-
19.10.2024
-
Концерти, Актуелно
Вторник, 22 октомври, 20 часот, Музеј на македонската борба
Програма: Франц Шуберт, Филип Иванов, Петар Илич Чајковски
Пијанистката Елена Атанасовска-Ивановска е една од најистакнатите и најпризнати македонски уметници, препознатлива по својот префинет звук, елегантен израз и неверојатна продуктивност, што се огледува во бројните нејзини настапи како во Македонија, така и на меѓународно ниво.
Елена настапувала како солист и камерен музичар во многу земји, вклучувајќи Грција, Србија, Бугарија, Русија, САД, Шпанија, Италија, Португалија, Франција, Босна и Херцеговина, и Косово. Таа има значајни настапи на домашни реномирани фестивали како „Охридско Лето“, „Скопско Лето“, „Есенски музички свечености“, „Денови на Македонска музика“, „Битолско Лето“, „Гевгелиска есен“, но и на меѓународни фестивали како „Сараевска Зима“ во Босна и Херцеговина, „Festival de Musica do Palácio da Bolsa“ во Португалија, „Festival de Musica de Sant Pere de Rodes“ во Шпанија и „Carniarmonie“ во Италија.На покана на Музичкото училиште М. А. Балакирјев во Москва, Елена беше член на жири на меѓународниот натпревар за „Славјанска музика“, во категоријата пијано.
Како камерен музичар, редовно соработува со македонски уметници како пијанистката Марија Ѓошевска, обоистката Гордана Јосифова-Неделковска, баритонот Горан Начевски и кларинетистот Ристо Ѓоревски. Покрај тоа, нејзините настапи со реномирани странски музичари како кларинетистите Сергеј Петров, Јан Јакуб Бокун и Пјер Генисон, пијанистот Бертранд Жиро, флејтистот Дејан Гавриќ, виолинистот Ханс-Петер Хофман, баритонот Хонжу Чен и сопранот Тери Роудс дополнително го збогатуваат нејзиниот уметнички опус.
Како солист, таа исто така има настапувано со Македонската филхармонија и Камерниот оркестар на Музичка младина на Македонија. Елена активно снима аудио записи, а покрај нејзините компакт дискови во соработка со Марија Ѓошевска и Ристо Ѓоревски, таа е редовен соработник на оркестарот за филмска музика F.A.M.E.S. и има издадено компакт диск со музика од шведската кралска династија Бернадот за полската продукциска куќа DUX.
Нејзината пијанистичка кариера започнала во класата на Лепа Мрмевска, а дипломирала со највисока оцена Cum Laude на Факултетот за музичка уметност во Скопје под менторство на еминентниот Борис Романов. Во неговата класа ги завршила и постдипломските и докторските студии. Со докторската теза „Застапеноста на Биофидбек методата како начин за подобрување на музичките перформанси кај студентите по пијано во Р. Македонија“, стекнала степен Доктор на науки.
За време на своето образование, Елена освојувала бројни први награди на државни и меѓународни натпревари во Италија, Бугарија и Србија. Таа има посетувано пијано семинари и мајсторски курсеви кај врвни професори како Б. Романов, С. Доренски, А. Бондурјански, Љ. Рошчина, А. Валдма, Ј. Михаиловиќ, М. Молова и Н. Макарова. Моментално, Елена Атанасовска-Ивановска е вонреден професор на Катедрата за клавишни инструменти при Факултетот за музичка уметност во Скопје.
Влезот на концертот е слободен.