Среда, 16 октомври, 20 часот, Музеј на македонската борба
Програма: Т. Прокопиев, Р. Аврамовски, С. Стојков, Т. Зографски, Т. Скаловски, С. Голабовски, Ј. Андреевска, Б. Светиев, А. Џамбазов
Весна Ѓиновска Илкова е водечки драмски сопран во Македонија, позната по својата софистицирана вокална техника, музикалност и сценска присутност. Со деби во Македонската опера и балет во 1996 година како Михаела во „Кармен“, таа веднаш добива признанија за својата беспрекорна легато техника. Нејзиниот пробив на меѓународната сцена следува во 2001 година, во Националната опера во Софија, во комплексната улога на Елизабета во „Дон Карло“ од Верди. По овој успешен настап, таа ја презема улогата на Тоска во истоимената опера на Пучини, зацврстувајќи ја својата репутација како исклучителен драмски сопран. Илкова има богата домашна и меѓународна кариера, со настапи во Данска, Хрватска, Словенија, Бугарија, толкувајќи главни улоги во опери како „Аида“, „Отело“, „Турандот“, „Мадам Батерфлај“, „Симон Боканегра“, „Атила“, „Моќта на судбината“, „Бал под маски“ и „Лидија од Македонија“. Македонската критика ја истакнува како „мајстор на патосот и драмата“, нагласувајќи ја сензибилноста и длабочината што ги внесува во секоја улога. Покрај оперската сцена, таа е редовен учесник на концертната сцена и добитник на бројни награди. Исто така, е професор на Факултетот за музичка уметност во Скопје.
Кристина Светиева е една од најталентираните македонски пијанистки, со богата концертна активност. Почнува да учи пијано на шестгодишна возраст, а дипломира во 2006 година со „cum laude“ на Факултетот за музичка уметност во Скопје, во класата на проф. Т. Светиев. Во 2008 година магистрира, исто така со „cum laude“, под менторство на проф. Жени Захариева, а во 2010 година завршува специјализација на реномираната музичка академија „Schola Cantorum“ во Париз. Докторира во 2014 година на Факултетот за музичка уметност – Скопје, под менторство на проф. Жени Захариева. Светиева успешно настапува на сцените низ Македонија („Охридско Лето“, „Скопско Лето“, „Денови на Македонска Музика“) и на меѓународни сцени во Турција, Италија, Франција, Бугарија, Шведска, Холандија, Хрватска, Чешка и САД. Таа е добитник на бројни државни и меѓународни награди.
Еден од најзначајните моменти во нејзината кариера е нејзиното деби со Македонската филхармонија на седумгодишна возраст, по што следат низа настапи со истиот оркестар. Светиева редовно настапува и со оркестарот на Факултетот за музичка уметност, а има учествувано на меѓународни музички фестивали во Турција, Северен Кипар и Холандија. Нејзините солистички рецитали во Софија, Стокхолм, Париз, како и настапот во Њујорк со реномираниот сопран Весна Ѓиновска Илкова, се меѓу најзабележителните моменти од нејзината кариера. Светиева работи како вонреден професор по пијано на Факултетот за музичка уметност во Скопје.
Дуото Ѓиновска Илкова – Светиева во текот на изминатите години остварува бројни успешни настапи на концертните сцени, како во земјата така и во странство, а се редовно гости и на фестивалот „Златна лира“. Изведбите на ова дуо се издвојуваат по непосредната емотивна поврзаност, топлината, елегантните легато фрази и драматичната чувствителност во вокалната и пијано техниката. Вокалните интерпретации на Ѓиновска Илкова, полни со длабочина и емоции, се мајсторски поддржани од експресивната, прецизно изградена и сигурна хармонска придружба на Светиева. Ваквата уметничка симбиоза остава длабок и траен впечаток кај публиката.
Влезот на концертот е слободен.