Златна лира 2023: СВЕЧЕНО ЗАТВОРАЊЕ - Концерт на Даниел Апостолов (фагот) и Дарко Мариновски (пијано), доделување на наградата „Златна лира“

 
Вторник, 31 октомври
Музеј на македонската борба, 20 часот




СВЕЧЕНО ЗАТВОРАЊЕ НА ФЕСТИВАЛОТ

ДОДЕЛУВАЊЕ НА НАГРАДАТА
„ЗЛАТНА ЛИРА“



КОНЦЕРТ НА

ДАНИЕЛ АПОСТОЛОВ - фагот
ДАРКО МАРИНОВСКИ - пијано


 

За концертот
Со особена техничка прецизност, мек и топол тон, умешност во водењето на мелодичните фрази и одмерена агогика, изведбите на Даниел Апостолов неминовно го потенцираат благородниот квалитет на фаготот, поставувајќи на самиот пиедестал. Уметник, кој воодушевува со своите изведби, оваа година добива заслужено место на Свеченото затворање на „Златна лира“, овој пат во придружба на Дарко Маринковски, пијанист чија што биографија испишува бројни значајни уметнички соработки со истакнати музички исполнители. Дуото Апостолов / Мариновски ќе изведе дела на Ч. Кехлин, Ф. Борн, О. Нусио, К. М. Вебер.


За уметниците
Даниел Апостолов (Скопје, 1975) дипломира на ФМУ во Скопје како прв студент од дувачкиот оддел што студиите ги завршува со највисока оцена cum laude. Постдипломските студии ги завршува на Музичката академија во Љубљана како прв постдипломец на вокално-инструменталниот оддел, инструмент фагот. За време на студиите е активен учесник во концертниот живот на Словенија како надворешен соработник на Словенечката филхармонија. Во сезоната 2000/01 членувал и во оркестарот на Националната опера и балет на Љубљана, додека во 2002 година и во оркестарот на Националната опера и балет на Марибор. Во текот на студиите учествувал на бројни семинари и мастеркласи кај истакнати фаготисти и педагози (Клаус, Тунеман, Албрехт Холдер). На два наврати членува во интернационалниот оркестри на Алтенбург (1996) и Бајрот (1998). Во 2002 година во Германија ги завршува и уметничките постдипломски студии (класа на проф. Албрехт Холдер).



Добитник е на бројни студентски награди и признанија. Апостолов е активен член на триото Македонико“ и Скопскиот дувачки квинтет. Членувал и во оркестарот на Косовската филхармонија, ревијалниот оркестар на МРТВ, настапувал на фестивалите „Скопско лето“, „Есенски музички свечености“, „Интерфест“, „Охридско лето“, „Хераклејски вечери“, „Штипско лето“ и реализира бројни концертни настапи во Словенија, Австрија, Босна и Херцеговина, Бугарија, Италија и Германија. Од 1999 година работи како професор по фагот и камерна музика во ДМБУЦ „Илија Николовски – Луј“ во Скопје, а од 2005 година работи како професор на ФМУ во Скопје. Член е и на оркестарот на Македонската филхармонија.



Дарко Мариновски (Скопје, 1974) дипломира на ФМУ во Скопје (класа на проф. Борис Романов), а магистерските студии ги завршува на истата институција под менторство на проф. Јасмина Чакар. Од 2013 година работи како професор по пијано и корепетиција во ДМБУЦ „Илија Николовски – Луј“ во Скопје. Во јануари 2009 година е избран за Декан на Факултетот за применета музика на Универзитетот за аудиовизуелни уметности ИУ Еуропа Прима, функција која ја извршува до 2017 година. Во 2016 година е избран во звањето редовен професор на ИУ Еуропа Прима. Во богатата концертна биографија на Дарко Мариновски се запишани бројни настапи и уметнички соработки со реномирани музички уметници, на концертни и фестивалски подиуми во Македонија и надвор од нејзините граници (Рим, Париз, Вашингтон).



Од септември 2013 година работи на Музичката академија при УГД Штип како пијано соработник на вокалната класа на проф. Борис Трајанов и во оперското студио при истата институција. Од септември 2015 година работи и на Филмската академија при УГД Штип каде ги предава предметите звук на филм и акустика со психоакустика, перцепција и анализа.

Дарко Мариновски е автор и на применета музика на неколку краткометражни филмови, на музиката за театарската претстава „Косара“ од Загорка По Антовска. Како член на квартетот „Коскаров“ го снима ЦД-то „The Best of Jazz and Blues“ со музика од светската џез литература (2011).

