ЗЛАТНА ЛИРА 2023: Концерт на Момчило Куфојанакис - виолина и Весна Ангелова Христов - пијано


Сабота, 28 октомври
Музеј на македонската борба, 20 часот


Дуото Куфојанакис / Христова низ годините прерасна во еден од водечките камерни состави во нашата држава. Момчило Куфојанакис е еден од предводниците на помладата генерација музички уметници кои поседуваат силна, животворна енергија со која култивираат свеж индивидуален уметнички сензибилитет. Со пијаното на Весна Ангелова Христов, двајцата уметници со секоја настап го надградуваат заедничкиот уметнички пулс, создавајќи посебна симбиоза, која со нетрпение чекаме да ја посведочиме и на оваа издание на фестивалот „Златна лира“. На програмата се дела од Лудвиг ван Бетовен, Јоханес Брамс, Петар Илич Чајковски и Томислав Зографски.

Момчило Куфојанакис дипломира на ФМУ во Скопје (класа на проф. Михајло Куфојанакис) со највисока оцена cum laude. Постдипломски студии завршува на Државниот конзерваториум „А. К. Глазунов“ во Петрозаводск, Русија во 2015 година (класа на проф. Климентиј Јосифович Векслер). Учествувал на бројни мастер класи кај еминентни педагози и музичари од реномирани европски музички школи и институции (Минчо Минчев, Ино Мирковиќ, Александар Зиновјевич Бондурјански, Дора Шварцберг, Игор Малиновски) и е добитник на повеќе државни и меѓународни награди и признанија. На концертниот подиум е активен повеќе од 15 години, а неговата биографија бележи бројни успешни настапи во Македонија, Бугарија, Хрватска, Косово, Кина, САД и Русија. Настапувал како солист со Македонската филхармонија, Симфонискиот оркестар на ФМУ – Скопје, камерниот оркестар „Скопски солисти“, на фестивалите „Скопско лето“, Интернационален фестивал на млади музичари ДАМ во Приштина, „Есенски музички свечености“, „Новаљско глазбено лето“, „Опатијско културно лето“, фестивалот „Solei“, Музичкиот фестивал Харбин во Кина и други. Со врвниот македонски хармоникаш Александар Коловски настапува со три концерти во Русија. Во 2016 година е член на меѓународното жири на Интернационалната летна арт академија во Харбин, Кина. Момчило Куфојанакис е вработен во симфонискиот оркестар на Филхармонија, а редовен член е и на оркестарот F.A.M.E. S. во Скопје.
 
Весна Ангелова Христов студиите по пијано на ФМУ во Скопје ги започнува на 17-годишна возраст. Дипломира со највисока оцена cum laude (класа на проф. Борис Романов). На ФМУ во Скопје и магистрира интерпретација на пијано под менторство на реномираната пијанистка и педагог Рита Кинка (Академија на уметности, Нови Сад). Во текот на нејзиното школување е добитничка на бројни меѓународни и државни награди и признанија, како и на стипендија за културен престој во Париз во 2008 година во рамките на програмата на фондацијата La Cité internationale des arts (Меѓународен град на уметностите). Учествувала на семинари и работилници кај признаени педагози во Чешка, Германија, Франција (Борис Романов, Рита Кинка, Антон Диков, Јокут Михајловиќ, Јаромир Клепач). Ангелова Христов настапувала како солист и камерен музичар во Македонија, Косово, Србија, Бугарија, Хрватска, Франција, Германија, Турција, Чешка, САД, и реализирала настапи на фестивалите „Денови на македонска музика“, „Охридско лето“, „Скопско лето“, како и на фестивали на меѓународната сцена меѓу кои и „Шопен фест“ ДАМ фестивал, Франкофонски фестивал, Fete de la musique Paris и други. Македонската публика повеќепати ја забележала како солист со Македонската филхармонија, а својот афинитет кон камерната музика го преточува во работата со состави пијано дуо и пијано трио. Како пијано соработник Ангелова редовно ги придружува младите музичари на бројни натпревари, семинари и на концертните подиуми. Во моментов Ангелова работи како наставник по пијано и камерна музика во ДМБУЦ „Илија Николовски - Луј“ во Скопје и како надворешен соработник на оркестарот на Филхармонија и Факултетот за музичка уметност во Скопје.

Влезот е слободен.