Вторник, 29 октомври, 20 часот
Музеј на македонската борба
Програма: Ф. А. Бонпорти, Ј. С. Бах, А. Вивалди, Ф. М. Лопез, Х. И. Ф. Бибер
Владимир Костов (Битола, 1975), каде го започнува своето музичко образование. Дипломира и магистрира на Факултетот за музичка уметност во Скопје под менторство на проф. Михајло Куфујонакис. Се усовршува кај реномирани педагози како Сихана Бадивуку, Благоја Димчевски, Ирина Бочкова и Наталија Пришепенко, и посетува мајсторски курсеви со светски познати квартети како „Медичи“, „Артемис“ и „Миро“.
Во 1999 година, како единствен претставник од Македонија, е дел од Светскиот оркестар на Музичката младина, настапувајќи на турнеи низ Европа, Америка и Азија под водство на врвни диригенти и солисти, вклучувајќи ги Јаков Крајцберг, Курт Мазур, Ана Софи Мутер и Џејмс Енес. Свири во престижни концертни сали како Берлинската филхармонија, Линколн Центарот и Гевандхаус.
Како страстен камерен музичар, Костов е член на повеќе ансамбли, меѓу кои камерниот оркестар „Алеа“, квартетот „Бревис“ и ансамблот „Кон Темпора“. Тој е основач на клавирското трио „ВАМ“. Настапува со Македонската филхармонија и е концерт-мајстор на меѓународниот оркестар „No Borders“, со кој во 2021 година настапува и како солист. Добитник е на наградата „Георги Божиков“.
Основач е на фестивалот „Виолин Фест“. Работи како концерт-мајстор на Македонската филхармонија и професор на Факултетот за музичка уметност во Скопје.
Цветанка Созовска (Скопје, 1975) дипломира пијано во класата на Борис Романов на Факултетот за музичка уметност во Скопје. Своето усовршување го продолжува на Кралскиот Конзерваториум во Хаг, Холандија, каде се специјализира за чембало и барокна музика на Одделот за стара музика, под водство на светски познатиот чембалист Жак Ох. Во 2002 година се стекнува со титулата магистер по музика.
Како солист, камерен и оркестарски музичар, настапувала на бројни концерти низ Европа и Јужна Кореја. Била член на Барокниот оркестар на Европската Унија во сезоната 2002-2003, каде соработува со музичари како Фабио Бјонди и Рајнхард Гебел. Во 2004 година работи како корепетитор на Летниот фестивал „Каза де Матеуш“ во Португалија, заедно со барокни експерти како Вилберт Хазелзет, Паоло Пандолфо и Марк Деструбе. Настапува и на турнеи со ансамбли како „Барокопера Амстердам“ низ Франција и со Оркестарот од Кадакеш во Шпанија под диригентството на Сер Невил Маринер.
Цветанка е дел од интернационални ансамбли и оркестри како „Театро ала мода“ и „Џардино Музикале“, со кои редовно настапува во Холандија и Европа. Често е дел од Интернационалниот барокен оркестар на Исланд, каде настапува на проекти во Рејкјавик и пошироко.
Покрај нејзината изведувачка дејност, таа има богата педагошка кариера. Цветанка е професор по чембало во Утрешкиот центар за уметности и веќе 10 години работи како корепетитор на чембало во Одделот за историска изведба на Конзерваториумот во Утрехт. Во последните 15 години предава пијано во Меѓународното училиште на Хаг, а паралелно работи со ученици од различни школи и возрасни аматери.
Таа е активен хорски диригент, води хорови од различни жанрови – од класична музика, џез и поп, до традиционална музика од целиот свет. Како член на стручното жири на Флоренс натпреварот за млади таленти во Хаг, редовно придонесува кон развојот на нови музички таленти.
Концертот на „Златна лира“ ќе ја обележи првата соработка помеѓу Цветанка Созовска и Владимир Костов во изведба на барокна музика на македонската сцена. Иако долго време делат пријателство и заедничка љубов кон овој музички жанр, ова ќе биде нивното прво заедничко претставување пред домашната публика, каде ќе ја спојат својата индивидуална експертиза и пасија за барокот во незаборавно музичко искуство.
Влезот на концертот е слободен.