 



НАГРАДА „ЗЛАТНА ЛИРА“

Наградата „Златна лира“ која СМУМ ја доделува за врвни уметнички достигнувања во изминатата година, за 2022 година им му се доделува на Триото Аура во состав: Страшо Темков (флејта), Марјан Милошевски (фагот) и Ана Гацева (пијано).

Триото АУРА го сочинуваат тројца истакнати музички уметници: флејтистот Страшо Темков, пијанистката Ана Гацева и фаготистот Марјан Милошевски. Темков, Гацева и Милошевски работат како професори на Факултетот за музичка уметност во Скопје. Имаат реализирано многубројни рецитали како солисти и камерни музичари во Америка, Франција, Германија, Австрија, Англија, Бугарија, Азија, Африка, Србија, Словенија за кои добиваат позитивни оценки. Критиката ги нарекува „мајстори на својот инструмент“, а поради забележителните концерти по покана на реномирани меѓународни фестивали како „Охридско лето“, „Скопско лето“, „Златна лира“, БУНТ Белград, Софија, Нишки фестивал, фестивал „Барски љетопис“, фестивал „Еспресиво“ - Цетиње, фестивал „Нимус“, фестивал „Ледамус“, Врање, Ваљево итн, несомнено се вбројуваат меѓу најдобрите и најактивните музички изведувачи во Македонија.



Триото АУРА има долгогодишна и богата концертна активност во и надвор од нашата земја. Чести гости се на реномирани меѓународни фестивали во земјата и странство, изведувајќи дела од сите музички епохи и стилови. Триото промовира премиерни дела од македонски композитори, напишани специјално за овој состав. Нивното заедничко високо естетско камерно музицирање високо го карактеризира „изразено чувство за експресивност, музичка симбиоза и компактност на звукот и изразот“.



Наградата „Златна лира“ која СМУМ ја доделува за животно дело, овој пат ѝ се доделува на пијанистката, публицист и педагог Снежана Анастасова Чадиковска.
 
Истакнатата македонска пијанистка, пијано педагог, музички публицист, музички аниматор и организатор Снежана Анастасова Чадиковска (Скопје, 1950) дипломира на Државниот конзерваториум во Софија, Бугарија (класа на проф. Дора Лазарова и Величка Савова). Во тек на студиите се усовршува и на семинари раководени од проф. Алдо Чиколини во Охрид. Постдипломски студии завршува на Музичката академија во Љубљана (1979) во класата на светски истакнатата пијанистка, проф. Дубравка Томшич. Во 1978 и 1979 се усовршува на Летните академии во Вајмар, Германија.
 
Во 1972 дебитира на концертната сцена во Салонот 19,19 во Скопје, со солистички рецитал. Активно концертира како солист и камерен музичар, реализирајки стотина концерти во Македонија и значајни музички центри на поранешна Југославија. Како пијанист покажува особен интерес за дела од романтизмот и 20-тиот век. Таа е прв изведувач во Македонија на значајни дела од Сергеј Прокофјев, Димитри Шостакович и Бела Барток. Воедно, изведува 45 дела од македонски композитори од кои 10 се праизведби.


Од 1972 работи како наставник по пијано во Десетгодишното музичко училиште во Скопје, подоцна интегрирано во Музичко-балетскиот училишен центар. Во оваа учебна институција набрзо стекнува реноме на еден од најистакнатите пијано - педагози. Во 1992 година се стекнува со звањето Особено истакнат педагошки работник на Република Македонија, а во 2004 година ја добива наградата за животно дело од здружението на музучки и балетски педагози на Република Македонија. Во ДМБУЦ работи работи до 1.1.2013.



Од 1982 развива дејност на музички публицист, како рецензент во македонскиот печат, соработник на МТВ, учесник во музички публикации и автор на повеќе монографии за видни музички уметници и институции. Снежана Анастасова Чадиковска низ повеќе форми на работа многу активно делува во процесите за развој и афирмација на македонската музичка култура, во сите педесет години на своето постоење во македонскиот културен живот. Тоа особено се искажува низ професионалната соработка со фестивалот ,,Охридско лето” и Музичката младина на Македонија. И денес таа оддржува живи контакти со настаните во македонската музичка култура, често давајки во нив значаен професионален придонес.
 
Снежана Анастасова Чадиковска е добитник на државната награда Св. Климент Охридски во 2021 година.


Влезот на концертот е слободен.