-
15.10.2024
-
Концерти, Актуелно
Петок, 18 октомври, 20 часот, Музеј на македонската борба
Програма: Петар Илич Чајковски: СУИТА од балетот „Заспаната убавица“ и „Оревокршачка“
Татјана Божиновска е родена во 1980 година во Битола. Дипломирала во 2002 година, а во 2005 магистрирала на Факултетот за музичка уметност во Скопје, во класата на проф. Тодор Светиев. Во 2014 година ги завршила и докторските студии на истиот факултет, под менторство на проф. м-р Тодор Светиев и проф. д-р Димитрије Бужаровски. Со богата концертна кариера, Божиновска има настапувано како солистка со Македонската филхармонија и со Битолскиот камерен оркестар. Нејзината концертна активност ја води на сцени во многу земји, меѓу кои Бугарија, Србија, Романија, Франција, Италија, Америка, Хрватска, Австрија, Норвешка, Полска и Турција. Таа е чест гостин на значајни музички манифестации како „Охридско лето“, „Денови на македонската музика“, „Скопско лето“, „Хераклејски вечери“ и многу други. Татјана Божиновска е член на триото „Интерарт“, со кое активно настапува на меѓународни фестивали и натпревари, и имаат издадено три музички албуми. Со триото има освоено бројни награди, меѓу кои и највисокото признание на Битола – „4 ноември“.Од 2002 година, Божиновска е вработена како професор по пијано во Државното музичко училиште во Битола.
Билјана Димовска е родена во 1978 година во Битола. Во 2000 година дипломирала, а во 2003 година магистрирала на Факултетот за музичка уметност во Скопје, на отсекот пијано, во класата на проф. Тодор Светиев. Димовска има учествувано на бројни значајни музички манифестации во Македонија, како што се „Денови на македонската музика”, „Скопско лето”, „Битолско културно лето”, „Хераклејски вечери“, „Прилепско лето“, „Денови на полската култура во Македонија”, „Музички вторник“, „Златна лира” и „Интерфест“ – Битола.Таа е добитничка на повеќе државни и меѓународни награди, меѓу кои I награда на Интернационалниот натпревар во Бугарија „Нашите деца го свират Бах” и Специјалната награда „Стефан Трајанов” на истиот натпревар. Како солистка, има настапувано со Македонската филхармонија и со Симфонискиот оркестар на Факултетот за музичка уметност. Димовска е активна и како камерен музичар, а во 2005 година, заедно со саксофонистот Боби Коминовски, снимила и ЦД. Таа редовно посетува семинари и мастер-класови кај светски реномирани пијанисти. Од 2000 година, Димовска работи како професор по пијано во Државното музичко училиште во Битола.
Како пијано дуо, Божиновска и Димовска делуваат од 2009 година, изведувајќи репертоар што се движи од барок до современа музика. Дуото има одржано бројни рецитали низ Македонија и на меѓународни фестивали, а во 2021 година освои I награда на Интернационалниот натпревар „Соправиста“ во Италија.Нивната концертна активност вклучува настапи на престижни фестивали како „Интерфест“, „Битфест“, „Златна лира“, и „Прилепско културно лето“.