Среда, 25 октомври
Музеј на македонската борба, 20 часот
За програмата
Ова дуо го сочинуваат двајца од најафирмираните и најактивни музичари кај нас, подеднакво успешни како во солистичката, така и во сферата на камерната музика, чиишто индивидуални сензибилитети му даваат особен креативен стимул на заедничкото музицирање. Како главен атрибут на ова дуо е особената почит на музичкиот соговорник „на кој му се дава примат, онака како што тоа го бара пишаниот нотен текст или како што го чувствуваат уметниците“. Таквото меѓусебно почитување и инспирирање во уметничкото изразување, ќе забележат критичарите, на дуото Ѓоревски / Ивановска им обезбедува високо место меѓу камерните состави, а нивните настапи редовно го заслужуваат вниманието и бројните аплаузи на публиката.
Оваа вечер во рамките на „Златна лира“, кларинетистот Ристо Ѓоревски и пијанистката Елена Атанасовска Ивановска ќе настапат со внимателно избран репертоар на дела од Шуман, Сен-Санс, Лутославски, Ковач, Берксон и Шаловски.
За уметниците
Ристо Ѓоревски додипломските и постдипломските студии по кларинет ги завршува на ФМУ во Скопје (класа на проф. Иван Кочаров). Во текот на своето образование забележува бројни настапи како на концерти така и на државните натпревари по кларинет и камерна музика. Во 2015 година како дел од ДУО КЛАРИНЕТИ Ѓоревски-Бакревски ја освојува Сребрената плакета на натпреварот „Свирел“ во Словенија, во категоријата камерни состави.
Концертно настапувал со повеке соло рецитали, но и како член на различни камерни состави и оркестри во републиката и надвор од неа. Одреден период настапувал како член на Македонскиот дувачки квинтет, додека сега е активен член на Скопскиот дувачки квинтет. Забележителен е и неговиот настап на „Скопско лето“ во 2009, на концертот по камерна музика заедно со македонскиот пијанист Симон Трпчески, како и со младинскиот оркестар на КултурОп под раководство на светското „чудо од дете“ диригентот Илич Ривас. Позитивни критики беа забележани после неговиот настап заедно со Сергеј Петров – прв кларинетист на Бољшој театар (Москва) и Елена Атанасовска Ивановска – пијано на фестивалот „Охридско лето“ ( 2014), како и на „Битфест“ (2014).
Како член на различни оркестри настапувал со Симфонискиот оркестар при ФМУ Скопје, Камерниот оркестар „Св. Софија“, Битолскиот камерен оркестар, Балканска филхармонија-Скопје, оркестарот Јохан Штраус, симфонискиот оркестар на КултурОп, оркестарот за филмска музика F.A.M.E.S., Филхармонија и оркестарот на Националната опера и балет каде што е и вработен. На меѓународно ниво настапувал во Интернационалниот младински оркестар (Сараево, 2003), Кралскиот симфониски оркестар при палатата Виланов (Полска), Меѓународниот московски фестивал за славјанска музика, каде што е член на жири комисија. Посетувал семинари кај Филип Пагљалонга, Јоко Јокота, Пол Маер, Николас Кокс. Има реализирано повеќе аудио и ТВ записи како и издадени два компакт диска со Скопскиот дувачки квинтет, а има издадено и свој солистички компакт диск.
Неговите настапи биле дел од повеќе фестивали како што се „Скопско лето“, „Охридско лето“, „Есенски музички свечености“, „Денови на македонската музика“, „Интерфест-Битола“, „Хераклејски вечери“, Битфест, „Штипско лето“, „Дојрански ракувања“, „Сараевска зима“, а забележани се и неговите настапи (како солист и член на различни формации) во Австрија, Aлбанија, Србија, Словенија, Бугарија, Полска, Русија, САД, Индонезија. Настапувал и како солист со Филхармонија и оркестарот на Националната опера и балет, а забележителен настап како солист остварува и со Московскиот државен академски симфониски оркестар во Москва во 2015 година и со Дувачкиот оркестар на Музичкиот универзитет Фредерик Шопен во Варшава, Полска 2017 г. Ристо Ѓоревски во 2018 заврши специјализација за изведба на кларинет на Музичкиот универзитет Шопен во Варшава, Полска и истата година на како прв учесник од Македонија се претстави на Интернационалниот фестивал Клариманиа во Вроцлав, Полска со свој рецитал, предавање и мастерклас. Оттогаш е редовен гостин на овој фестивал.
Минатата година Ристо Ѓоревски ја доби наградата „Златна лира“ за врвни остварувања во текот на една година.
Елена Атанасовска – Ивановска е една од најпродуктивните и најуспешни македонски музички уметници, чиишто интерпретации се издвојуваат по префинетиот звук и елегантниот израз. Дипломира со cum laude, а потоа и магистрира на ФМУ во Скопје (класа на проф. Борис Романов). На истата институции ги завршува и докторските студии по музички науки под менторство на проф. Ганка Цветанова. Низ студиите настапува и добива бројни награди на музичките натпревари во Македонија, Италија, Бугарија, Србија. Во уметничкото портфолио на Ивановска се впишани бројни настапи како солист и камерен музичар во Грција, Србија, Бугарија, Русија, САД, Шпанија, Италија, Португалија, Франција, Босна и Херцеговина и Косово. Домашната публика нејзиниот уметнички пат го следи на фестивалите „Охридско лето“, „Скопско лето“, „Есенски музички свечености“, „Денови на македонска музика“, „Битолско лето“, „Гевгелиска есен“. Со успех настапила и на бројни фестивали надвор од нашите граници – „Сараевска зима“ (БиХ), „Festival de Musica do palacio da Bolsa“ (Португалија), „Festival de Musica de Sant Pere de Rodes“ (Шпанија), Guarnerius, centar lepih umetnosti Jovana Kolundžije (Србија).
Како камерен соработник редовно настапува со реномирани домашни и странски уметници: Гордана Јосифова – Неделковска (обоа), Горан Начевски (баритон), Ристо Ѓоревски (кларинет), Сергеј Петров (прв кларинетист во Бољшој театар), Јан Јакуб Бокун (кларинетист и професор на Музичката академија во Вроцлав, Полска), Пјер Генисон (кларинетист), Дејан Гавриќ (флејтист), Бертранд Жиро (пијанист), Габор Варга (кларинетист), Тери Роудс (сопран), Зана Абази (сопран). Како солист настапува со Филхармонија и Камерниот оркестар на Музичка младина на Македонија.
Реализирала компакт дискови со пијанистката Марија Ѓошевска и кларинетистот Ристо Ѓоревски, а за полската продукцијска куќа DUX издава носач на звук со музика од шведската кралска династија Бернадот. Елена Атанасовска – Ивановска е вонреден професор по пијано на ФМУ во Скопје и пијано соработник на оркестарот за филмска музика F.A.M.E.S.
Влезот на концертот е слободен.