноски - саксофон
Мевљуд Асаноски - кларинет
Ѓорѓи Димовски - саксофон
Арсениј Ангелески - пијано


 

За концертот на млади

Во рамките на својата редовна концертна програма која ја сочинуваат настапи на реномирани музички уметници од Македонија и странство, фестивалот „Златна лира“ традиционално го отстапува својот подиум на младите уметници со цел нивна промоција и афирмација на почетокот на концертната кариера. Ваквата можност да го претстават својот талент на професионалниот концертен подиум е особено значајна за младите музичари и нивниот понатамошен развој и напредок на уметничкиот пат. Фестивалскиот подиум на млади на „Златна лира“ овозможува да се создаде компактна, генерална слика за тоа, каква е патека на движење и развој на македонското исполнителство .
 
Во таа смисла, последниве години, СМУМ соработува со меѓународниот натпревар на млади музичари „Охридски бисери“, кој од 2002 година се одржува на годишно ниво во Охрид и опфаќа учесници во повеќе категории и дисциплини од целиот свет. Плод на таа соработка е наградата за најдобар учесник на натпреварот од Македонија која ја доделува токму здружението СМУМ, а се состои од организација на концерт во рамките на фестивалот „Златна лира“.


На фотографијата: Мевљуд Асаноски, кларинет

Во сабота, на 21 октомври на концертниот подиум ќе ги видиме младите уметници Мерт Рустемов (кларинет), Стефан Трајаноски (саксофон), Мевљуд Асаноски (кларинет), Ѓорѓи Димовски (саксофон) и Арсениј Ангелески (пијано) кои ќе изведат дела на Кепке, Шостакович, Руеф, Вебер, Менделсон и Крепин.

Мерт Рустемов роден е во Битола на 31.03.2011 година. Учи во Државното музичко  чилиште во Битола во класата на проф. Спире Јовановски. Настапува на концерти во склоп на Државното музичко училиште. На натпреварот ,,Охридски  бисери” освојува Прва награда во преткатегорија.
 
Мевљуд Асаноски роден е во Прилеп на 12.02.2005 година. Учи во Државното Музичко  чилиште во Битола. Ученик е во класата на проф.Марјан Бакревски. Настапува на концерти во склоп на Државното Музичко Училиште. На натпреварот „Охридски  бисери” освојува Втора награда во Б-категорија.

Пијано триото е создадено во 2022 година од страна на проф. м-р. Горан Трајковски. Го сочинуваат Мевљуд Асаноски (кларинет), Ѓорѓи Димовски (саксофон) и Арсениј Ангелески (пијано). На натпреварот ,,Охридски бисери” освојуваат Втора награда во Б-категорија.

Влезот на концертот е слободен.